28 Март, 2024
0.0244

На штедете на педолошка анализа на почвата, Интервју со професор д-р Татјана Чебулар Миткова

Објавено во: Агробизнис 08 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Оваа година поради лошите временски услови, почвата се наоѓа во екстремно лоша состојба. Земјоделците во некои делови од земјава не можат ниту навреме да ја почнат есенската сеидба. Но токму поради ваквите состојби експертите, советуваат земјоделците да не штедат на педолошките и агрохемиските анализи. За земјоделците, почвата заедно со атмосферата, претставува средина во која растението живее и дава приноси, вели професор д-р Татјана Миткова, раководител на Институтот за животна средина при Факултетот за земјоделски науки и храна. Фактор: Почвените анализи се важни за добри и квалитетни приноси, колку во период кога климатските услови не се на страната на земјоделците, е неопходна педолошката анализа на почвата ? - За подготовка на почвата, посебно кога се работи за сушни периоди и немање можност за наводнување, се применува т.н конзервациона и редуцирана обработка на земјата, преку која се овозможува задржување на растителните остатоци на површината од почвата, се намалува испарувањето на ионака малото количество вода во почвата, и едновремено се заштитува почвата од ерозија.Сепак независно од климатските промени, контролата на плодноста на почвата е неопходна за да се види застапеноста на хранливите елементи, хумус, реакција на почвата и присуство на карбонати, се зависно од видот на земјоделската култура. Фактор: Колку е важно, пред садењето и сеидбата на земјоделските култури на една површина, да се направи педолошко истражување на почвата? -Без добро познавање на почвата не може да се примени ниту една агротехничка или мелиоративна мерка, едноставно не може да се направи правилен избор на култури кои успешно ќе се одгледуваат според условите на теренот.Педолошката анализа е неопходна, посебно за повеќегодишните култури, односно кога се во прашање подигање на лозови или овошни насади. Една почва за да биде плодна не треба да биде само обезбедена со хранливи елементи. Таа треба да биде и продуктивна. Тоа значи дека во текот на целата вегетација почвата треба да им обезбеди на растенијата навремено и во оптимални количества, хранливи елементи, но и вода, воздух, топлина. Таа треба да претставува механичка потпора, и да ги штити растенијата односно да нема присуство на штетни материи, кои во даден момент можат да го попречат нормалниот развојот на растенијата. Фактор: Во период кога растат трошоците за репроматеријали, а земјоделците гледаат каде може да заштедат, имаат ли навика да прават педолошки анализи? - Мислам дека немаат навика, и не ја префрлам вината на земјоделците. Во нашиот аграр проблем се парите, и кога ќе треба да се издвојат средства за педолошка нализа, парите се пренаменуваат за друга активност, за што земјоделците сметаат дека е поважна, и при тоа според мене несреќно ги прескокнуваат почвените анализи. Ако се има во предвид дека за да се подигне еден хектар со повеќегодишен насад, инвестицијата е околу 12 000 евра, тогаш изготвувањето на педолошки елаборат, односно цената на почвените анализи е само капка во морето, а при тоа значењето е големо. Тоа е исто и кога би се направила грешка во темелот на куќата и таа ќе се сруши. Така е со почвата - ако не ја истражите, можноста да згрешите е голема, а последиците можат да бидат катастрофални. Едноставно тоа ќе се рефлектира понатаму врз приносот и пропаѓање на иневстицијата. Фактор : Во Програмата за финансиска поддршка на земјоделството предвидени се субвенции за педолошка и агрохемиска анализа. Колку ваквата мерка ќе делува мотивирачки кај земјоделците? - Сметам дека земјоделците ќе бидат мотивирани да ги прават овие анализи на почвата. Но, ако поддршката продолжи и во наредните години, би сакала да апелирам до луѓето што ја изготвуваат програмата, да обрнат внимание на термините педолошка и агрохемиска анализа. Според мене терминот треба да биде почвени анализи, а потоа да се прави разлика во субвенциите, поточно во висината на парите, што ќе се дадат: една за анализи при определување на хранливи елементи во почвата со цел давање правилни препораки за ѓубрење, и втора за анализи што служат за истражување на почвата при подигнување на повеќегодишни лозови или овошни насади. Тука според мене треба да има разлика бидејќи анализите се поевтини во првиот случај и поскапи во вториот. Исто така сакам да потенцирам дека бројот на анализи не е ист од еден хектар и повеќе хектари, а критериумот според програмата е не повеќе од 9000 денари. Не е исто за фармерот што ќе направи една анализа, и за фармерот што има поголеми површини и има потреба од повеќе анализи.

Можеби ќе ве интересира

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи