ММФ: Инфлацијата мора да се држи под контрола
Објавено во: Свет 09 Април, 2013
Меѓународниот монетарен фонд ги повика централните банки да се фокусираат на инфлaцијата и да се спротивстават на политичките притисоци главно за намалување на невработеноста.
Во време кога голем број влади очајнички бараат начин за отворање нови работни места, ММФ истакнува дека е уште поважно централните банки да ја потврдат својата независност фокусирајќи се на потенцијалните економски проблеми како што се економскиот раст, цените или работните места.
Како што се наведува во извештајот на ММФ за перспективите на светската економија, по Големата рецесија постои итност за намалување на невработеноста. Сепак ММФ укажува на фактот дека иако не постои закана од раст на инфлацијата, голем број економисти се загрижени дека големото олабавување на монетарната политика, што во изминатиот период ја спроведуваат централните банки, може да предизвика раст на цените.