19 Април, 2024
0.1216

На Русија и се редат коцките

Објавено во: Колумни 01 Јули, 2016

Добивај вести на Viber

Прегратка со кинескиот претседател Кси Џнпинг,  Реџеп Таип Ердоган на колена, а Brexit дочекан со скриено задоволство.  И сето само за седум дена. Рускиот претседател Владимир Путин може да ја смета минатата недела за успешна на неговата меѓународна политика. Очигледно на Русија и се редат коцките. Од каде да се почне во објаснувањето на тој успех? Можеби најважна работа е затоплувањето на односите со Турција. Ердоган не издржа. Економските и геополитичките проблеми на Турција го натераа турскиот претседател да свитка лист хартија и да напише писмо до Путин со извинување за урнатиот авион. Веднаш потоа двајцата имаа телефонски разговор...Потоа се е јасно. Путин  најави омекнување на санкциите кон Турција. А Ердоган нивна средба на Самитот на G20 на почетокот на септември во Кина. Оштетата на урнатиот авион и казнувањето на виновникот за неговото уривање, нешто што бараше Путин, сега е префрлено во позадина. Иако, веќе има најави дека за виновник ќе биде посочен поанешниот премиер на Турција Мехмет Давутоглу, кој наводно ја дал согласноста за уривање на воениот SU-24. Најавата за затоплување на односите и промената на турската политика стигна пред десетина дена со честитката на Ердоган до Путин по повод националниот празник на Русија. Ден подоцна турскиот премиер Бињали Јилдирим најави крупни промени во турската надворешна политика. Според него, Турција мора да гради најдобри односи со Русија, Израел, Египет и Сирија! И дента кога стигна писмото со извинување во Москва, Анкара соопшти за обновување на сооработката со Израел. Турција  му се налути на Египет кога таму беше урната владата на Мохамед Морси. Односите беа замрзнати. Но како што стојат работите во блиска иднина тие повторно ќе се возобноват. А што со Сирија?  Турција беше еден од коспонзорите за уривање на сирискиот претседател Башар ал Асад. Но постепено, таа беше отфрлена на маргините, со се поголемо вклучување на САД и Русија, но не помалку и со нивната поддршка на сириските Курди. Ердоган почна да се лути на сите. На неговите сојузници од НАТО, на ЕУ, која го критикуваше за воените дејства против Курдите во сама Турција. Ердогнан почувствува дека е изолиран. И сега со Русија ќе се координира околу војната против ИД во Сирија, но прашање е дали ќе биде упорен во барањето Асад да замине до власт! Дотолку повеќе што тоа веќе не е во врвот на барањата и на западните сојузници. Згора на тоа и на економски план на Турција не и цутеа рози. Милионскиот поток од руски туристи пресуши. Турските градежни компании се помалку имаат работа во Русија. Увозот на турски зеленчуци и овошје во Русија речиси секна. Штети од милијарди долари  трпи турската економија. Сега повторно се актуелизира гасоводот „Турски тек“, изградбата на атомски централи во Турција, а прашање на ден е кога руските туристи одново ќе бидат гости на турското крајбрежје. Заслуга за затоплување на односите меѓу Турција и Русија, според Ердоган има стариот „лисец“ – претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, кому турскиот претседател му изрази благодарност. Brexit? Во свеста на Русите Британците отсекогаш биле нивни најлути непријатели. Ниту Германија од каде руските императори земале невести, ниту Франција од која биле опиени и покрај тоа што Наполеон ја запалил Москва, не се сметаат за непријатели, како Британците. За воља на вистината, ниту Британците многу не ги милуваат Русите. Иако двете императорски лози биле роднински поврзани, Николај II и Џорџ V биле први братучеди, последниов не сакал да му помогне на рускиот император за спас од болшевиците. Со години двете империи биле на спротивни страни од разни воени кампањи. А и британскиот премиер Винстон Черчил немал големи симпатии за Советскиот Сојуз и неговите лидери, иако соработувал со Сталин по сила на приликите. Затоа сметам дека кај Русите има скриено задоволство од изјаснувањето на Британците. Иако тоа јавно не го кажуваат. Првата изјава што ја даде Владимир Путин по веста за резултатите од референдумот беше од Ташкент, каде што тој се наоѓаше на Самитот на ШОС. Инаку, првите негови изјави се најреални и тој го кажува она што лично го мисли.Се што ќе каже подоцна веќе е плод на подлабоки анализи, сугестии и тимска работа.Путин во Ташкент изјави: „Во суштина, за Европа во целост и за нас тоа ќе има последици. Ако организирањето на референдумот од страна на раководството на Велика Британија и резултатите што следат од него не се ништо друго, освен самоувереност и површен однос кон решавањето на судбински прашања за сопствената земја, па и за Европа во целост, тогаш последиците ќе имаат глобален карактер, тие ќе бидат и со знак плус и со знак минус“.-Што ќе има повеќе. Минуси или плусови ќе покаже времето, рече Путин. Тој не очекува никаква глобална катастрофа. И најави дека ќе ја следат ситуацијата и ако треба ќе има корекции и во економската политика на Русија и односите со партнерите во Европа. Рускиот претседател ги отфрла разните критики на адреса на Русија. А некои изјави на премиерот Дејвид Камерон ги смета за обид да се влијае на внатрешната ситуација во Британија. Според Путин, Русија не се мешала и не се искажувала во поглед на референдумот, само следеле што се случува, но никако не влијаеле на процесот. Коментирајќи ги резултатите од референдумот тој изјави дека „нему му е јасно тоа, зошто така се случило“. –Никој не сака да ги храни и субсидира послабите економии, да издржува други држави, цели народи-тоа е очигледен факт. Луѓето не се задоволни со решавањето на безбедносните прашања, кои денес се нагло заострени на фонот на силните миграциони процеси. Луѓето сакаат да бидат понезависни“, изјави Путин. Но она што не го кажуваат Русите го кажуваат луѓе кои ја знаат Русија. Па така, поранешниот американски амбасадор во Москва, Мајкл Макфол, му ја „честиташе“ на Путин „големата победа“ на референдумот во Велика Британија. Според него победата на приврзаниците на Brexit е и победа на Путин, иако тој не е одговорен за резултатите, бидејќи тие одговараат на неговите цели во Европа. И британскиот министер за надворешни работи, Филип Хамонд, се плаши дека резултатите од референдумот негативно ќе се одразат врз безбедноста во Европа и ќе ги намали шансите на Европјаните да се спротивстават на  заканите кои, меѓу другото доаѓаат и од страна на Русија. Тој смета дека Путин ќе почувствува сега помал притисок, и ќе биде пободар. Сето погоре е факт. Лондон беше еден од најголемите поборници за воведување на санкции против Русија. И не само санкции. Односите меѓу двете земји одамна се на низок стапен на комуникација. Ќе му лекне ли на Путин? Секако. Но тој нема да поддржи распад на ЕУ. Полесно му е да ја спроведува својата политика кога има еден соговорник, отколку да се рсправа со секоја земја пооделно. Прегратките со Кси Џинпинг се не помалку важни, отколку Ердоган и Brexsit. Стратегијата за пробив кон Исток не оди според плановите и најавите од пред години. Трговската размена меѓу Кина и Русија е намалена. За време на посетата на Путин двете страни потпишаа 30 документи за соработка во разни области, трговија, економија, инфраструктура, технолошки иновации,  земјоделие, финансии, енергетика, медиуми, интерет и спорт и др. Посебно внимание привлекуваат три документи. Кинеско-руската изјава за зацврстување на стратешката стабилност, Заедничката изјава за заедничко дејствување во развојот на информационото пространство и Декларацијата за зголемување на улогата на меѓународното право. Паѓа во очи изјавата за зацврстување на стратешката стабилност. Таа очигледно е насочена против Запад, поконкретно САД. Во неа двајцата претседатели велат дека „внимание привлекува тоа што дејствијата на нерегионалните сили кои разместуваат во Европа системи за ПРО Aegis Ashore и кои разместиле во  Азијатско Тихоокеанскиот регион и се подготвуваат да дислоцираат во Северо источна Азија системи THAAD, најчесто се остваруваат под измислени предлози, кои имаат малку заедничко со реалните предизвици и закани во сферата на распространувањето на ракетното оружје и кои јавно не одговараат на декларираните цели, а исто така ќе нанесат сериозна штета на интересите на стратешката безбедност на државите во регионот,вклучувајќи ги Русија и Кина.Двете наши земји се против тоа“. Во изјавата исто така се споменува и вселенското оружје. „Расте заканата од појавување на оружје во вселената  и претворање на вселенското пространство во сфера на вооружено спротивставување“, изјавуваат Путин и Џинпинг. Двете држави се јасни дека признаваат само мултиполарен свет. А потпишувањето на Декларацијата за зголемување на улогата на меѓународното право зборува дека тие како постојани членки на СБ на ОН се решени, пред се, да се почитуваат актите на Светската организација. Сето она што се случуваше минатата недела може да охрабри Путин, но тој не треба да заборави дека пред него има уште многу предизвици. И економски и политички и пред се на европско тло. Украина и Минските спогодби се едни од нив, санкциите од Западот се втори, а не помалку важни се и „Северниот поток“ и другите енергетски планови. Надвор од сето ова, деновиве од Москва дојде вест дека неко политички партии од Балканот, меѓу кои и од Македонија, на Конгресот на  Путиновата „Единаја Русија“ потпишале некаков документ за Балканот како воено неутрална зона. На две недели до Самитот на НАТО, коалиционен партнер во владата става потпис со кој само сe оди во прилог на држење на Македонија надвор од Алијансата. Со кој памет. И дали владеачките партии и т.н. Врховен командант го одобриле потпишувањето. Па после Запад ни бил виновен што не сме дел од НАТО. Дилетанти и глуперди ни ја креираат надворешната политика. Мирче Адамчевски    

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок