29 Март, 2024
0.0232

НАТО и Русија – најдобро е да се разговара

Објавено во: Колумни 16 Јули, 2016

Добивај вести на Viber

Викендот што помина го ознаменија лидерите на НАТО кои се собраа во Варшава. Само три дена подоцна се состана Советот НАТО – Русија, прв пат по две годишна пауза. Од овие два собира многу се очекуваше, но се чини дека работите не се придвижија во посакуваната наскоа, ниту на Русија, ниту на НАТО. Сепак, најважно е што седнаа да разговараат. Одгласите што доаѓаа од Варшава носеа пораки за „Конструктивни односи со Русија“, за тоа дека „НАТО не сака нова студена војна со Русија“, дека „НАТО не е опкружен со непријатели, туку од закани“, дека „Русија е партнер, а не закана“, па од другата страна дека „ НАТО практично се подготвува за војна со Русија“,  и слично. Сето тоа искажано декларативно и споредено со одлуките на Самитот дава повод за размисла дека сепак во Варшава не било се глатко и дека постигнатото единство од некого било поддржано со стегнати заби, а не со силно отворена уста на одобрување на одлуките. Според мене главно постигнување на Самитот е потпишаниот „Пакт за соработка“ меѓу НАТО и ЕУ. Првите луѓе на НАТО и на Европската унија во Варшава потпишаа Договор за одбранбена соработка. Како што пренесоа агенциите двете страни го оцениле Договорот како „историски“. Според Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО тој документ „Ја одразува новата содржина и сила на партнерството меѓу ЕУ и НАТО во борбата против „хибридната војна, кибер нападите и справувањето со огромниот бран на илегални мигранти“. Доналд Туск, пак, претседател на Европскиот совет, оцени дека овој нов договр ќе ја промени сегашната ситуација во која НАТО се третира како воен сојуз, а ЕУ како политички и економски блок, кои „се наоѓат на различни планети, а не во еден ист град“. Кога се споменува хибридна војна јасно е дека се мисли на Русија, како и за кибер нападите, но и полесното справување во глобални рамки. Ако се вратиме дваесетина години наназад, НАТО, по распадот на Варшавскиот пакт, требаше да престане со своето постоење, бидејќи објективно не постоеше реална закана за нов светски конфликт. Источниот блок се распадна, Русија беше на колена. САД ја славеа победата над вечниот непријател – СССР, а  се декларираше и крај на Студената војна. И во таква состојба многумина очекуваа дека НАТО пактот ќе прерасне во некаква политичка организација. И наместо да се подаде рака на Русија и нејзините идеи за мир во Европа, па дури и членство во НАТО, Западот почна со проширување на Алијансата. Држави кои не ги исполнуваа критериумите за членство, а поранешни сојузници на СССР, беа широкоградо примани во НАТО. Одговорот стигна во 2007 година. Рускиот претседател Владимир Путин, во Минхен најави дека почнува нова Студена војна. Многумина се чудеа што зборува Путин. Но еве по речиси десет години таа е на прагот, ако не е и започната. НАТО  постојано се приближува кон границите на Русија, со примањето на нови членови во својот состав. Русија не може да гледа мирно на таквите потези. Војната во Грузија во 2008 година и настаните во Украина се само одраз на она што го мисли Русија или црвената линија која таа ја повлекува. Одговорот на НАТО е – голема „благодарност“ до Путин што даде повод Алијансата да проговори за потреба од нејзино зацврстување, пред „непредвидливото руско однесување“. И наместо да стане политички клуб, НАТО сега е воено крило, а ЕУ, по Договорот од Варшава е политичкото крило на една иста „партија“. Без оглед на тоа што сите членки на НАТО не се и членки на ЕУ и обратно. Како и во секоја партија и овде има фракции, но тоа не ја менува суштината на „партијата“. Што се договори во Варшава? НАТО да размести војници, 4.000 од разни земји членки, во Балтикот и во Полска. За Русија таа бројка не е голема закана, но како чекор не го прифаќа и вели дека ќе мора да ја штити својата граница. Војниците нема да бидат разместени на постојана основа, туку ќе ротираат. Сето ова благодарение на договоротпотпишан меѓу НАТО и Русија во 1997 година, според кој Алијансата нема да размествува постојани војски на територијата источно од Германија. Ако кон ова се додаде и Против ракетната одбрана на Западот разместена во Романија, а се очекува и во Полска, тогаш Русија има право на кревање врева околу чекорите на НАТО. Зашто сето ова е провокација и игра на нерви. Во неа е јасно дека Русија не може да и парира на Алијансата ако стане збор за класична војна, но нејзин адут е нуклеарнто оружје. Е тука се замислува и НАТО. По Варшава дојде и Брисел и заседанието на Советот НАТО-Русија. Тој од страна на НАТО-Столтенберг беше најавен уште долго пред Самитот во Варшава. Русите го прифатија кога имаше причина за негово одржување. А тоа е обостраниот интерес за деескалација на состојбите. Тој очигледно постои на обете страни. Да не заборавиме дека во меѓувреме Путин имаше и телефонски разговор со американскиот претседател Барак Обама. Најзначајно за Советот НАТО-Русија е што воошто се одржа заседанието по двегодишна пауза. Тоа не донесе некаков напредок во соработката. Разликите околу Украна и натаму постојат, и таа во моментов е главното спорно прашање меѓу двете страни. Русија на состанокот дојде со предлог кој се однесува околу безбедноста на летовите на воените авиони на двете страни, особено над Балтикот. Изминативе месеци на сметка на Русија имаше мноштво обвинувања дека нејзини авиони претставуваат закана за регионите каде што летаат. Русија предложи сите воени авиони и од НАТО и од Русија да летаат со вклучени транспондери, предаватели кои овозможуваат идентификување на леталото. НАТО засега е без конкретен став за ова прашање, освен искажување дека предлогот ќе биде „внимателно разгледан“. Во НАТО многумина осознаваат дека дијалогот е најважен. Да, ќе се покажува сила кон Русија, но нема да се уриваат мостовите на соработката. Засега најжестоки противници на ваквиот приод се некои поранешни членки на Варшавскиот пакт и државите од Балтикот. Но не зависат работите многу од нив. Сигурно НАТО нема да влезе во војна во Русија, доколку малата Латвија, на пример, провоцира воен инцидент кој може да предизвика соодветен одговор од Русија, како што беше со Грузија. Иако, за волја на вистината, со распоредувањето на воени контингенти во Балтикот им се дава одредена надеж на тие држави дека нападот на една врз нив е и напад врз НАТО. Пораките што во моментов доаѓаат од двете страни зборуваат дека тие се за смирување на  воената реторика. Синоќа во Москва кај Путин беше американскиот државен секретар Џон Кери. Иако не се знае како завршија разговорите, а темите беа најразлични, се чини дека и Русија и САД, читај НАТО, ќе направат некои чекори во таа насока. Путин тоа би го прифатил со широко отворени раце. А и на Барак Обама ќе му биде од полза, зашто на крајот од мандатот ќе сака на својот наследник да му остави некои добри работи, а и нему тоа ќе му биде запишано како некаков успех во претседателствувањето. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?