18 Април, 2024
0.0510

Најсреќниот тажен ден

Објавено во: Колумни 03 Август, 2017

Добивај вести на Viber

Илинден е наш празник, исконски крик на историскиот непокор на малите народи, на обесправените, но полни со идологија и желба за сопствена државност, идентитет и самостојност. Вековна борба за себе и за своето. Ден кога сите заедно прославуваме.

Вмровците се подготвуваа и со душа го чекаа денот Илинден. Коњаниците ја помина цела Македонија, членовите се организираа за да се стигне на настанот. Сето тоа пропадна кога еден човек им забрани на сите да го чествуваат најсветиот празник за државата. Дојдовме до тоа да на нас членовите ни се забрани да празнуваме масовно и достоинствено, како што доликува. Наместо тоа, цел ден молк, а болен е молкот на моите браќа и сестри кои не смеат да се радуваат на овој убав ден. Неприфатливо е поради личниот неуспех на само еден човек да им се забрани на мнозинството граѓани да го прославуваат најсветлиот празник во нашата историја. Тажно е радоста да стане невидлива во редовите на нај револуционерната партија во Македонија, додека во исто време, сите останати си подаваат рака и чекорат напред кон идните успеси. Изолирани и изморени од разните интриги и сценарија полека се претвораме во осамено друштво без визија за иднината, затворени во високите бели ѕидови на зградата, која не ја симболизира скромноста на ВМРО, туку нè отуѓува од народот. Водиме политики кои немаат јасни пораки и цели. Не го поддржуваме договорот со Република Бугарија, ама не сме против него. Не го признаваме изборот на Талат Џафери, ама присуствуваме на седници. Сме за влез во ЕУ и НАТО, ама со “Бетмен” на чело. Ги поддржуваме реформите на СДСМ, ама со десет пратенички групи се ќе направиме да ги блокираме.

Без разлика дали ние го признаваме или не, жално е за нас вмровците што Талат Џафери ги истакна идеалите на нашата борба, додека ние немо набљудувавме и се потсетуваме на деновите кога ВМРО-ДПМНЕ беше предводникот на тие идеали, а наследниците на комунизмот беа слепите набљудувачи. Речиси паралелно, Потпретседателот на САД го поздрави взаемното разбирање и подадената рака на сите политички фактори, но нас нè немаше во тоа друштво. Министерот за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел даде дополнителна тежина на ваквото европско однесување и го поздрави начинот на разбирање на балканските народи, но нас повторно не немаше. Сите овие настани само дополнително ги комплицираат позициите на ВМРО-ДПМНЕ и на никого за ништо не можат да му донесат корист, ниту во партијата внатре, ниту во политичката сцена во државата.

Но, ако не сме таму каде што треба и каде што сме потребни, тогаш каде сме ние? Следејќи го Груевски, и не предизвикувајќи ги неговите одлуки, во изминатите неколку години и ние станува дел од проблемот кој ни тежи на сите нас. Од реформатор и преродбеник се претвори во најголемиот балкански проблем. Тој ја трасираше траекторијата по која се движевме, тој ги спроведуваше политиките кои не доведоа до ова и тој треба да понесе одговорност после таквите политички промашувања. Нашата вина е во тоа што порано и поостро не се спротивставувавме на очигледните погрешни чекори. И таа вина е ограничена, затоа што и тие што се осмелија да се спротивстават, многу брзо губеа глас во окупираните и послушни партиски тела. Денеска наместо да покаже политичка храброст и да ја прифати декларацијата за демократизација и модернизација на партијата, видовме некои кадровски освежувања, кои нема да го променат имиџот на партијата. Сето тоа ни дава за право и легитимно прашуваме, кога ќе понесе политичка одговорност оној кој ги правеше овие промени, а партијата ја однесе во опозиција, изолирана надвор и внатре со речиси уништен коалициски капацитет.

Во целиот период на неговото владеење се случија голем број на реформи, но изостанаа реформите со кои вистински ќе се подобри стандардот и животот на граѓаните. Ја пропушти шансата да ги реши проблемите во образованието, после кои би биле задоволни мнозинството на наставници и мнозинството на студенти, средношколци и ученици. Насилно се наметнуваа решенија кои не носеа напредок во образованието. Ја пропушти шансата да го зголеми земјоделското производство и покрај огромните субвенции, а Македонија да остане увозно зависна земја во однос на храната, што претставува апсурд. Во делот на Евро- Атлантските интеграции немаше никаков напредок, а со тоа се зголемуваа фрустрациите дома, но и во меѓународната заедница. Здравствениот систем беше реформиран, но ни од далеку не ја оправда висината на вложените средства во нови болници и апаратура со што се зголеми недовербата во него кај обичните граѓани. Ја гушеше слободата. Ја пропушти шансата да инвестира во другите градови, да го реши меѓуградскиот превоз, да создаде национален авиопревозник, да ги подобри условите на работниците во фабриките и стотици други проблеми.  Сè на сè, проблемите не се решени, а имеше единаесет години.

На политички план му отсуствуваше храброст да се соочи со заканите од Заев, ја втурна државата во заложничка криза. Кој треба да превеземе политичка одговорност за овие штетни проценки? Сега наместо да ја прифати реалноста дека доживеа целосен неуспех на неговите политики, тврдоглаво се обидува преку разни конструкции и сценарија да нè убеди дека вината не е во него, туку во оние кои тој ги поставил, што е своевиден апсурд, бидејќи во тој случај тој е најповеќе виновен за погрешната кадровска политика и за тоа мора да понесе политичка одговорност. Доблесно ќе биде и да се ослободат луѓето што по диктат седат во партиските тела и извршуваат задачи без право на глас. Тоа е напразно глумење на демократија. Нека се ослободат тие луѓе, сигурен сум дека имаат капацитет и можат да донесат само подобри и поиздржани решенија. Тоа е начинот до поцврста партија, тоа е стилот на одговорните политичари.

Не охрабруваат пораките кои доаѓаат од Претседателот Ѓорѓе Иванов по повод Илинден. Таквите пораки ни влеваат надеж дека ќе се разбуди совеста на Никола Груевски, ќе ја ослободи партијата од своите пранги за да можеме да се свртиме кон иднината, кон нашата цел, ВМРО-ДПМНЕ заслужува подобро. Членството е лојално, патриотите се подготвени за политичка борба, но однесувањето на “уценетиот”Претседател ни ги одзема аргументите и политичките средства за борба. Тоа мора да престане и да се соочи со реалноста.

Илинден е наш најголем празник, празник на нашите вековни стремежи за слобода, сувереност и рамноправност. Илинден е над партиски идеал кој мора сите заедно да го чествуваме. Секој повик за бојкот на Илинден претставува повик за бојкот на државноста, на народот и на нашиот идентитет, повик кон нови поделби и омраза. Тоа ние нема да го дозволиме и ќе ги повикаме сите граѓани на оваа држава да се радуваат и да ги прославуваат 10те дена на Првата Република на Балканот, Крушевската Република, достоинствено и сплотено. Сите што сметаат дека не треба да се помеѓу народот на вакви денови, дефинитивно не им е местото помеѓу народот.

Да сте живи и здрави и вековна да е Македонија.

Александар Михајлоски, иницијатор за реформи во ВМРО-ДПМНЕ

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?