19 Април, 2024
0.0246

Минските договори умираат, Украина се самораспаѓа?

Објавено во: Колумни 17 Март, 2017

Добивај вести на Viber

Во средата Украина во целост ја прекина трговијата со самопрогласените републики во Доњецката и  Луганската област. Вчера украинскиот претседател Петар Порошенко изјави за прекина на превоз на сите  видови товар од и кон териториите кои не се под контрола на официјален Киев. Забраната ќе важи до целосен прекин на огнот, повлекување на тешкото оружје во Донбас, а исто така и до враќање на  „заробените претпријатија“. Истиот ден Порошенко одобри воведување санкции кон пет банки со руски државен капитал. Станува збор за банки-ќерки на неколку руски големи банки кои работат во Украина.

Носењето на овие одлуки значи крај за минските договори, кои практично умираат, ако не се и мртви, бидејќи не се спроведуваат.Истовремено одлуките носат опасност од самораспаѓање на Украина. Како да им се дава знак на лидерите на самопрогласените републики својата иднина да ја бараат на друго место. Поточно, деловите кои не се под украинска контрола на овој начин се даваат во рацете на Русија.

Претседателот Порошенко, како да сака со изолацијата на не под контролните територии, да го затвори финансискиот вентил кон нив. Но цената за тоа ќе биде преголема. Досега од тиетеритории се плаќаа даноци во украинска такаса, се добиваше евтино гориво, квалитетен јаглен, но и се извезуваа челични производи.  Сега одеднаш двете одвоени републики ќе мораат да водат сметка каде да ги пласираат овие производи. Штетата за Украина ќе биде голема. Но не само материјалната. Може да се случи и територијална.

Може да се претпостави дека Порошенко и немаше друг излез во ситуацијата која зовриваше таму последниве месеци. Доброволните украински бригади, добро вооружени, кои се на линијата на фронтот, претежно составени од припадници на воени формации со националистичките предзнак,веќе подолг период ги блокираа превозите на товарите кон и од самопрогласените републики. Како во товарниот, така и во железничкиот сообраќај.

Одговорот од другата страна на границата беше заземање на големите претпријатија и стопанисување со нив во име на народот. На тој начин најголем губитник беше олигархот Ринат Ахметов, кој е сопственик на многу рудници и железарници. И на фудбалскиот клуб „Дњепар“. Националистички определените вооружени доброволци подолго време му беа кивни на Ахметов. И го обвинуваа, демек, тие водат борба со сепаратисти, а тој си ги чува претпријатијата на тие територии, па дури и стопанисува и остварува добивка. А вработените во нив се против Украина. Можеби во сето ова има зрно вистина, но би можело да се зборува и за пресметка меѓу олигарсите и власта. Ахметов, за разлика од некои други олигарси, на кои Порошенко им ја скрои капата, остана нечепнат. Сега како да дојде време за пресметка и со него. Па и блокадите можат да се окарактеризираат како направени по нарачка.Како и да е Ахметов ќе биде голем губитник.

Но не помала вистина е и фактот дека Порошенко се плаши од националистите, особено кога се вооружени и се закануваат дека ќе го напуштат фронтот и ќе тргнат на Киев. Се споменува и „трет Мајдан“. Порошенко направи обид, преку полицијата да ги отстрани блокадите, дојде до пресметки, но обидот не успеа, а заканите од доброволните бригади кон Киев се зголемија. И одеднаш тој носи одлука за прекин на трговијата со самопрогласените републики. Од една страна со полиција ги напаѓа оние кои ги блокираа транспортите, а од друга ги прифаќа нивните цели и носи државна одлука за прекин на трговијата! И притоа знае дека тоа е погубно за земјата. Според податоци на Централната банка на Украина, економскиот раст на Украина за оваа година се планира на три проценти, но поради блокадите на трговијата, тој може да се намали на 1,5 насто.

Националистите се најслабата точка на Порошенко. Тој знае дека тие го собраа кајмакот по падот на Виктор Јанукович и дека колку и да се малубројни се мошне опасни. Дотолку повеќе што во Украина се погласно се зборува против владеењето на претседателот-олигарх. Со попустливата политика кон нив Порошенко само губи, а тие стануваат се погласни. Вчера некои групации од нив потпишаа заеднички Манифест. Тие велат дека не ги коориднираат своите напори, туку ги обединуваат, а целта е „крстоносна војна против власта“. Една од целите е и прогласување на Русија за држава агресор и целосно прекинување на односите со неа. Очигледно Порошенко ќе има тешки денови пред себе.

Опасноста блокадите да на несат штета на Украина ја гледаат и на Запад. Очигледно Украина и ним им ги врзува рацете во поддршката кон неа. Стеј департментот предупреди на негативните последици од одлуката на Порошенко врз Минските договори.  Претставникот на Стејт департментот, Марк Тонер, вчера изјави дека „сегашната ситуација потенцијално има сериозни последици, па затоа ние сакаме решение, мирно решение“. И тоа во „мирен дух и со почитување на целосноста на Украина во нејзините меѓународно признати граници“. Се јавија и од Франција.

„Франција е крајно вознемирена од решенијата донесени од украинската влада на 15 март за воведување на привремена транспортна блокада на истокот на земјата. Ги повикуваме украинските власти да направат се што е можно за симнување на блокадата на железницата во реонот на линијата на судирот“, се вели во сооштението од француското МНР. Оттаму повикуваат да се почитуваат Минските договори. Во руското министерство за надворешни работи, пак, велат дека решението на Киев е „уште еден обид одговорноста за она што се случува да се префрли од болна врз здрава глава“, нагласувајќи дека ескалацијата на напнатоста е провоцирана од самата Украина. Германското министерство за надворешни работи е дури подиректно во оценките. „Тенденциите кон раскол на Украина, кои не прекинуваат, предизвикуваат сериозна вознемиреност“, изјави претставникот на германското МНР, Мартин Шефер. Според него украинските власти наместо да им се спротивстават на националистите-организатори на блокадите, решиле во целост да ја забранат трговската размена со Донбас. „Тоа го засилува расколот“, предупреди тој. 

Што се однесува до санкциите кон „ќерките“ на руските банки, коментарот на поранешниот руски министер за финансии, Алексеј Кудрин, е дека „Таквиот псеудопатриотски чекор битно ќе го влоши финасискиот систем на Украина. Овде, во суштина, ќе има бумеранг ефект“. Ова од причина што руските банки „играат значителна улога во инвестициите“ во украинскиот финасиски систем, смета тој. Русија изјави дека ќе ги заштити своите банки со сите расположиви  и законски средства. Со санкциите се воведува забрана на какви било операции во полза на банките „мајки“, во тие рамки, давање на меѓубанкарски кредити, депозити, купување на хартии од вредност и исплата на дивиденди.

И оваа одлука на украинската власт беше донесена под притисок на националистите. Тие во вторникот во вистинска смисла го заѕидаа влезот во централното седиште на „Збербанка“ во Киев, а некои банкомати од руските банки беа испрскани со пур-пена. Десетици претставници на националистите дежураат пред седиштето на „Збербанка“ во Киев. Раководството на банката се пожали до властите дека полицијата не го спречила тој вандалски чин и побара заштита, но засега не се преземени никакви чекори да се тргне блокадата пред банката.

Ова е уште една потврда на слабоста на Порошенко. Како што тргнало не е чудо во наредниот период националистите да дојдат во Киев и да ја побараат неговата глава. Тие од една мала група, којашто до „вториот Мајдан“ и немаше некое влијание во општеството,постојано растат. Постепено, благодарејќи на нерешавањето на кризата во државата, тие стануваат сила со која ќе мора да се смета утре во политиката. Тие веќе имаат свои претставници во парламентот и во власта, но засега се излолирани од директното носење на некои значајни одлуки. Но тоа не значи дека не влијаат врз нив. Одлуките за банките и за трговската блокада на истокот на земјата се јасен пример. Своевремено Ленин на своитесо партијци им велел:„Ние сме мала партија, но нашата шанса е во продлабочување на кризата во државата. Колку подлабока криза, толку подобро за нас“, Годинава се навршуваат 100 години од Октомвриската револуција. Таа мала партија ја искористи кризата во Империјата и ја урна. Да не се случи такво нешто и со Украина?

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок