Меркел повика да се бараат компромиси со Трамп
Објавено во: Свет 21 Јануари, 2017
Kaнцеларката на Германија, Ангела Меркел повика денеска за стремеж кон компромиси со новиот претседател на САД, Доналд Трамп за прашања како трговија и трошоците за одбраната, пренесе Ројтерс.
Денеска, ден по преземањето на Трамп на функцијата, конзервативката Меркел рече дека во говорот при стапувањето на должност јасно ги изразил своите убедувања.
„Цврсто верувам дека најдобро за сите нас е да работиме заедно, врз основа на правила, заеднички вредности и заеднички активности во меѓународниот економски систем, во меѓународниот трговски систем и да придонесуваме за воените сојузи"- рече Меркел на прес-конференцијата.
Таа додаде дека трансатлантските односи "нема да бидат помалку важни во следните години, отколку што беа во претходните". Канцеларот на Германија вети дека ќе работи за зачувување на односите, дури и ако има различни мислења, при што "компромисите и одлуките најлесно ќе се најдат кога ќе разменуваат идеи со почит".
Односите со САД, кои се најголем трговски партнер на САД, најверојатно ќе бидат жешка тема во кампањата пред изборите во Германија во септември, забележа Ројтерс.