НАТО ќе организира големи маневри во Србија
Објавено во: Балкан 23 Февруари, 2018
НАТО ќе организира воени маневри во Србија, на почетокот од октомври. Вежбите, во рамки на Евроатлантскиот центар за вонредни ситуации, ќе бидат одржани кај Младеновец и Аранѓеловац.
Српските власти потврдија дека вежбата „Србија 2018“ е слична на маневрите кои досега беа спроведени во Босна и Црна Гора. Целта на „Србија 2018“ е справување со подледиците од евентуални вонредни ситуации.
Србија се наоѓа под голем притисок на западната Алијанса да одбере на која страна ќе застане - Западот или Русија. Српското раководство досега ја следи политиката на „неутралност“ обидувајќи се да одржи балансирани односи и со двете страни. Москва, од разбирливи причини, остро се противи на евентуалното зближување и српско членство во Алијансата. Српската војска годинава ќе учествува на две вежби во организација на НАТО, како и на десетици маневри, кои се организирани од членките на воениот сојуз, но не и од самата Алијанса, пишува белградска „Политика“.
- Сакаме да го продолжиме јакнењето на партнерството помеѓу НАТО и Србија. НАТО може да понуди стручност и совети во сите области што Србија ќе ги избере. Подоцна годинава, Србија за првпат ќе биде домаќин на важна евроатлантска вежба за цивилна вонредна соработка - порача генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.