24 Април, 2024
0.0267

Мировни сили во Украина?

Објавено во: Колумни 08 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Вторников што измина Русија им прати на претседавачот на Советот за безбедност на ОН Текеде Алему и на генералниот секретар Антонио Гутереш предлог на резолуција за разместување на мировни сили во Донбас. Русија очекува наскоро таа да ја добијат сите членови на СБ, а потоа да почнат и преговори за неа. Веста за овој потег ја објави рускиот претседател Владимир Путин и руските претавници во ОН.

Според она што е достапно до јавноста и што беше официјално соопштено Русија предлага да се поддржи идејата за мировни сили во Украина, но само на линијата на разграничување меѓу Воените сили на Украина  и силите на самопрогласените републики на Доњецк и на Луганск. Мировниците би можеле да дојдат на Донбас откако Украина ќе усвои закон за посебен статус на Донбас, како што впрочем е предвидено со Минските договори. Исто така се бара Украина да овозможи распоредување на тие сили и нивната опрема на линијата на разграничување. За сето ова би требало да се разговара со самопрогласените републики и со Украина. А исто така и во рамките на „нормандската четворка“.

Украинскиот одговор на ваквиот руски потег не се чекаше долго. Вчера во обраќањето пред Украинската Рада(парламент), претседателот Петар Порошенко истакна дека Мировната мисија на ОН треба да биде разместена на целата тероторија на ЛНР и ДНР, а  исто така и на границата со Русија во делот што е под контрола на овие две републики.  Тој категорично е против во тие сили да бидат вклучени претставници на самопрогласените републики или на Русија. Според него, мировнните мисии на ОН исклучуваат „учество во нив на претставници на земји-агресори или страни во конфликтот“. Тој одбива и секаква дискусија со „руските борци околу параметрите на идната мисија на ОН“. Порошенко бара санкциите кон Русија да останат, независно од преговорите за мировни сили, и тоа се до обновување на целосниот територијален суверенитет и независност на Украина.

Коментарот Стејтдепартментот е дека рускиот предлог треба да се проучи, но во него се вели дека „која било таква мисија треба да има широк мандат за обезбедување мир и безбедност на целата окупирана територија на Украина“, што се совпаѓа со позицијата на украинскиот претседател. Реагираше и германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел  кој нагласи дека Русија го изменила погледот врз украинскиот проблем, што не трега да се отфрла и дека распоредувањето на мировници може да доведе до делумно симнување на санкциите.

Вака различните ставови околу евентуалното распоредување на мировни сили во Украина заборуваат дека околу предлог резолуцијата на Русија ќе се води жестока расправа во СБ на ОН. А само до пред некој месец, И Украина и Русија кога стануваше абор за мировни сили, или не беа конкретни или пак го отфрлуваа таквиот предлог. Кон крајот на април  годинава во Украина загина еден американец од претставниците на ОБСЕ. Се чини дека тоа беше потресот кој доведе до подлабоко размислување за тоа дали требаат или не мировни сили во Украина, какви, каде и колку. Дали тоа ќе бидат полициски сили на ОБСЕ, дали мировни на ОН, дали ќе биде доволно припадниците на ОБСЕ да бидат вооружени…

Токму во тој период во Москва кај рускиот министер за надворешни работи Сегеј Лавров на гости беше Ламберто Заниер, генералниот секретар на ОБСЕ. Тие тогаш зборуваа за безбедноста на припадниците на мисијата на ОБСЕ. Но Лавров тогаш ги отфрли барањата на Порошенко за воведување мировници во Донбас од причина што „таквите дејствија треба да се засноваат врз диополнителни спогодби, а за кои е потребна неопходна согласност на сите страни, а меѓу нив и востаниците“. А порошенко неќе да има никаков контакт со нив. Згора на тоа во Минските договори не станува збор за никакви мировници.

Што се случи во меѓувреме па Москва да предложи мировни сили? На нив освен Порошенко, настојуваа и Германија и Франција. Со промената во власта во САД, веројатно во разговори со Русија наметната е и идејата за мировни сили. Русија ги има извагано сите последици од ваквиот потег и истапи во ОН со конкретен предлог. Украина, иако поодамна се залагаше за мировни сили, не беше никогаш конкретна. На прв поглед потегот на Русија и дава неа предност, затоа што ќе се расправа за нејзин предлог. Ако помине-добро, ако не помине уште подобро. Путин ќе има оправдување дека направил чекор напред кој што го нема во Минските договори, но еве некои не сакаат да се воведат мировни сили во Украина, иако ги барале. А тоа значи дека сега во дискусиите можеби ќе се врши и одреден притисок врз Украина за да се дојде до избалансирано решение. Програмата максимум на Русија е мировни сили на линијата на разграничување, а на Украина е тие да бидат на целата територија на државата. Веројатно ќе се дојде до некакво средно решение, но некој ќе мора да направи отстапки што нема да му бидат по волја.  А ако не дојде до тоа, тогаш ќе се реализира програмата минимум – статус кво, кое сигурно ќе ги задоволи обете страни. Украина,  која не е подготвена да ги спроведе минските договори и Русија, која засега не сака многу да се бранува на теренот.

Идејата на Русија е јасна. На теренот да има мировни сили кои практично ќе ги разграничат војските на двете страни од линијата на судир и со тоа не ќе може да дојде до нов поголем воен судир. Нешто како кај нас кога на границата со Косово беа силите на УНПРЕДЕП. ОБСЕ, неговите набљудувачи, би можеле во таков случај полесно и побезбедно за да си ја вршат работата на набљудување и контрола на линијата на судир. Ова секако не е во полза на Украина, која забрзано се вооружува. Таму има сили кои заговараат воена разврска, бидејќи не им одговара  да се спроведат Минските договори. Оттука, можеби Украинаците и не сакаат толку мировни сили, уште повеќе, бидејќи сега во игра се влезени и Американците, за кои веруваат дека ќе им бидат од голема полза и ќе ја натераат Русија да попушти. Особено со најавите дека ќе и испорачуваат на Украина офанзивно оружје.

Целата дискусија што сега почна да се води надвор од ОН, покажува дека има некакво раздвижување на работите. И дека некој сака мирно завршување на конфликтот во Украина. Дали ќе помогнат мировните сили на ОН? Знаејќи го искуството од војните во поранешна Југославија кога мировните сили не беа способни да спречат масовни убиства, Сребреница на пример, тогаш и не е јасно колку тие ќе бидат ефикасни во Украина. Мировни сили на ОН има во многу држави, пред се во Африка, и гледаме дека резултатите од нив и не се за пофалба. Расправата во СБ на ОН што ќе се води во наредниот период ќе покаже дали и Украина ќе биде обележана на географската карта на светот, како уште една држава со „сини шлемови“. Или пак ќе имаме уште еден замрзнат конфликт кој ќе се влече со години.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок