25 Април, 2024
0.0877

Д-р Трајче Стојанов

Најтемно е пред разденување

Објавено во: Колумни 26 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Последниве сончеви денови од оваа година ги користам максимално за прошетки по планините и дружба со природата. Есента во таа смисла е посебно инспиративна и восхитувачка. Тоа е парадоксално доба, доба на контрасти. Тоа е доба кога,од една страна, сеуште можете да видите раскошно зеленo и тажно жолто,од друга страна. Пред вас се распослани и боите на радоста и боите на тагата. И топло и ладно. И жар црвени крошни и сиви засушени стебла. И темно и светло...Тука се борат животот и смртта. И раѓањето и пропаѓањето.

Просто е парадоксално, како природата е најколоритна пред „умирање“!? Едноставно како со последните сили да се бори пред неминовноста на смртта, што ќе настапи во зима, со сета раскош што може да ја извади. Како да сака да каже – ако веќе умирам, сакам барем да бидам раскошна. Кога веќе мора да се умре, нека биде достоинствено! Кога настапува пак зимата, еден ден во декември, ноќта е најдолга. Како навестување дека темнината е тука. И долго не заминува. На тоа нè потсетува со краткоста на светлината и должината на темнината. На тој ден, ноќта е најдолга, денот најкраток.

Не знам, зошто, ова ме потсетува на последните политички настани. Со последните активности на СЈО, ми се чини дека ние влеговме длабоко во нашата политичка есен. Зимата, допрва ни претстои. Сега сеуште сме еуфорични и колоритни, но, нашата најдолга ноќ мислам допрва претстои. Затоа оваа колумна така ја започнав и на тоа сакам да апелирам. Да посочам дека крајот можеби денес е поблизу отколку што беше вчера, но далеку од тоа дека е веќе овде и дека сето ова ќе заврши бргу и безболно. Особено мора да се има на ум дека разденувањето што претстои ќе биде мачно и долго. Впрочем, најтемно е пред разденување.

Нашата најтемна ноќ пред развиделување допрва претстои. Поточно, нивната ноќ. Затоа тие пред „налетите“ на СЈО ќе бидат мрачни, оти тоа е нивниот кошмар. Развиделувањето претходи на најтемната ноќ. Тие ја посакуваат. Ние не смееме да ја дозволиме. Затоа, пред најдолгата, најтемната ноќ, мора да се биде свечен, раскошен, колоритен, есенски. Мора да се покаже сиот раскош што пркоси на нивната зима, на нивната темница. Ова раѓање на новото мора да биде достоинствено и величествено или поинаку нема да биде. Кога старото умира, новото се раѓа - свечено. И никако поинаку. Затоа, носителите на новото мора да бидат претпазливи. Црните сценарија им одговараат на оние на кои им се стемнува. Подготвени се на сè. Затоа, драги мои соборци, не бадијала шаренилото ни беше симбол на борбата. Да останеме шарени и достоинствени. Рано е за ликување. Мудро, претпазливо и достоинствено. Така почна, така мора да заврши, оти само така ќе се роди новото. 

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД