25 Април, 2024
0.0285

Младински политики заглавени меѓу партија и политика

Објавено во: Македонија 14 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Во Македонија е крајно време да се слушне гласот на младите. Недозволиво е земјава во Регионалната канцеларија за младинска соработка –РИКО да ја претставува личност која е  со работна позиција во Собранието и со партиски багаж зад себе, а  која треба да одлучува за креирањето на младинските политики и позициите на земјава во однос на создавање програми и размени во земјите од западен Балкан- реагираат од  Националниот  младински совет на Македонија. Денеска во Законодавниот дом на јавна расправа иницирана од пратеничката Ивана Туфекџиќ ќе се разговата за едно од најважните младински прашања во регионот,  а едно од најгорливите во земјава- како до  вистински  претставници во РИКО.

Регионалната канцеларија  е една од  најзначаните политики за млади која  ќе овозможи на многу млади луѓе различни програми и размени во земјите од западен  Балкан. Целта е да им се овозможи на младите и младинските организации да почнат да го чувствуваат бенефитот од формирањето на оваа Канцеларија - вели Илија Станковски, потпретседател на Националниот  младински совет на Македонија.

Но процесот за избор на младински претставник кој беше планиран како вистински пример за младинско учество и соработка помеѓу младите и институциите  се претвори во еден од најконтроверзните процеси за младински прашања кој се случил во земјава.

“Бидејќи измина повеќе од една година од ратификувањето на декларацијата за воспоставување на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), а се соочивме со низа предизвици на национално ниво, ваква расправа е навистина потребна за да им овозможи на сите релевантни и засегнати страни да придонесат со нудење на конструктивни решенија за надминување на таквите предизвици. Претходно, наместо транспарентно, инклузивно и конструктивно спроведен избор, процесот се претвори во борба за наметнување решение  од страна на тогашното раководство на Агенцијата за млади и спорт, како надлежна институција за овој процес, исполнет со нелегитимни, но и нелегални одлуки, кои резултираа со избор на нелегитимен и нелегален младински претставник на Македонија во Управниот одбор на Регионалната канцеларија. Имено, изборот на младинскиот претставник беше спроведен од страна на работна група, креирана од АМС за оваа цел и истата беше составена од претставници на граѓански организации и институции. Контроверзно е што при анализата која ја направи НМСМ за целокупниот процес, се испостави дека како членки на работната група се јавуваат организации чиј статус е „Неактивен“ во Централен регистар на РМ, а имаа право на глас во работната група. Нелегитимно и нелегално беше и самото гласање на кандидатите за младински претставници, кое вклучи злоупотреба на листи, потписи на членовите на работната група, неисполнување кворуми за гласање и слично”- објаснува Станковски.

Загриженост за ваквиот процес изрази и Европскиот младински форум, најголемото европско претставничко тело на младите каде НМСМ е кандидат-членка, преку својот претседател кој во своето обраќање на Младинскиот форум за Западен Балкан кој се одржа во јули во Трст ја наведе важноста од одговорност и реакција на процеси кои не се во согласност со етичките стандарди.

Во составот на Управниот одбор на Регионалната канцеларија, Македонија е застапена со два претставника. Едниот е Директорот на АМС, назначен по функција, како претставник на најрелевантната институција за млади, а другиот е младинскиот претставник кој се назначува со мандат од 3 години, без можност за реизбор, согласно Статутот на Регионалната канцеларија.

Со промената на Директорот на АМС, по автоматизам се промени и членот на Управен одбор на Регионалната канцеларија, но  како младински претставник според Станковски  сѐ уште има нелигитимно и нелегално избрано лице.

Регионалната канцеларија за младинска соработка беше креирана во јули минатата година, поттикната од потребата за помирување помеѓу младите од Западен Балкан по сите немили случувања во овој регион во минатотo. Оваа Канцеларија претставува еден вид на платформа која ќе овозможи младинска соработка во регионот со што ќе се придонесе кон намалување на стереотипите, ксенофобијата, говорот на омразата и дискриминација на база на етничка и религиозна основа кај младите од шестте земји во Западен Балкан. Канцеларијата ќе овозможи поголема мобилност на младите од овие земји, но и поголема соработка на граѓанските организации.

“За младите од Македонија, Регионалната канцеларија може да претставува одлична можност да се запознаат со различните култури и традиции на земјите од Западен Балкан, да разменат контакти и искуства со младите од тие земји, да ги надминат евентуалните стереотипи и културолошките бариери, да ги градат своите капацитети и да го поттикнат својот личен развој.Младинското учество е камен темелник на младинските политики и подразбира вклучување на младите во носењето на одлуки кои се од клучно значење за нив, активно учество на младите со генерирање на идеи и предлози за унапредување на положбата на младите во општеството, како и активно граѓанство и придонес во заедницата од страна на младите”- додава Станковски.

Активното  учество како што вели само  по себе не подразбира само вклучување во одредена активност, туку тоа е процес во кој младите ги идентификуваат своите потреби, бараат решенија, планираат и имплементираат активности и имаат можност да бидат дел од донесувањето на одлуки во своите заедници и општеството во целина. Младинското организирање според него  е еден од најважните аспекти на младинското учество и ги вклучува правото и слободата на младите да се здружат за заедничко делување кон застапување на нивните интереси.

“Денес, младинското организирање можеме да го забележиме во разни форми, формални и неформални, но она што е важно е ваквите облици да бидат препознаени и вклучени кога се спроведуваат процеси за прашања од нивен интерес, како на национално, така и на локално ниво. Сите релевантни фактори, а особено институциите, е важно да ги гледаат младите и младинските облици на здружување како ресурс кој може да се користи за создавање на квалитетни младински политики”- потенцира Станковски.

Националниот младински совет инсистира на отпочнување нов, транспарентен и инклузивен, процес за избор на легитимен младински претставник. Ова велат  во голема мера зависи од политичките состојби во земјава, но и од волјата на институциите за регулирање на ова прашање. Според нив потребна е ревизија  на процесот  со цел да се креира доверба во  вистинско младинско учество во земјава, конструктивна соработка помеѓу младите, младинските организации и институциите, но и со крајна цел младите од Македонија да добијат легитимен претставник во Управниот одбор на Регионалната канцеларија.

Дополнително, младите  очекуваат  како земја да земеме активно учество во имплементација на плановите поврзани со Регионалната канцеларија и да се овозможат  можности за младите луѓе кои се и најважниот корисник и причина за воспоставување на ова тело. Ова барање беше содржано и во листата на приоритетни барања на НМСМ до Владата, која беше објавена и испратена веднаш по формирањето на новиот состав на Влада. Она што  претстои е формирање на локална канцеларија во Македонија, која ќе ги промовира и ќе им ги доближи на младите можностите кои им се нудат преку РИКО.


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се сумираат резултатите од изборите, Силјановска со голема разлика пред Пендаровски

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се сумираат резултатите од изборите, Силјановска со голема разлика пред Пендаровски

ХАЈРЕДИНИ: Што ќе се случи ако Македонците се обединат?

ХАЈРЕДИНИ: Што ќе се случи ако Македонците се обединат?

МИЦКОСКИ: Мобилизацијата на граѓаните ќе биде одговор на евентуален бојкот на СДСМ и на ДУИ на вториот круг

МИЦКОСКИ: Мобилизацијата на граѓаните ќе биде одговор на евентуален бојкот на СДСМ и на ДУИ на вториот круг

ДИК: Tечат роковите од 48 часа за приговори, на трите места во Куманово нема да се прегласува

ДИК: Tечат роковите од 48 часа за приговори, на трите места во Куманово нема да се прегласува

МЕТА: Победата на Силјановска-Давкова ќе биде уште поголема во вториот круг

МЕТА: Победата на Силјановска-Давкова ќе биде уште поголема во вториот круг

ГРЧКИ МЕДИУМИ: Што пишуваат за првиот круг од претседателските избори во Македонија?

ГРЧКИ МЕДИУМИ: Што пишуваат за првиот круг од претседателските избори во Македонија?

(ВИДЕО) ГРУБИ СО КУФЕР ДОЈДЕ ПРЕД ОПШТИНА ЧАИР: Сега земете го куферот и одете дома

(ВИДЕО) ГРУБИ СО КУФЕР ДОЈДЕ ПРЕД ОПШТИНА ЧАИР: Сега земете го куферот и одете дома

ЕВЕ ВО КОЈА ОПШТИНА ВАНКОВСКА ГО ПРЕТРКА МАКСИМ, А КОЈ ЕЗЕРСКИ ГРАД СЕ ОПРЕДЕЛИ НАЈСИЛНО ЗА ДАВКОВА - гласање во најголемите места во внатрешноста

ЕВЕ ВО КОЈА ОПШТИНА ВАНКОВСКА ГО ПРЕТРКА МАКСИМ, А КОЈ ЕЗЕРСКИ ГРАД СЕ ОПРЕДЕЛИ НАЈСИЛНО ЗА ДАВКОВА - гласање во најголемите места во внатрешноста

Скендер Реџепи: На 8 мај нема да гласам ни за едниот, ни за другиот

Скендер Реџепи: На 8 мај нема да гласам ни за едниот, ни за другиот