Наместо од трета, средношколците ќе избираат насока при запишувањето
Објавено во: Македонија 25 Април, 2017
Наместо како досега во трета да се пренасочуваат, средношколците од септември ќе треба да избираат насока уште при запишувањето.
Овие новитети ги соопштуваат од Бирото за развој на образованието за дел од медиумите.
„Моравме да одржиме континуитет во образованието по програмата „Kембриџ“. Имаме деца кои се школуваат по оваа програма од прво одделение, сега во средно имаме продолжување на истата. Всушност, ништо не се менува во начинот на упис во гимназиите, освен во начинот на кој ќе се образоваат. Учениците ќе избираат уште при поднесување на документите, дали, на пример, ќе учат по Б-програма или ќе имаат помал фонд на часови по математика и предмети од општествените науки или ќе избираат А-програма каде што ќе има повеќе часови по овие предмети. Има шест насоки: природно-математичка, јазик-уметност и хуманитарно-општествена. Оние што ќе се запишат ќе мора да изберат една од овие шест насоки што требаше да ги избираат во трета година. Ако некој ученик одбрал Б-програма, а подоцна се премисли и сака да учи со повеќе часови математика, во втора година ќе треба да дополага с` што пропуштил по овие предмети во прва. А ако некој сака од А-програма во Б, може тоа да го направи без преполагање “, објаснува Весна Хорватовиќ.
Во определувањето ќе има влијание и успехот на учениците што го постигнале во основно образование каде што веќе се работи според програмата „Kембриџ“.