21 Ноември, 2017
0.4343
    ADIN 540    -1.82%     ALK 7350    -0.51%     BESK 10300    0%     CEVI 912    0%     FERS 57750    -2.94%     GRNT 801    -2.95%     KJUBI 1400    -2.78%     KMB 2700    0%     LOTO 600    0%     MPT 26900    -0.37%     MTUR 4224    3%     OHB 4851.54    -0.17%     REPL 54800    0.37%     RMDEN11 96    -0.62%     RMDEN13 96.4    1.47%     RMDEN15 95    0.05%     STBP 600    -0.17%     TETE 1938    4.76%     TNB 13500    -0.01%     TTK 816    0.38%     UNI 1905    0%     ZPKO 2600    -2%

МАТЕН ЈАСЕН

Објавено во: Колумни 04 Јули, 2017

Викендов бев замолен од еден господин да напишам нешто ако знам саглам – или воопшто да не пишувам. Поточно во саботата на полноќ, буден и орен за комуникација со гласачкото тело на градоначалникот Стевче Јакимовски на изненадување и лично ме потсети на мојата Facebook страна дека во животот треба да направам кокошарник?!

Што стои зад оваа кратка, но моќна енигматска порака сеуште се потпрашувам и некој ден се надевам ќе имам можност да го прашам истото во очи мојот сеуште актуелен градоначалник, инаку познат општествено одговорен функционер? И навистина, потрошив цел еден ден мислејќи на неговата старечка мудрост, како и што да напишам за читајќи да не му биде досадно и времето поминато со мене да не го смета за потрошено. Ова донекаде и за да го почувствува вкусот на дружбата бидејќи интуицијата ми вели дека во блиска иднина ваквата дружба низ збор, медиум и настап ќе ни биде сé почеста. Во основа само сакав да го потсетам на некои прашања што ги интересираат граѓаните.

450

Но најпрво, пред да се задлабочиме во слатките маки на општинарски живот еден мал нумерички квиз, всушност мала игра со бројки.Ако сте ентузијаст и го изгуглате бројот четиристотини и педесет на машината која копа по нашиот паралелен и виртуелен живот попознат како интернет веројатно нема да најдете многу значење зад него. Она што е сигурно е дека во Светот го врзуваат со исто толку милиони заболени од ментални заболувања. Висината на Empire State (450м) во NewYork во отсуство на слични, па макар и барокни зданија кај нас добива на значење повеќе како бројка на сиромаштија изразена во илјади. Толкав е бројот на граѓани во нашата земја кои дневно на располагање имаат само еден оброк. За овие луѓе недостапна, а изразена во денари,во Скопје толку може да чини фамилијарна Капри или Македонска пица со која и со лименка Скопско барем на кратко ќе се отргнете од секојдневниот урбан чемер. Единствено во Општина Карпош и само таму бројот четиристотини и педесет значи нешто друго. Веќе ја чувствувам тишината на исчекуваниот одговор измешана со широко отворена љубопитност на очите. Само момент!

Пред четиристотини и педесет часа од прилика дознавме преку медиумите за тоа дека во Општина Карпош 450мизразени во лим се единица мерка за општествена одговорност. Да, и дека со благословот на одговорноста се закити Јасен –“Јавно предузеќе” за управување со т.н. повеќенаменско подрачје и случајно во повеќедневно владение на поранешен еднодневен  министер Оливер Андоновски. Јавноста го дозна ова преку медиумите, а мојата маленкост се просветлив кратко потоа случајно разгледувајќи го сајтот на нашиот вилает, на нашата мила општина.

Валтер брани

Прегледувајќи ја неколку пати неможев да си се изначудам како сум пропуштил таква епска прес-конференција посветена на објаснување на одговорноста (општествената ?!) со Валтер Живоиновиќ во главната роља. Тука нашиот искусен Бата ни скоцка на две, на три дека наскоро не знае дали ни претстои војна, но дека старата ком-инструкција „Да живееме како уште сто години да ќе владее ДПМНЕ, а да се подготвуваме како утре да ќе почне војна” е сеуште актуелна и не фатила прашина и во денешно време. Со јасна мело-драматичната нота ни стави до знаење дека ѓавол ја однел шегата и дека во случај на нуклеарна атака токму таму во стожерот на здружената команда, во бункерот на Јасен рамо до рамо со Хорхе, ќе седат Валтер, Коце Македон, Талески Транспорт и ред други нео-патриоти и ќе диригираат со сенародниот отпор во своите губернии. Од тука е многу логичен патриотскиот порив кој би се јавил кај овие момци да донираат сé, до црното под ноктот, за оваа Македонска Ноева арка подготвена и цврста да го прибере цветот на Македонската власт пред налетот на Армагедонот. “Прозор не сме пасти!” - Избраните мора да преживеат!

Но мојата луцидна, па и детска и често зајадлива радозналост не ги заборава неодговорените прашања, па така и овој пат наспроти крикот и топлиот поглед за време на пресот, клукајдрвецот повторно нескротливо заклука со следниот листинг прашања кој остана да виси неодговорен и после сентименталната експликација на најповиканиот:

Како се случило да останат 450м2 лим во вишок?Дали општинатa планира набавки од ѓутуре? Кој го планирал т.е. кој неиспланирал ваков трошок? Дали се овие квадрати купени со парите на граѓаните на општината без оглед колкава е вредноста? Зошто не се продадени на аукција и парите вратени во буџетот на општината? Дали е општа пракса ЈП да се обраќа на буџетски корисник за донација? Дали потребите на сите семејства кои живеат во трошни објекти и куќи кои имаат потреба од замена на кров во Карпош се задоволени? Ако се веќе донирани дали постои документација за извршено примопредавање? Кој го плати транспортот до Јасен? И така натаму до недоглед.

Патем Јакимовски реши да ја подучува Министерката Шекеринска, како што вели тој Министерка за народна одбрана (премногу Партизанска ескадрила или сепак Валтер?), дека не треба да го деранжира лепи Оливер од Јасен.Тоа е слично како на Јакимовски да му забраните да ја праша кафе-куварката Лепа зошто му ставила сол и бибер во кафето!? Тотално кино утро. Дополнителниот ТВ севдах измешан со лекцијата по безбедносна ex-YU топографија во стил на школа за резервни офицери, was so last seasonкако и сé друго со што не просветли на пресот и дополнително беше “храбро” нема што.

Храброст

А тоа Храбро одекнува во сеќавањето. Но исто така ХРАБРО сеуште во контраст и пркосно се издолжува на лимената ограда околу Алумина и на оградите низ Тафталиџе. Лимените ламели немо искривени со наведната глава го избегнуваат погледот на минувачите чекајќи дождот да го измие што побрзо ГРОМ-киот слоган ХРАБРО од нивните ребрасти тела. И тие повеќе не веруваат во него, зошто се нагледаа четири години смушени ноќни обиди на багерите да заријат по меката земја на паркот, моторни пили, отварања и ре-отварања, подметнувања и казнувања и се беше ова само не храбро. Дали можеби и овие неми лимени сведоци по казна ќе завршат во Јасен или таму сепак одат само нови дотерани, пластифицирани, испрани и чисти лимени квадрати кои свечено ги бранат боите на Карпош, како небаре Стевчо испратил ескадрон од лимена војска? Идното време или со малку доблест и сегашното ќе ни ги открие тајните кои ги чува овој толку таинствен и матен Јасен.

Општествена одговорност

Но да се вратиме во сегашниот момент. Што е тоа општествена одговорност? Дајте сите да му објасниме на градоначалникот дека концептот на општествена одговорност е атрибут исклучиво на профитно ориентирани субјекти и може да се најде наоколу како корпоративна или општествена одговорност на претпријатија и никако поинаку. Институции, органи на управата или административни единици кои во сржта на своето постоење ја подразбираат општествената одговорност неможат да бидат дополнително одговорни бидејќи се задолжени да бидат потполно такви. Се помалку од тоа е казниво со закон. Тоа што градоначалникот ја дигна ногата да се поткове и да заличи на фирма ме тера да помислам дека е импровизација и непознавање или пак навистина во меѓувреме Општина Карпош се трансформирала во фирма без знаење на граѓаните. Прашањето е чија?

Дополнително, општествена одговорност во новонастанатата ситуација значи градоначалникот и советниците да надоместат во висина од направената штета на општинскиот буџет. Тоа ќе биде одговорно, и кон општеството и кон граѓаните. Доколку понатаму сакаат да се докажуваат во бенефакторството може да пристапат кон лична општествена одговорност и од сопствени средства да донираат на пример за куќите во Охрид оштетени од последниот вчерашен потрес или пак за клима уреди на Клиниката за онкологија. Пред неколку дена бев сведок на трауматско искуство на најтешките болни кои во оваа болница на температури над четириесет целзиуси се борат за своето здравје, но и со тропските жештини. Ситуација која е наследена од прославената здравствена реформа на Тодоров и останатите компањони на Стевче и која едноставно не е фер кон овие хоспитализирани лица. Овој проблем навистина заслужува донација, наспроти донацијата направена за ловниот резерват на фамилијата. Но повторно, не од буџетот на општината туку од нив самите или од нивните фирми.

Дотогаш порака и потсетување на сите градоначалници дека граѓаните, посебно сега во очи на изборите будно ве следат и дека имотот на општината е нивни имот и ниту е на продажба, а ниту е предмет за крчмење. Како граѓани ве повикувам да останеме будни, да бидеме коректив и да ги превенираме сите недоследности и превиди во работењето на градската и општинските администрации бидејќи тоа им го должиме на новите генерации.

За крај ве повикувам да ни се придружите - сите граѓани на Карпош и Скопје,на ПРОТЕСТЕН МАРШ за ЗЕЛЕНО ТАФТАЛИЏЕ кој ќе се одржи во СРЕДА (05.Јули) со почеток во 19:00 ч. Маршот ќе започне на паркингот кај Асиба на ул.Лондонска, Тафталиџе 1 (Наспроти City Mall). ПОЗДРАВ И СЕ ГЛЕДАМЕ!

Пишува: Д-р Анте Попоски

Можеби ќе ве интересира

Заев е марионета, рекоа во хор марионетски фановите на Груевски

Заев е марионета, рекоа во хор марионетски фановите на Груевски

Хипокризија на толеранцијата

Хипокризија на толеранцијата

САД-Русија: Око за око, заб за заб и за медиумите

САД-Русија: Око за око, заб за заб и за медиумите

ИНТЕГРИРАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО ПРЕХРАМБЕНИОТ СИНЏИР

ИНТЕГРИРАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО ПРЕХРАМБЕНИОТ СИНЏИР