29 Март, 2024
0.0250

Нарушување на рамнотежата меѓу пазарот и социјалата

Објавено во: Колумни 11 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

По неколку извонредни рејтинг позиции на Македонија  кои го покажуваат напредокот на земјата во определени сегменти на реформските процеси, на што со право  може да се гордеат граѓаните, како ладен туш дојде  објавувањето на листата на Светска банка за најбавно растечките економии . Имено, Македонија беше рангирана на 14 место на листата од 20 најбавно растечки економии во светот. Она што дополнително остава впечаток е што ваквата вест, незнам поради кои причини помина речиси незабележано. Несакам да верувам дека неатрактивноста на информацијата за медиумската и стручната јавност од последното рангирање на Светската Банка се должи меѓу другото и поради фактот што за повеќето во земјата овој податок не претставува некакво посебно изненадување.  Или сите, ваквата вест ја доживуваме како судбина. Се знае дека економскиот раст на земјата е низок и се очекува да се зголеми . Но, како? Секако не со политиките кои генерираат ниски стапки на раст, а забрзувањето на растот го гледаат во прилив на странски средства колку што нам ни требаат. Крајно време е да се согледа зошто, и покрај напредните реформи, растот е под остварувањата на многу други земји, според нивото на развиеност,  слични на нашата. Во повеќе наврати сум укажувал дека макроекономската политика која генерира дефицити во надворешно-трговскиот биланс и во билансот на тековната сметка на платниот биланс не е во функција на забрзување на растот. Пред десеттина години, од високи научни авторитети, се укажа дека таквата макроекономска политика води кон маѓепсан круг на ниски стапки на раст. И овде повеќе не би го елаборирал проблемот. Бидејќи, не е само тој. Време е да се запрашаме зошто, и покрај бројните реформи, оценувани со високи оценки од меѓународни институции, стопанството не може да се оттурне од дното, да почне да се намалува високата невработеност и сиромаштија на населението. Апсурдно е што бројни мерки за поддршка на стопанството, на задоволство на челниците на стопанските комори, не даваат задоволителни резултати. Станува се‘ поочигледно дека бројот на мерките не мора да биде и квалитет. Напротив. Нивниот квалитет треба да се вреднува според ефектите во стопанисувањето. Притоа, од суштествено значење е да не се наруши оптималниот  однос меѓу делувањето на пазарот и социјалата (на денешниот степен на развиеност), бидејќи доминацијата на пазарните мерки може да доведе до несакани социјални потреси, а доминацијата на социјалата во макроекономската политика може да го доведе во прашање  остварувањето на саканите развојни перформанси. По се‘ се чини дека стопанството во Македонија, и покрај напредокот во воспоставувањето на интегрален пазарен систем, од неговите почетоци досега, е под силна пресија на социјалните тензии во општеството. Формално- правно се вративме во капитализам, меѓутоа практиката остана социјалистичка. Наместо свртување кон создавање на што повеќе нови вредности, целото внимание е свртено кон дистрибуција на постојното, со цел да се ублажат евентуални социјални тензии. Имено, и покрај оправдани критики на процесот, при приватизацијата се наплатија значајни  средства, но никој не се сеќава дали со нив се изгради нешто, а тие средства, според нивната природа, требаше да бидат наменети за тоа. Во целиот период по осамостојувањето на Македонија, преструктурирањето на стопанството беше следено со  висока толеранција на црниот и сив пазар, со што во голема мерка се нарушуваа условите за пазарно стопанисување на легалните фирми, доведувајќи ги во прашање дури и развојните амбиции на некои од нив. Иако повеќето законски норми се преземени од развиените економии, зачудувачка е толеранцијата на пробивање на роковите за завршување на стечајните постапки. Со тоа тие се претвараат во ликвидациони постапки, иако пазарната логика  води кон обезбедување на брза консолидација на фирмите во стечај. Ова се однесува откако ќе се покрене стечајна постапка. Меѓутоа, уште посоцијално е насочена толеранцијата на практиката на неплаќање на договорени обврски. Круна е толеранцијата на неплаќањето  на плати на вработените во полн износ договорен со менаџерите (бруто плата). И покрај огромните казни предвидени за такви постапки, добар дел од фирмите работаат на тој начин што исплатуваат само нето плати, а доколку исплатуваат бруто плати, тогаш придонесите за здравствено и пензиско и инвалидско осигурување се утврдуваат на ниво на најниски нето примања, а дел од нив се исплатуваат во коверти. Надлежните како да не ги интересира дека на тој начин се демотивираат работниците и се поткопува здравственото и пензиското осигурување на вработените, а товарот се пренесува на даночните обврзници, бидејќи дефицитите се покриваат од буџетот. Објективно гледано, пазарно неодржливи се и мерките со кои на должниците им се отпишуваат каматите за доцнење на уплатите за придонеси, бидејќи од една страна се нарушуваат условите за работење на оние што плаќаат и оние што не плаќаат редовно, а од друга страна,  испаѓа дека првите се казнуваат за уредноста во спроведување на прописите. Покрај споменатите, арсеналот на социјално-политички мерки постојано се збогатува. За несреќа, на штета на почитувачите на првично донесените законски решенија, бидејќи еднаш донесените законски решенија за краток период се модифицират во уште поповолни, за оние заинтересираните. Се сеќавате дека тие што веднаш пристапија кон откуп на дворните места платија десетпати повеќе од оние што истата работа ја изведоа  по промената на законот. Слично на ова, значително  им се подобрија условите за проектот „купи куќа-купи стан“ на годинешните корисници, во однос на ланските. Проблемот е што инвенцијата за нови социјално мотивирани мерки продолжува да се шири. По логика на некои од претходните мерки, расте „грижата“ за сиромашните и веројатно не е далеку денот кога, доколку не се промени односот кон развојот, државата ќе расправа за простување на долговите, по разни основи, на сиромашните семејства. Бидејќи, кога може на фирмите, зошто не би можело и на сиромашните. Меѓутоа лесно забораваме, дека и покрај досегашното искуство ,  тие со тоа нема да станат побогати. Имено, само ќе се зголеми сиромаштијата, како што се случува досега. Оттука сметам дека е неопходно брзо свртување на економската политика кон создавање на нови вредности. А тоа е можно само преку воспоставување на  оптимален однос меѓу пазарот и социјалата, односно преку рушење на дистрибутивната структура во општеството. д-р Крсте Шајноски  

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?