29 Март, 2024
0.0228

Музика во полза на политиката!

Објавено во: Колумни, Свет 07 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

Тоа го можат само Русите. На само два месеци по ослободувањето на древниот град Палмира од Исламската држава, музикантите од Маринскиот театар од т.н. „Северна Палмира“( Санкт Петербург) предводени од диригентот и уметнички раководител, светски познатиот, Валериј Гергиев, одржаа концерт насловен: „Со молитва за Палмира.Музиката ги оживува древните ѕидини“. Инаку, името „Северна Палмира“, Санкт Петербург го добива во средината на 18 век од страна на руски поети. И каква симболика, музикантите од северната одат во вистинската Палмира. Средба на луѓе од две Палмири во разурнат стар град, што од времето, што од припадниците на Исламската држава. Во минатото сме биле сведоци на разни концерти ширум светот со разни поводи и на разни места, но не се сеќавам некој да одлучил да музицира во непосредна близина на линијата на фронтот и во место кое практично до вчера беше полно со мини оставени од припадниците на Исламската држава. Со класична музика да се пркоси на војната, на тероризмот, во име на мирот. Да се музицира на местото каде што припадниците на ИД ѕверски убиваа цивилно население од Палмира, меѓу кое беше и 82 годишниот Халед ал Асад, долгогодишниот заштитник на древниот град Палмира, а чие убиство го згрози целиот свет. Неговиот портрет вчера беше поставен на сцената на амфитеатарот, каде што се одржа концертот. Како го прават ова Русите? Кому му дошло на памет да се музицира во Палмира? Станува збор за настан подготвен однапред и тоа со знаење на Кремљ. Ми се чини дека неговиот идеен творец е токму Валериј Гергиев. Човек од доверба на рускиот претседател Владимир Путин, негов приврзаник, човек кој во 2014 година го потпиша обраќањето на работниците од културата за поддршка на надворешната политика на Путин во Украина. И иако концертот беше најавен само неколку часа пред неговото почнување, веќе беше подготвено обраќање на Путин кон присутните на концертот. „Ви благодарам на сите за денешната зачудувачки хуманитарна акција – концерт воослободена од терористите Палмира. Неа ја сметам како знак на благодарност, сеќавање и надеж, благодарност кон сите, кои се борат со тероризмот, не жалејќи ги притоа своите животи“ го цитираа Путин агенциите. Секако овде го имаше предвид и капетанот на руската армија  Александар Прохоренко, кој загина токму во операциите по ослободување на Палмира, кога беше опколен од припадниците на ИД и не сакајќи да биде заробен побара од авијацијата да стрела кон неговата позиција. За Валериј Гергиев „концертот во измачената Палмира е повик кон мир и согласност, обраќање кон сите народи да ги обединат напорите во борбата со злото, со тероризмот“. Тој вели дека музикантите за концертот дознале само два дена пред одржувањето, но без многу размислување се согласиле да настапат. Потврда дека Гергиев е идејниот творец на концертот, а Путин како едвај да ја дочекал и веднаш се согласил може да се бара во минатото. Гергиев, кој потекнува од Јужна Осетија, во 2008 година веднаш по руско-грузиската неколкудневна војна ненајавен доаѓа во Цхинвали, главниот град на Јужна Осетија и заедно со оркестарот на Маринскиот театар одржува концерт на простор без декор. Музикантите, седнати врз урнатините во центарот на градот кој се уште мирисал на барут, на просторот каде што пред неколку часа деминерите ги отстранувале опасностите, предводени од Гергиев го свиреле реквиемот „За вас живите и загинатите. За тебе Јужна Осетија“. И тоа не е се. Гергиев и претходно се појавува ненајавен и изненадува. Така е и во 2004 година кога со својот оркестар доаѓа во градот Беслан, во Северна Осетија и одржува концерт „Во име на животот“. Беслан е градот во кој чеченски борци влегоа во училиште во септември 2004 година и зедоа во заложници неколку стотици ученици. Во операцијата за спас на заложниците загинаа над 350 лица, од кои најмногу деца на возраст од седум до 17 години. И во Палмира Гергиев се појави ненајавен. Дури и Ројтерс настанот го означи како изненадување. Но и како руско потсетување на нивната улога во ослободувањето на историскиот сириски град од Исламската држава. И навистина Палмира е прв град далеку од границите каде што се појавил Гергиев со својата  музикантска дружина. Интересно е што овој пат со него беше и  Сергеј Ролдугин, „учителот“ на Путин по музика, кој со своето виолончело покажа дека не е вичен само за она што го обвинуваа – правење пари преку оф-шор компании. На концертот присуствуваа руски министри, претставници од Унеско, воени лица од Сирија и од Русија и жители на Палмира, меѓу кои и многу млади. Сето ова дава повод да се постави прашањето за улогата на музиката во полза на политиката. Низ историјата имаме многу примери кога композиторите и музикантите ги славеле владетелите или нивните дела. Така треба да се гледа и на концертот во Палмира. Русија со концертот во Палмира сака да покаже дека не е во Сирија само за да помага на власта на воен план, туку и да придонесува кон мирно решавање на кризата, а и во заштита на сириското културно наследство, како што е Палмира. Сигурно концертот има и пропаганден аспект. Да им покаже на другите сили во регионот дека освен со оружје Русија во Сирија умее да настапи и со музика. Навистина, тешко е да се поверува дека некои американски симфоничари и познати диригенти во сегашните услови би се согласиле да одржат концерт во некој сириски град. Можеби тоа би го направиле Германци, но Германија не е дел од големата сириска приказна. Концертот во Палмира во Русија го афишираа неколку часа пред неговото одржување со најава за директен пренос на телевизија. Преносот на концертот на некои руски канали пред се е за домашна употреба. Иако Во Русија и не е многу голем бројот на противниците на руското вклучување во кризата во Сирија, сепак во тешки и кризни економски времиња има определени реакции за сириската воена кампања. Инаку за денес од страна на гувернерот на сириската покраина Хомс во Палмира е најавен концерт со домашни изведувачи. Тој ќе биде посветен на загинатите сириски војници. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?