McDonald's продава 80% од бизнисите во Кина и Хонг Конг
Објавено во: Финансии 11 Јануари, 2017
Американскиот синџир ресторани за брза храна McDonald's продава 80% од својот бизнис во Кина и Хонг Конг, како дел од планот да ги прошири своите франшизи за рестораните по целиот свет, пишува BBC.
Кинеската државна инвестициона група Citic и американскиот приватен инвестициски фонд Carlyle Group ќе ја преземат контролата на операциите по договорот вреден 2,1 милијарди долари.
McDonald's поседува и управува околу 65% од своите 2000 објекти во Кина, а франшизата му овозможува на синџирот да прибира дел од приходите од продажба, а во исто време ги намалува оперативните трошоци.
Синџирот за брза храна се обидува да ги насочи своите глобални операции, а промената на сопственичката структура е суштински дел од оваа реконструкција.
Во март минатата година компанијата објави дека бара партнери кои ќе и помогнат за отворање на уште 1.500 ресторани во Кина, Хонг Конг и Јужна Кореја во следните пет години.
Според договорот потпишан во понеделникот, американскиот синџир за брза храна ќе задржи 20-процентен удел во кинескиот бизнис. Citic ќе поседува 52% од него, додека Caryle добива 28%.
Ривалот Yum Brands, сопственик на KFC и Pizza Hut, исто така го реструктуира својот бизнис во Кина.
И двата бренда се соочуваат со зголемената конкуренција на поевтини локални ресторани, особено во Кина.