28 Март, 2024
0.0236

Молкот на интелектуалците

Објавено во: Колумни 05 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Интелектуалната елита е носечки столб во современите и развиени демократии, креатор на јавното мнение, коректор на секоја власт, синоним за мисловност, знаење, интелект,научен и сознаен потенцијал,расадник на прогресивни идеи и водечки глас на разумот, науката и просперитетот. Секоја држава што може да се пофали со интелектуална елита која ги поседува горе наведените специфики со право може да го носи епитетот демократска и да биде искачена на пиедесталот на успешни и развиени земји. Земји кои што се стремат кон напредок , држави кои поддржуваат вредности кои водат кон прогрес и одење напред несебично вложуваат во интелектуалната елита, бидејќи ги води максимата дека развојот и просперитетот на интелегенцијата истовремено значи и просперитет и развој на државата. Етаблирајќи го местото на интектуалците во современите и развиени земји и нивната улога во нив, неизбежно се наметнува прашањето Дали ние според параметрите кои ја вреднуваат интелектуалната елита може да се вброиме во просперитетни или поставено во друг логички след прашањето Дали интелектуалната елита кај нас ги оправдува епитетите кои ја красат?

Интелектуалната елита кај нас е далеку од предвесник на позитивни трендови Со право, без тронка срам и страв можам да кажам дека интелектуалната елита кај нас е далеку од предвесник на позитивни трендови, далеку од креатор на јавно мнение, не поседува доволно моќ да влијае на популацијата, но нема ни доволно сила да го крене силно гласот и со вперен прст да покаже кон оние кои ја уриваат демократијата, да искритикува одредена идеја или активност која не носи добро на граѓаните, јавно да се побуни против кршење на одредени човечки права и слободи, да викне  и да стори нешто за подобро на граѓанинот и на државата. Крикот на интелектуалецот денес, но и години наназад, е нем крик, молкот е синоним за неговото однесување и делување. Како ноеви ги кријат главите во песок, како жирафи ги издигнуваат вратовите, како лисици ги избегнуваат одговорите кога станува збор за некоја јавна критика, за толкување на одреден општествен феномен, за објаснување и појаснување на одредено дело или активност која е од широк општествен интерес. Молк, траорен молк ги зафати сите пори на интелектуалната елита и не само денес, туку од самото осамостојување до денес, не само што стагнира нивниот став и глас, туку подлабоко се оди и се повеќе се заглибува и зголемува јазот во кој со години тонеме. Интелектуалците без став не се вредни да го носат статусот и да бидат во семејството на интелектуалната елита “Молчењето е злато” е максима на која не учеле нашите баби и дедовци, но поентата на оваа сентенца се однесувала на молчење заради не предизвикување на нечија лутина, на молчење заради повисоки цели и вредности, на молчење во името на толеранција и трпеливост и избегнување и надминување на агресија и насилство, но во никој случај не смее да биде девиза на денешниот интелектуалец. Се первертира и вулгаризира оваа максима и се користи денес се почесто со цел да се избегне некоја дискусија, да се прикрие нечие дејаније, да се сокрие нечиј став. Интелектуалците без став не се вредни да го носат статусот и да бидат во семејството на интелектуалната елита. Со посебен исклучок на малкумина интелектуалци, кои се признати и познати општествени дејци и кои без трошка срам и страв и без влакна на јазикот гласно и орно ги истакнуваат сопствените ставови за суштински општествени феномени, поголемиот дел од другите вешто ги избегнуваат прашањата, прикриваат одговори и се само неми сведоци на случувањата околу нив. Повеќето од нас сопствените размисли ги движат во следните насоки-Зашто интелектуалната елита е ригидна и аморфна, Зашто таа не е коректор на секоја власт и јавен крик за нејзините позитивни или негативни дела, Зашто молкот е симбол на современиот интелектуалец наместо повишениот и кренат глас, Дали интелектуалецот има цена и колкава е таа? Овие размисли и прашања ќе останат за дискусија и за некоја следна јавна дебата или размисла а дотогаш нека провејува мојата максима „Интелектуалци од сите сфери освестете се, охрабрете се и јавно проговорете  за ваше добро, за доброто на идните генерации и за доброто на општеството“. Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова
Институт за социологија
Филозофски факултет Скопје

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?