26 Април, 2024
0.0262

Моќта на Шарената револуција

Објавено во: Колумни 14 Јуни, 2016

Добивај вести на Viber

Денови, недели, месеци на улица. Се бојадисуваат фасади, плоштади, згради...Што е постигнато? Одговорот на ова прашање зависи од очекувањата.Или уште поточно, од дефинирањето на нашите очекувања. Оние што„револуционерите“ги дефинираат само како алатка која има единствена цел – рушење на актуелната власт во најкраток можен рок, веројатно ќе бидат разочарани. Но, иако тоа може изгледа најочекуваниот и најпосакуваниот резултат, сепак ако се задумаме подлабоко, тоа би бил најпосакувануот, но не и најважниот резултат. Затоа, полека со разочарувањата драги мои. После години протестирања кои кулминираа во Шарената револуција, ве убедувам дека ефектите се огромни. Но, само ако ја мислиме големата слика и ако мислиме на долг рок. Првиот, директниот и долгорочниот ефект од овие протести е раѓањето и негувањето на култура на отпор.Ако ги дефинирате очекувањата пошироко и подлабоко, тогаш нема потреба од разочарувања. Ова општество е во континуирани протести веќе две години, Шарената револуција е само кулминација на тој бран. И тоа не може,а да не почне да создва почва на која ќе се негува таа култура на отпорот. Видете, секој аспект во општеството е врзан со своевидна моќ. При тоа, се разбира, самата држава и државниот апарат е врвниот израз на врвна моќ. Сите останати групи се помалку моќни од официјалната. И во таа смисла, сите револуции чинат токму тоа – го изместуваат, го децентрираат изворот на моќ и ја редистрибуираат. Е сега, оние што очекуваа дека оваа револуција ќе придонесе за целосно одземање на моќта на власта, превагнување на тасот на страната на опозицијата, веројатно се разочарани. Но, ве уверувам дека тоа и не беше најважното. Она што е поважно, на долг рок, е токму тоа освестување на таа култура на отпор. Затоа што доминацијата на елитите и нивната моќ со механизмите што ги поседуваат, многу бргу и лесно го гради и вкоренува дискурсот на моќ во општеството, институциите и субјектите, и за релативно кратко време, релативно успешно гради култура на подаништво и послушност. Ако ваквиот дискурс остане доминантен и со тек на време целосно поклопи секаква друга артикулација на моќ, во најлош случај,тоа општество многу бргу лизга кон тоталитаризам,или во најдобар случај, се губи предприемачкиот дух(во најширока, не само економска смисла) и тоа општество тивко умира. Или барем, да бидеме пооптимистични, таквото општество гаи култура на послушност. Таа послушност се „озаконува“ и манифестира низ сите институции, затоа што едноставно е резултат на поданичка култура. Во такви услови субјектите,релациите на доминација ги прифаќаат како „природни“, а востановените дискурси на моќ ги перцепираат како еднаш за секогаш дадени, без надеж за промена. Едноставно, доминацијата се институционализира и озаконува. Тоа резултира со поданичка култура. Затоа, промената на парадигмата е нужна. И токму тоа го донесоа овие протести. И токму затоа нивната полза е огромна, па макар оваа власт успее, како грогиран боксер да се одржува на нозе и до крајот на нивниотредовен мандат. Плурализмот, манифестиран низ колоритот, е најголемата придобивка на овие протести. Отпорот што се роди и легитимираше низ овие протести е емпириски, проживеан и затоа дејствен. Како таков, тој почна да создава култура. Затоа што, како што државната доминација создаде култура на подаништво, така и протестите донесоа култура на отпор. Ако доминацијата има свои културни димензии, тогаш и отпорот кон таа доминација има своја културна димензија. И за да биде успешен, тој мора да се вкорени во културата и искуството. А после овие протести, веќе ништо нема да биде исто, затоа што многумина како политички субјекти буквално се родија на улиците. Стотици, илјадници луѓе се сензибилизираа, се освестија политички и се „пресоздадоа“ во плурални политички субјекти со чувство за „другиот“. Го децентрализираа доминантниот дискурс на моќ, го распрснаа на илјадници мали гласови кои во иднина мора да се слушнат. Тоа нужно создаде дисбаланс во моќта. И само така е можно во иднина да се одржува заедницата. Иако навидум, дисбалансот значи нестабилност, всушност стабилноста се должи токму на тоа умно балансирање помеѓу дисбалансните центри на моќ. Затоа што општеството се одржува низ тој дијалектички набој на судир на различни дискурси на моќ.Тоа постојано ја држи жива свеста за нееднаквостите, неурамнотеженостите и потребата од постојано унапредување на правата и слободите на различните од нас. Затоа, не очајувајте, не ги осудувајте „неуспесите“ на „шарените“. Бидете им благодарни за будењето. Еве веќе една директна придобивка од протесните бранови – се роди „Левица“. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД