20 Август, 2017
0.2974

Миноски не потпишува субвенции: Крах на буџетот или страв од законот?

Објавено во: Агробизнис 11 Април, 2017

Молк од Министерството за финансии, зошто сеуште не се исплаќаат субвенциите за земјоделците. Фактор побара одговор од финансии зошто нема исплата и дали во Буџетот има пари за субвенциите, но одговор засега не добивме. 

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Игор Златков ги потпишува барањата за субвенции и како што изјави неодамна веќе ги испратил дел од налозите за исплата до финансии. Земјоделците велат дека биле во Платежната агенција и лично се увериле дека налозите за исплата се потпишуваат, но за нив е нејасно зошто сега исплатата ја кочи министерот за финансии Кирил Миноски. 

„Прво оправдување беше дека законски оти немало нова Влада па не можело да се врши исплата, се надмина тоа, потоа се бараше нов директор на Платежната агенција, се најде и директор, па тој немал положено испит по англиски, го положи и испитот, и сега што е работата? Зошто Министерството за финансии ја кочи исплатата? На последната средба со министерот за земјоделство Михаил Цветков ни кажа дека сите проблеми се надминати.Ние неколку земјоделци лично бевме до Платежната агенција и видовме дека има цели купови со барања кои директорот Златков ги потпишал. И министерот Цветков кажа дека има 100 милиони евра за исплата на субвенциите, каде се тие пари сега? Ние сме во полн ек на пролетната сеидба, ама тешко оди без пари“, вели Драги  Мицкоски, претседател на здружението Аграр од Прилеп.

Држвата им должи на земјоделците субвенции за 2015 и 2016 година. Од Платежната агенција најавија дека прво ќе се исплаќаат субвенциите за 2015 година а потоа за 2016 година. Ова покажува дека 2015 година сеуште не е расчистена. Инаку исплатата на субвенциите се врши во две календарски години. Така субвенциите за 2015 година според календарот за исплата требало да заврши лани на крајот на јуни. Земјоделците велат дека се револтирани од односот на владата и предупредуваат дека ќе излезат на нови протести.

„Очигледно е дека манипулираат со нас и дека нема пари во Буџетот, затоа и не се врши исплатата. Каде се 100-те милиони евра што ги кажа министерот Цветков?Нас овие субвенции ни требаат сега, кога сме во ек на производствена сезона. Кај нас градинарите сега се јави дополнителен проблем со откупната цена на зелката која од 40 денари за килограм се намали на 20 денари за килограм, кој ќе ни ги покрие трошоците? Денеска ќе се договориме што ќе правиме, не е исклучена можноста за нови протести“, вели Ристо Велков од Сојузот на синдикати на земјоделци.

Деновиве министерот за земјоделство Михаил Цветков, за телевизија 24 изјави дека пари има, но оти најверојатно има некои  технички проблеми во министерството за финансии.

„Не можам да кажам за министерот за финансии кои му се проблемите, кои му се техничките причини. Значи нема други причини бидејќи парите се обезбедени со програмата, ги има во буџетот, значи има некои технички причини. За ден, два три, тие сигурно ќе се надминат. Бидејќи ние сега знаете колку време имавме проблеми со Платежната агенција каде директори се менуваа, додека да се воспостави еден ред. Така што и ова за еден ден, два ќе се расчисти и секако дека парите ќе ги добијат“, изјави Цветков минатата недела. 

Претходно министерот за финансии Кирил Миноски изјави дека трезорот работи согласно на дневната ликвидност и  во зависност од тоа ќе се извршело планирање на сретства и исплата. Дел од земјоделците коментираат дека според информациите до кои дошле од извори од финансии, исплатата на субвенциите ќе почека, оти приоритет за исплата биле платите и пензиите. Сепак според други информации спорна е и законската регулатива, па Миноски наводно стравувал дека новата Влада може да протолкува дека подлеба на субвенциите сега е сепак незаконска.

Досега земјоделските здруженија на актуелната влада и дадоа неколку рокови за да најде начин како да продолжи исплатата на субвенциите, која е стопирана веќе шест месеци оти се чека нова Влада. Од првиот рок што го дадоа, помина повеќе од еден месец, а земјоделците не видоа пари на сметка. Прво се чекаше мислење од Антикорупциската комисија, која поизвесен период даде зелено светло за да продолжи исплатата. Потоа по оставката на директорката на Плаетежната агенција Билјана Вуковиќ, се бараше нов директор. Првиот кој го постави Владата, за пет дена си даде оставка, па се бараше нов.  Откако одлуката падна на сегашниот директор Златков, неговата функција не можеше да се официјализира оти немаше сертификат за англиски јазик, па се чекаше да го положи испитот. Сите ови случувања само дополнително ја пролонгираа исплатата на субвенциите. Сега откако се решија сите пречки, исплатата заглави во министерството за финансии. Минатата недела дел од земјоделците излегоа на протести пред подрачните единици на Министерството за земјоделство, но залудно, пари на сметка сеуште немаат.

Според податоците од Платежната агенција, од вкупната сума за субвенции за 2016 година во износ од 89,7 милиони евра, до октомври лани се исплатени околу 34 милиони евра од кои најголемиот дел се за 2015 година, а мал дел се за 2016 година. Субвенции добиле дел од лозарите и оризопроизводителите, а останатите треба да добијат до последниот рок за исплата односно  30 јуни. За оваа 2017 година се планирани 99,4 милиони еврасубвенции. 

Т.Т


Можеби ќе ве интересира

Потпишан договорот за проектот за Реонизација на земјоделското производство

Потпишан договорот за проектот за Реонизација на земјоделското производство

Исплатени над 5,7 милиони евра субвенции за земјоделците

Исплатени над 5,7 милиони евра субвенции за земјоделците

Економисти направиле одличен бизнис, извезуваат во странство

Економисти направиле одличен бизнис, извезуваат во странство

МЗШВ даде согласност за враќање на делумна забрана за движење во шуми, целосната забрана останува само за Македонски Брод и Чашка

МЗШВ даде согласност за враќање на делумна забрана за движење во шуми, целосната забрана останува само за Македонски Брод и Чашка

Николовски најави дека месецов сите земјоделци ќе ги добијат субвенциите

Николовски најави дека месецов сите земјоделци ќе ги добијат субвенциите

Овие мерки се преземени од МЗШВ за справување со пожарите

Овие мерки се преземени од МЗШВ за справување со пожарите