20 Април, 2024
0.0291

Манифести, меморандуми, апели - Кој би ги прекинал преговорите за името?

Објавено во: Анализа 17 Февруари, 2018

Добивај вести на Viber

Низ изминативе десетина години произлегле поголем број на граѓански документи иницирани претежно од професори, писатели, актери, самопрогласени патриоти, тврдокорни претставници на дијаспората кои никогаш не дошле во Македонија од Мелбурн, Торонто. „Шикаго“ и други центри и по некој академик. 

Секако, меѓу иницијаторите за прекин на преговорите за името во Обединетите нации секогаш имало угледни луѓе со авторитет, но и многумина кои ја користеле оваа „платформа“ за себепромоција, за кревање на тензиите во Македонија од удобноста на животот во Австралија, Канада или Америка, како и во сенката на некогашната власт која имаше полза од вакви изливи на патриотизам кога преговорите за името ќе допреа безнадежна точка. Така и сега излегоа на површина нови манифести, меморандуми, апели од професори и патриотри за стопирање на преговорите со Грција за уставното име на Република Македонија. 

Следен чекор на ваква тешка и најверојатно сериозна одлука е да се постави нашето прашање на Генералното собрание на ОН за што е потребно огромно лобирање и наоѓање на сојузници кои би ја осудиле Грција за непочитување на меѓународното право, досега потпишаните меѓународни договори и донесените резолуции. 

И тоа е голем ризик на кој уште повеќе ќе биде подготвена Грција која има моќна дипломатска служба и веќе добро го менаџира целиот процес на преговори со тоа што е проактивна, пренесува милион информации дневно и има свој наратив кој го наметнува, за разлика од македонската дипломатија која претежно мудро молчи и не сака да ја поматува водата, односно се воздржува од било какви изјави кои може да бидат сфатени како провокации и целосно е посветена на фер однос во преговорите кои не сакаат да се одвиваат преку медиумите и јавноста иако за најклучните прашања засега даваат јавни информации секако без детали.

Вакви потези гледавме и во минатото, особено во 2008 година кога имаше и жестоки протести во Македонија на кои се истури гневот кон Грција, но сега јавноста речиси и воопшто да не се труди да покаже револт или гнев кон актуелната политика без поголеми протести и интезивни критики за тоа како досега се водат преговорите за кои има голема шанса да доведат во решение. Во секој случај во целост ви го пренесуваме најновиот апел на професори, уметници, активисти, македонци во дијаспората и академици упатен до самата власт за итно преиспитување на преговорите со Грција и која е целта која треба да се постигне. 

ШЧО НАПРАИФМЕ И ШЧО ТРЕБИТ ДА ПРАИМЕ ЗА ОДНАПРЕД?

Длабоко загрижени и вознемирени од начинот на кој Владата на Република Македонија го води процесот на разговори со Република Грција околу нашето уставно име и национален идентитет, чувствуваме историска одговорност да не молчиме и да ѝ се обратиме на целата македонска и светска јавност, во духот на мислата на Мисирков: шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?

Сакаме да истакнеме дека:

1) Република Македонија е мирољубива членка на меѓународната заедница, и нема ниту еден активен спор со ниту една држава членка на ОН. Нашето право на самоопределување и на самоидентификација не потекнуваат од 1991 година, туку се резултат на историски процес на самоафирмација и на борба за сопствена држава која симболично започна со првиот Илинден во 1903 година, а беше крунисана со вториот – со Заседанието на АСНОМ од 1944 година. Третиот Илинден, од 8 Септември 1991 година беше само чин на континуитет, легитимиран со наодите на Извештајот на Бадинтеровата комисија и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година.

2) Приемот на Република Македонија во ОН беше извршен со флагрантно кршење на Повелбата, при што на државата ѝ беа наметнати два дополнителни и згора нелегални услова – обврска во меѓународните односи да биде претставувана под референцата „БЈРМ“, како и да разговара со Грција околу разликите во врска со името. Поради слабоста на државата, неспособната дипломатија и плашливото и субмисивно државно водство, разговорите прераснаа во преговори. Денеска сме исправени пред ултиматум да го промениме уставното име на државата, нашата заедничка политичка заедница.

3) Одлучувањето за ова прашање излегува од рамките на уставот утврдените надлежности на носителите на власта. Никој, вклучително и Владата, Собранието и Претседателот на Републиката, нема уставно овластување да одлучува за промена на името, дури и ако е „само“ за меѓународна употреба. Ветувањето дека народот ќе одлучи на референдум, исто така, не е засновано ниту на Устав ниту на закон, бидејќи за промена на името на државата, а особено за одредбите за идентитетот, не постои норма од позитивното право за распишување референдум, ниту консултативен ниту задолжителен.

4) Во изминатите 27 години, дури 137 држави нѐ признаа под уставното име, а нашите официјални државни претставници во меѓународната комуникација го користат уставното име (the Republic of Macedonia, во англиската комуникација). Интелектуалците, културните работници, писатели, научници, уметници, лекари и професионалци од сите области, со своите меѓународни постигнувања успеаја да се изборат нивните колеги и партнери да ги почитуваат и да ги ословуваат на начин вообичаен за сите други државјани на трети земји.

Оттука, сведочејќи дека Владата не ги користи сите правни, политички и морални адути што се недвосмислено на страната на Република Македонија, прашуваме:

1) Зошто молчите во врска со Бадинтеровиот извештај?

2) Зошто се однесувате како виновник/ иредентист кога в рака ја имате пресудата на Меѓународниот суд на ОН, во која експлицитно се аргументира дека ниту едно дејствие на нашата држава не е или не било иредентистичко?

3) Кој ве овластил да преговарате за името и за идентитетот?

4) Зошто вршите притисок врз јавноста дека е ова историски миг за влез во НАТО, кога фактите зборуваат дека самит не е потребен доколку членките на НАТО одлучат да ја примат земјата без уцени, согласно со Времената спогодба и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата на ОН?

5) Без политичка визија, храброст и доблест, вие, политичарите и од власта и од опозицијата, се обидувате да задушите секаква суштинска дебата и да избегнете отчет пред граѓаните, за чиј идентитет преговарате. Дали и ова прашање планирате да го „киднапирате“ и да го решавате вонинституционално и вонуставно, доведувајќи ја јавноста пред свршен чин?

Цениме дека е израз на крајна политичка ароганција, граѓаните да се третираат како поданици или како инфантилни, и од нив да се крие за што, всушност, се преговара. Недемократско е замолчувањето на оние што не се согласуваат со преговорите, преку етикетирање – директно или индиректно – на националисти, реакционерни елементи и антизападно ориентирани кругови.

Укажуваме дека на овој начин власта се отуѓува од сопствениот народ (демос), ставајќи го како влог сето она за што многу генерации умирале во зандани или на бојно поле со името „Македонија“ на устите, а уште повеќе сето она што е изградено и со што Република Македонија е афирмирана надвор од нејзините граници благодарение на успесите на нејзините највредни научници, професионалци, спортисти, уметници и други, без оглед на етничкото потекло.

Граѓаните имаат ПРАВО да бидат информирани, и никакви причини на дипломатска тајновитост не можат да се користат како оправдување кога се во прашање права за кои се избориле нашите предци, а не вашите гласачи. Ова се права што му припаѓаат на секој поединец, но и на секој народ на светот, согласно со Повелбата и Универзалната декларација на човековите права на ОН. Од нас се бара нешто што никому никогаш не му се случило, да ја видиме смртта на својот народ во текот на нашиот живот!

Затоа, бараме:

1) Да престанете со пропагандата дека постои национален консензус и дека преговорите се водат „само“ за промена на името на државата. И на обичниот човек му е јасно дека станува збор за македонскиот идентитет, нашиот овде и оној на Македонците што се малцинство не само во Република Грција, туку и во другите соседни земји.

2) Да признаете дека немате ниту елементарна стратегија или изградена позиција за ова прашање! Бараме веднаш да почнете консултации околу пристапот којшто упорно се обидувате да го сокриете. Да ги прекинете преговорите со посредство на Метју Нимиц и да се обратите до Генералното собрание на ОН како единствена меѓународна инстанција во која Република Македонија не е Давид наспроти моќниот Голијат, туку е рамноправна членка со сите држави кои ја признаваат под уставното име; да се стави крај на употребата на референцата и да се донесе резолуција на Генералното собрание на ОН со која на РМ би ѝ се гарантирал непречен прием во меѓународни организации под уставното име.

3) Обидете се да ја сплотите нацијата и да создадете вистински национален консензус околу внатрешните приоритети и демократски вредности, наместо да ѝ давате приоритет на надворешната политика што ја водите по диктат, вршејќи притисок и делејќи ги своите граѓани, а во полза на туѓи геополитички интереси. Свртете се и погледнете го сопствениот двор, затрупан од скршени ветувања и разочарувања. Ниту една меѓународна инстанција нема да може да го направи она што е наша домашна задача, а за што сте првенствено одговорни вие! Убедете ја ЕУ дека имаме капацитет за членство спроведувајќи ги реформите дома! Македонија ни е поважна од која било меѓународна организација!

Предупредуваме дека инсистирањето на ургентно „решавање на спор“ во кој ни Соломон не би се впуштил, директно предизвикувате несигурност, страв и можен внатрешен конфликт. Тргнувајќи од фактот дека Република Македонија е сѐ што имаме, дека таа е нашата единствена политичка заедница, а политичка заедница нема без идентитет, без есенцијални вредности околу кои се создала и кои ги негува, и без демократија и заемно почитување, ние долупотпишаните одлучивме да истапиме јавно во битката за нашите човекови права, достоинство и интегритет кои не се предмет ниту на преговори ниту на пазарења.

Доколку политичарите од власта и опозицијата се оглушат на овие укажувања, треба да имаат предвид дека ќе се соочат со ненасилен отпор и дека ќе бидат запаметени поради нивната недржавничка, капитулантска и предавничка улога од идните генерации Македонци, велат потписниците на апелот.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!