25 Април, 2024
0.0362

Напред Катица!

Објавено во: Колумни 24 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Познатата македонска Фато мори душманке се преточи деновиве во Като мори душманке, а се пее и се пее богами од многумина....Актуелноста на една личност, посебно жена, во македонскиот општествен дискурс, не е запаметена, како оваа на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Токму затоа и медиумите се преплавени со нејзиниот лик и дело, собраниската говорница стана мета на пресметување меѓу политичките неистомисленици за неа, на  социјалните мрежи доминираат тези, хипотези и антитези за Катица, таа е предмет на дискусија меѓу лекарите, лозарите, професорите, дуќанџиите, пазарџиите, добронамерниците. Слушајќи и гледајќи колку внимание и интерес предизвика ликот и делото на специјалната јавна обвинителка, со права може да се каже дека таа во македонската историја ќе остане како една од најинтригантните, но и најмоќни жени.

Без пардон ќе воскликнам браво и напред Катица, поддршка безрезервна од мене, бидејќи некој конечно реши да се носи гради в гради со криминалот, некој реши храбро и достоинствено да рече стоп и доста е на сите криминогени дејанија, некој конечно реши да го врати правото и правдата во нашата ни мила Македонија.

(Не)култура на комуникација

Гладијаторска арена деновиве изгледаше парламентот, местото каде треба да се водат конструктивни дебати и да се гласаат закони од кои ни зависи нашата иднина. Како глутница волци изгледаа пратениците, вклучувајќи ги и жените пратенички кои патем си ја покажаа својата (не)култура на комуникација, волци кои намирисале крв и едвај чекаат да ја растргнат жртвата. Секоја чест на Катица, која мртва ладна, на себе својствен начин им одговараше иронично, метафорично и се носеше со сите бљувотини кои беа исплукани кон неа. Сите критики за неа и за нејзината неостроумност и неелоквентност паднаа во вода за овие три дена. Таа докажа и покажа дека не е случајно таму каде што е и дека голем товар може да носи на плеќите.

Хиени колку и да сакаш во оваа наша држава

Срам и арам за оние кои собираат политички поени на нејзин грб и кои како Мефистофел чекаат во заседа и се ситат на нечија грешка или ненамерен превид. Хиени колку и да сакаш во оваа наша држава, а дел од нив глумат големи интелектуалци постојано верглајќи едно исто, големи правници и мудруваат. Критиките одат од стилот на Јанева, до нејзината речитост и познавање на правото. Сакам само да ги потсетам сите тие кои критикуваат прво да се погледнат себе си во огледало и во сопствениот атар и ако можат мирно да го гледаат својот лик и да немаат грижа на совест нека продолжат. Но се ми се чини дека малкумина ќе можат тоа да го сторат. Дел од нив недокажани и исфрустрирани во професијата, глумат креатори на јавно мислење, а заборавиле како до вчера ја воспевале партијата и цицале од нејзини јасли (локални или државни), за потоа за ситни грошчиња да станат најголеми критизери. Други пак мудруваат, стигматизираат, кфалификуваат и моралисуваат, а самите се морално некредибилни бидејќи ако чесноста и моногамијата се врвни вредности тогаш нивниот морален кредибилитет е урнисан. Трети неможејќи да си го најдат своето место под сонцето, лутајќи и барајќи начин како да се вгездат некаде, бидејќи се што дофатиле претходно се урнисало (од семејство до работа), ќе лепат етикети и даваат дијагнози, се со цел да гризнат и тие дел од државниот колач кој се повеќе мириса на мувла. Ми се лоши од сите нив, но среќа е што народот веќе ги препознава и се почесто не ги смета за сериозни и се мајтапи со нив.

Седете си мадро

Седете си мадро оти ќе одите модро, се повеќе ми оди на ум народната, бидејќи како што тргнало истите тие врескачи сакаат да си го прикријат својот срам и своите недела и затоа се предводници на линчот на специјалната обвинителка. И толку им е и многу им е и нека им остане во историјата, еден ден кога ќе се гледаат претпоставувам ќе се каат, а потомците ќе се срамат од нив. А ние другите со гордо крената глава и мирна совест ќе викнеме - ви рековме, но не не слушавте, ваша грешка е.

П.С. Врвни научни умови, кои се перфекционисти во својата област (доктори, професори, инжињери и сл.) ја имаат тремата од јавен настап и никогаш не прифаќаат, но тоа во никој случај не ја намалува нивната стручност, врвни писатели, признати, познати, величани и наградувани (Дикенс, Твен и др.), се без високо  образование, врвни стручњаци (Гауди) изградиле импозантни дела а биле слаби студенти и сето ова во контекст дека нештата не се црно-бели, и не може да судиме само врз основа на еден факт, треба да се види целината.

Проф. Д - р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД