29 Март, 2024
0.0262

Нашите Манифести

Објавено во: Колумни 02 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Крушевски манифест (1903): „Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и от неговите китни села без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати шчо гледаат и нас и вас, да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустина, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода. Вие мошне арно знајте оти ние не сне лоши и разбирате оти от мака си кладофне главата в торба, за да заживејме како браќа на оваја земја, ние ве имаме како сфои и сакаме до крај да останиме сфои. Ние не дигнафне пушка протиф вас - това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирниот, трудољубивиот и чесниот турски нарот шчо се прерануат, како нас со крваф пот - тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да грабиме, да палиме и да крадиме - доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мајки и сестри, жени и ќерки; требит да знајте оти вашиот имот, вашиот живот, вашата вера и вашата чес ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите. Анџак, за да си завардиме имотот, животот, верата и честа, ние сне зеле пушка.“ Манифест на Првото заседание на АСНОМ (1944): „Овија исторически печалби кои ти ги оповестува твоето прво Народно Собрание не се ни случајни ни аризани. Тиа се плод од реки пролеана крв и од купишта коски посејани од едниот до другиот крај на Македонија. Во петвековното ропство разни поробувачи е грабеа твојата земја и го поробуваја твојот народ. Единото средство које не можеше да ти биде ограбено, беше борбата. Таја остана најсилното оражие во твоите раце и ти помогна да не бидеш збрисан како народ. Во следните денови на Илинденското востание и Крушевската република, ти разбра колкава е силината на това оражие. Илинденското востание откри пред цел свет колку е тврда твојата решеност да не бидиш роб на никого, ами да заживееш како слободен народ. Илинденската епопеја ти покажа и тебе колку е силна твојата тупаница кога се подигна за извојуване на слободата. И токмо така сила ги заплаши твојте скриени и отворени душмани - империјалистите од комшиските балкански држави.“ Овие две поголеми цитати од, можеби, најзначајните документи во македонската историја, треба да ја илустрираат важноста на истите, токму заради континуитетот на кој се повикуваат. Зошто, според мене, овие два документи, следствено и настани се најважните во нашата историја? И зошто е важно да се инсистира на нив како на извор на нашата државност? И зошто конечно, сметам дека е непотребно, излишно и неразбирливо да се оди подалеку во историјата за да би се фундирала нашата државност? Се разбира, секогаш можете да инсистирате на тоа дека исто така на втори август 338 г. п.н.е., била и позната битка кај Херонеја во која Филип II ги победил Атина и Теба, со што дефинитивно ја утврдил власта врз античкиот свет. Ова, не само што е бесмислено, затоа што во никој од двата посочени манифеста не се повикува на оваа битка, туку е и крајно непотребно. Затоа што во тој антички историски период нема ниту еден културолошки и идеолошки елемент што е вграден во современата македонска државност. Живо ме интересираат „Александровите идеи“ на кои може да се повикаме денес? Дополнително што со Асномскиот манифест, ние директно и непосредно сме вклучени во последниот и највредниот темел на современа Европа – антифашизмот! Да го заборавате тоа, да го заобиколувате или омаловажувате, значи да си ја сечете гранката на која седите. Ние со таа борба сме во Европа, ние сме Европа, оти заедно го носевме бајракот во битката против фашизмот. Антифашистичката идеја е последниот, најдлабокиот и наважниот фундамент на обединета Европа. Впрочем, како што вели асномскиот текст: „Вие сте дел на славната Народно-ослободителна војска на Југославија и како такви - сојузници на победоносната Црвена армија и на англоамериканските војски, кои ги задават последните удари на фашискиот окупатор“. Уште повеќе што Асномскиот манифест прво им се обраќа на Илинденците, директно барајќи го континуитетот таму: „Се исполнуват целите за кои вие сте се бориле. Македонија врви кон својата слобода, кон непостигнатиот идеал за кој хиладници ваши другари ги дадоа својте животи во Илинденската епопеа.“ А зошто Илинденскиот манифест е значаен, не само заради тој историски континуитет на кој се повикува и АСНОМ? Заради универзалноста, па веројатно и наднационалноста и интернационалноста на битката што повикува да се води. Крушевскиот манифест е манифест на интернационалата, силно социјалистички интониран, со јасна порака за правда, за социјална правда: „Ние не само ве имаме како сфои браќа, туку и ве жалиме како сфои браќа, бидејќи разбираме, оти и вие сте робје како нас, робје на царот, и на царските бегој, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите...“ Токму така, сите сме робје, робје само и единствено на „богатите и силните“, неправдата во суштина е социјална неправда. Од првиот, до вториот „Илинден“, борбата македонска е левичарска. Впрочем, секоја борба поинаква на може да биде. Обесправените имаат едно заедничко „царство“, една заедничка борба. „Мили наши комшии! Како Турци, Арнаути и мусљумани, разбираме, вие се си мислите, оти царстфото јет ваше и оти вие не сте робје, шчо на царскио бајрак немат крст, а имат ѕвезда и месечина. Оти не јет така и оти грешите, вие брго ќе се сетите и ќа го разберите“. Независно дали на „царството“ има крст или месечина, тоа не е царството на поробените, обесправените, сиромасите, експлоатираните...тоа е можеби најдлабокиот и најуниверзалниот абер што ни пристигна од Крушево: борбата е против сите царства во кои треба да робуваме! Не се поклонуваме ниту на крстови, ниту на месечини, уште повеќе – одбиваме да се поклонуваме било кому, оти баш така сме робои! Од истата, повисока перспектива на работничката борба и обесправеност веќе во вториот пасус, Асномскиот манифест им се обраќа на работниците, а веднаш по нив и на селаните. И Крушевскиот и Асномскиот се подеднакво антиимперијалистички, социјалистички четива, чисто левичарски прогласи. И затоа уште еднаш - од првиот, до вториот „Илинден“, борбата македонска е левичарска. Впрочем, секоја борба поинаква на може да биде. Но, она што е поважно, е  што овие документи содржат неверојатно визионерски и прогресивни идеи, кои биле далеку пред времето, а со тоа и завети, што можеби не се исполнети до денес. Така на пример, Илинденскиот манифест е еден суштински мултикултурализам, поточно интеркултурализам, во кој меѓу-етничката коминикација и живот, е возможен токму од таа повисока, социјална перспектива, а не како денешниот, лажен мултикултурализам кој се претвори во идеологија на неолибералната експлоатација и империјализам. Исто таков суштински е и родовиот аспект на манифестот. АСНОМ ги повикува македонските жени, мајки и сестри, токму од таа повисока, социјалистичка перспектива, со што родовите прашања добиваат вистинска смисла, наместо јаловата борба на денеска разни феминизми во неолиберален контекст. Многу делови звучат прогресивно, антиципаторски, веројатно и пророчки: „Зората на слободата изгрева! Од крвавата борба израсна веќе слободна Македонска држава, во нова, демократска и федеративна Југославија. Но борбата уште не е завршена. Прегнете ги сите сили да се истргне слободата што поскоро, да се сачуваат печалбите на сегашната борба, мобилизирајте ги сите снаги за изградувајнето на нашата држава и направете од неа сретна татковина на среќен народ“. Заветот, драги мои за „сретна“ татковина, веројатно сеуште стои! Ќе го исполниме ли!? д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?