16 Април, 2024
0.0249

Народна Банка: Економските параметри се стабилизираат, но се уште има ризици од политичките настани

Објавено во: Економија 15 Март, 2017

Добивај вести на Viber

На 14 март 2017 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика, соопштуваат од НБРМ.

- По трите последователни намалувања на каматната стапка, како одраз на постојаното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и континуираното исцрпување на ефектите од политичката криза, на оваа седница на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да не се промени. Во услови на зголемена ликвидност во банкарскиот систем, на седницата се одлучи понудата на благајнички записи да се зголеми на 30.000 милиони денари, односно за 5.000 милиони денари повеќе од нивото на достасаните благајнички записи (25.000 милиони денари). Каматната стапка на благајничките записи изнесува 3,25%, колку што изнесуваше и на претходната аукција.

Сигналите за стабилизација и натаму се присутни во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти ‒ штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи. Првичните февруарски податоци упатуваат на понатамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, со што тие се зголемуваат девет месеци последователно. На девизниот пазар се задржани поволните движења, при што во првите два месеца од годината, збирно, НБРМ интервенира со нето-откуп на девизи. Девизните резерви и понатаму се на адекватно ниво. Поволните остварувања се во услови кога остварувањата и оцените за стабилноста на економските фундаменти и натаму се позитивни.

Во однос на економската активност, објавените проценети податоци за БДП за четвртиот квартал покажуваат раст на економијата, но малку посилен во однос на претходниот квартал (2,4% наспроти 2%, соодветно). Реалниот раст на БДП за целата 2016 година изнесува 2,4% и речиси и не отстапува од проекцијата на НБРМ од 2,3% за 2016 година. За првиот квартал од годината, бројот на расположливи вискофреквентни показатели е ограничен и премногу е рано за посигурни констатации.

Февруарските податоци за движењето на цените во домашната економија покажуваат годишен раст на инфлацијата од 0,2%, што е малку послаб раст на цените од очекувањата. Сепак, нагорните корекции на очекуваното движење за 2017 година кај влезните претпоставки за увозните цени упатуваат на потенцијални нагорни ризици во однос на проекцијата на инфлацијата во 2017 година, како последица на фактори на страната на понудата.

Во февруари, петти месеци по ред, продолжи зголемувањето на ликвидноста во банкарскиот систем, што се должи на редовните трансакции на државата, како и на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар за нето-откуп на девизи. Имено, во февруари, на девизниот пазар се воочуваат вообичаени сезонски движења кај понудата и побарувачката од клиентите на деловните банки, при што нето-продажбата на девизи којашто банките ја остварија беше на минатогодишното ниво. Сепак, во услови на солидна девизна ликвидност кон средината на месецот, на меѓубанкарскиот пазар се јави вишок понуда на девизи, што услови откуп на девизи на Народната банка во трансакциите со банките поддржувачи. 

Во околности на натамошен раст на вишокот на денарски ликвидни средства, банките повторно го зголемија износот на пласирани средства во расположливи депозити кај Народната банка. Нивната состојба достигна високо ниво, односно 43% од износот на средствата пласирани во основниот инструмент за монетарно регулирање. Растот на потенцијалната ликвидност на банките, којашто тековно е насочена кон расположливите депозити кај Народната банка, се одвива во околности на намалена кредитна побарувачка во последниот период, што е резултат на неизвесноста поврзана со политичката криза. Во такви околности, како и поради тоа што банките немаат можности да инвестираат во други домашни долгорочни финансиски инструменти, на седницата беше заклучено да се повлече дел од овие средства, коишто веќе добиваат карактер на структурен вишок на ликвидност во банкарскиот систем.

Понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти е видливо и преку промените кај депозитите на населението во банкарскиот систем. Првичните податоци за февруари 2017 година покажуваат натамошен раст на штедењето на населението, деветти месец последователно. Сепак, вкупната депозитна база во февруари повторно забележа месечен пад, како последица на намалувањето на депозитите на претпријатијата. Ваквите остварувања доведоа до забавување на годишната динамика на раст на депозитите, сепак нивото на депозитите е повисоко во однос на очекувањата.

Во однос на кредитната активност, првичните податоци заклучно со февруари покажуваат продолжување на растот на кредитите на годишна основа и задржување на трендот на поизразено кредитирање на секторот „население“. Последните податоци за кредитната активност упатуваат на послаби остварувања во однос на проектираните за првиот квартал на 2017 година, согласно со октомвриската проекција.

Податоците за девизните резерви во февруари, во однос на крајот на 2016 година, покажуваат пад, во голем дел како резултат на фактори од привремен карактер. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, за почетокот на годината се достапни податоци за менувачкиот пазар заклучно со втората декада од февруари, коишто упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери што се блиски во однос на очекувањата. Исто така, и последните расположливи податоци за надворешната трговија за јануари не упатуваат на остварувања различни од проектираните. Сепак,краткиот период и променливата сезонска динамика се ограничувачки фактор за донесување посигурни констатации во однос на очекувањата за целото тримесечје.

На меѓународните финансиски пазари се засилуваат пазарните очекувања за постепено нормализирање на монетарните услови од страна на глобално влијателните централни банки, како одговор на поизвесните нагорни ценовни придвижувања и солидните економски остварувања, како во САД, така и во евро-зоната. На состанокот на ЕЦБ, на почетокот на март, беше задржана тековната поставеност на монетарната политика, но се разгледуваа намалените дефлациски ризици, што придонесе за умерен раст на приносите на државните обврзници, во очекување за почеток на циклус на зголемување на каматите до крајот на годината. Во САД, пазарните учесници очекуваат дека централната банка ќе ги зголеми каматните стапки на состанокот на 15 март и дополнително, во јули и декември, што е во согласност со макроекономските остварувања и поволните услови на пазарот на труд.

На седницата беше заклучено дека оцените за стабилноста на економските основи и натаму се позитивни. Ризиците од домашните политички случувања сѐ уште се присутни и изразени. Воедно, и ризиците од глобалното окружување се повторно актуелни.

НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата, а идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од понатамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент, се наведува во соопштението.

Можеби ќе ве интересира

И ЗЛАТОТО ПОСКАПЕ: Која е новата цена на една унца?

И ЗЛАТОТО ПОСКАПЕ: Која е новата цена на една унца?

СЕ НАОЃА ВО БОСНА: Ова е град на милионери

СЕ НАОЃА ВО БОСНА: Ова е град на милионери

РАСТЕ ЦЕНАТА НА СРЕБРОТО: Кризата на Блискиот Исток води кон негово поскапување

РАСТЕ ЦЕНАТА НА СРЕБРОТО: Кризата на Блискиот Исток води кон негово поскапување

ИЛОН МАСК СО РАДИКАЛНА МЕРКА: Тесла ќе отпушти над 10 отсто од својата работна сила

ИЛОН МАСК СО РАДИКАЛНА МЕРКА: Тесла ќе отпушти над 10 отсто од својата работна сила

ЕВЕ КОИ ВОЗАЧИ ТРЕБА ДА ГИ ЗНААТ НОВИНИТЕ - Регулаторна со нови цени на нафтените деривати

ЕВЕ КОИ ВОЗАЧИ ТРЕБА ДА ГИ ЗНААТ НОВИНИТЕ - Регулаторна со нови цени на нафтените деривати

НЕ МУ СЕ ПЛАШЕТЕ НА СТУДЕНИОТ БРАН, ИАКО ДЕНЕСКА ЗАВРШУВА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА - ако е многу ладно, пак ќе ни пуштат парно

НЕ МУ СЕ ПЛАШЕТЕ НА СТУДЕНИОТ БРАН, ИАКО ДЕНЕСКА ЗАВРШУВА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА - ако е многу ладно, пак ќе ни пуштат парно

Кој заработи 2 милиони евра од продажба акции во „Македонијатурист“?

Кој заработи 2 милиони евра од продажба акции во „Македонијатурист“?

БЕЛГРАД НА ВОДА СЕ ШИРИ - ќе се протега и на Нов Белград и ќе дојде до Хиподром

БЕЛГРАД НА ВОДА СЕ ШИРИ - ќе се протега и на Нов Белград и ќе дојде до Хиподром

ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА ВЕЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИЈА КАКО РЕЗУЛТАТ НА ИРАНСКИОТ НАПАД: Се очекува цените дополнително да рипнат

ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА ВЕЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИЈА КАКО РЕЗУЛТАТ НА ИРАНСКИОТ НАПАД: Се очекува цените дополнително да рипнат