20 Април, 2024
0.0284

Менаџерката на Есма Реџепова: Денот ми почнуваше со гласот на Есма, ми недостасува тоа нејзино утринско јавување

Објавено во: Македонија 19 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

“Мојата соработка со Есма и нејзиниот покоен сопруг Стево Теодосиевски започна во  далечната 1993 година, кога јас, како вработена во „Аурора„ бев испратена во нивниот дом, како техничко лице, кое ќе работи на реализација на Првиот интернационален Ромски Фестивал „Шутка Фест“. Кога требаше прв пат да отидам во нивниот дом, некако како да имав трема, наеднаш пред мене ќе се најдат двајца уметници, кои се признати во светски рамки. Никогаш до тогаш не сум имала можност да се сретнам во личности од таа величина. Но бев пријатно изненадена, затоа што ме дочекаа срдечно и топло и широко ми ја отворија вратата на нивниот дом”- ова се дел од сеќавањата на Весна Ѓорѓиевска, долгогодишната менаџерка на кралицата на ромската музика, Есма Реџепова. Материјалните вредности вели менаџерката и една од нејзините најверни пријателки,  воопшто не биле важни за Есма. Таа  премногу ја ценела  човечноста и хуманоста, сo огромна желба  да помага, да дарува. За тоа говори и нејзината позната мисла -„Ако имаш две, едно подели го со тој што нема“-додава Ѓорѓиевска.

“Есма беше призната и исклучително ценета личност, слободно можам да кажам во однос на пеењето далеку повеќе беше ценета во светот, отколку дома. Во Македонија, барем во овој период колку што јас ја знам далеку повеќе беше призната како хуманитарец. За време на нашата долгогодишна соработка бев со Есма на многу патувања низ светот. Имаше и непредвидени ситуации, како доцнење на авиони, дефект на комбе и сл, но таа беше најтрпелива од сите нас, ништо не можеше да ја изненади, знаеше да каже, тоа е дел од непредвиденото и смирено да чека нова авионска врска или да чека да се организира поправка на возилото”- раскажува Ѓорѓиевска.

Иако тагата и болката за загубата  се сеуште свежи и тешки,за својата пријателка Есма, Ѓорѓиевска се сеќава како личност која била многу едноставна. Тивка и трпелива, со големо срце, кое знаело и да сака и да простува.

“За време на нашите патувања по разни фестивали имав можност да запознаам многу уметници, кои беа полни хирови, пребирливи, нервозни, арогантни. Есма беше два пати поголема величина од нив, но пред се беше човек, полна со разбирање. Секоја обврска што и беше дадена ја одработуваше со леснотија и крајна посветеност и одговорност. Есма никогаш не задоцни на закажана прес конференција, Есма никогаш не одби соработка со медиумите, Есма никогаш не откажа концерт. Беше вистински професионалец, која на помладите генерации може да им служи само за пример”- додава Ѓорѓиевска.

На нејзините настапи дома и надвор од границите Есма со својата појава, едноставност, харизма и настап го привлекувала сето внимание. Публиката и љубителите на нејзината песна останувале маѓепсани.

“Ми беше големо задоволство да работам со Есма. Есма имаше две лица, едното на сцена, а другото приватно. На сцена беше енергична, темпераментна, вледееше со сцената, имаше еден неверојатен флуид кој го воспоставуваше со публиката. Приватно беше нешто друго, тивка, трпелива, вредна, полна топлина и разбирање за сите, секогаш подготвена да му помогне на секој кому му треба помош”- додава Весна Ѓорѓиевска.

Со Есма вели таа  биле  заедно  во добро и во лошо. Таа иако ѕвезда од светски калибар, секогаш со насмевка на своето лице  знаела бескрајно да се радува, но и бескрајно да тагува.

“Заедно ја поминавме тагата по нејзиниот Стево. Беше скршена, без волја за живот. Тогаш сакаше и да ја прекине кариерата. Мислеше дека нема да може да продолжи без Стево. Во целата таа ситуација на тага и болка имаше и договор за турнеја во САД. После два месеци од смртта на Стево јас седнав да разговарам со неа за турнејата, објаснувајќи и кои пенали треба да се платат доколку се откаже турнејата, а воедно потсетувајќи ја и на последната желба на Стево, која беше да не се престане со пеењето. Таа ја прифати обврската и од тогаш, па се до пред еден месец не престана со пеењето”-потенцира менаџерката.

Покрај обврските, настапите, обожавателите,  Есма секогаш своето време се обидувала да го прилагоди на своите деца. 47 на број. Секое да го добие своето внимание, љубов, разбирање и правец низ животот.

“Кога ја запознав Есма во нејзиниот дом беше само нејзиниот син Симеон Атанасов, за набргу да дојдат Јовица Стојков и Денис Зекировски. Стево, како татко на тие деца ја покажуваше строгоста, а Есма беше таа што беше попустлива, ја правеше со нив таа блискост на мајка, а со самото тоа децата и се доверуваа имаа доверба во неа. Односот кон тие деца беше многу нормален, како во секое семејство. Ги делеа домашните обврски, се знаеше кој треба да купи леб, кога се свири, кога се јаде. Владееше еден беспрекорен ред. Најважно од се е што сите нејзини деца се занимаваат со музика. Многу од нив имаат свои оркестри и се познати музичари. Ги има во Швајцарија, Германија, Америка, на просторите на поранешна Југославија и секако во Македонија. До самиот крај на нејзиниот живот имаше одличен контакт со сите нив. Доаѓаа да ја посетат, се јавуваа на телефон. Сите што беа во можност дојдоа да ја испратат до нејзиното вечно почивалиште”- раскажува Ѓорѓиевска.

Хуманоста беше  нејзин заштитен знак.  Помагала на многумина но никогаш ништо на берала за возврат.Сакала да помогне онаму каде е најпотребно.

“Многу едноставно, го вадеше паричникот и му даваше пари на секој просјак, на секое дете кое брише шофершајбни на семафори. Но знаеше и контролирано да донира на установи. Во многу наврати донираше во Специјалниот Завод Демир Капија, на Детската клиника во Скопје, делеше хуманитарна помош и помагаше во згрижување на бегалци за време на војната во поранешна Југославија”- додава менаџерката.

За секој нејзин настап, концерт, се водела прецизна документација. На концертите на Есма низ светот претежно доаѓала странска публика, која се воодушевувала  на нејзиниот раскошен глас.

“Можам да кажам за последните 23 години, се води евиденција за секој настап и секој поединечно внимателно се подготвуваше. Во овој период имаше околу 2500 концерти, каде што во 2001 година имаше рекордни, за моето работење 200 концерти, како промоција на ЦД The Queen of the Gypsies. Насекаде беше пречекувана баш како Кралица. Има многу случки, но мене некако ми е тешко да поверувам дека не е повеќе меѓу нас. Пред само еден месец бевме на турнеја во Швајцарија, се ми е испомешано, дури ми беше многу тешко и сега да одговарам во минато време. Не би можела да издвојам нешто посебно. Есма беше дел од моето секојдневие. Како голем професионалец, го почнуваше денот со јавуваше да ме праша дали има обврски тој ден. Ми недостасува тоа нејзино утринско јавување”- вели менаџерката на Есма Реџепова.

Од Есма можат да учат идните генерации. Таа беше и ќе остане симбол на хуманоста, на разбирањето и едноставноста. Ѓорѓиевска вели дека ромската музичка кралица среќна ја правеле  малите нешта, внимание,искрена честитка.

Јавноста сеуште е во шок. Многумина  сеуште неможат да сватат дека ја нема Есма која  зад себе остави околу 600 снимени песни на различни носачи на звук, 10 студиски албуми, многу часови видео материјал, филмот „Запеј Македонијо“. Зад себе ги остави и своите деца, нешто што го сметаше за најголемо богатсво. Остави и недовршен албум, кој го снимаше со Nune Brothers.

“Замина тивко онака каков што и беше и приватниот живот, без никому да каже нешто”-завршува Ѓорѓиевска.

С.Б. 

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите