19 Март, 2024
0.0258

Наука и политика

Објавено во: Колумни 15 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Идните поколенија нема да се жалат

на злото и насилството на лошите луѓе

туку на молчењето на добрите

Мартин Лутер Кинг

Мудриот Мартин Лутер Кинг, мошне прецизно и директно, ја отсликува нашата реалност, денешнината која ја живееме  и битисуваме во ова време-невреме. Без временска и хируршки прецизна е максимата,  која на едноставен и можеби за миг суров начин, го отсликува нашето секојдневие. Долги години, без тронка страм и страв, можам слободно да кажам дека живеевме под притисок на шизмата, гушејќи се во нашата сопствена немоќ да сториме нешто за да ги отфрлиме прангите. А прангите катадневно стануваа се потешки и потешки, се додека еден ден добриот клучар го скина горливиот јазол и клопчето почна да се одмотува.

На прсти се броеа интелектуалците кои застанаа на браникот на слободата на мислата

Во тие времиња на гушење на слободата на мислата и говорот, во тие времиња на страв и трепет од споменување на нечие име, во тие сулуди и мрачни времиња, времиња кои потсетуваа на Орвеловата “1984”,кога шепотот и молкот беа начин на комуникација, а гласноговорењето беше мисловна именка, само малкумина се осмелуваа јавно, без страв и без влакна на јазикот да проговорат за една диктатура, да проговорат за потребата од слобода на мислата и говорот, да воскликнат силно и да се борат против нешто што се вика режим. На прсти се броеа интелектуалците кои застанаа на браникот на слободата на мислата, говорот, автономијата и демократијата. Другите молчеа, аминуваа и беа само неми сведоци на се што се случува, а дел од нив, под плаштот на материјална и индивидуална придобивка, при очи се правеа слепи и си го зголемуваа банковното конто.

Кај оние што сте ги кревале на пиедестал, и кај дел од нив доминира егоизмот

Тогаш повеќето од нас се прашуваа што е тоа што го држи интелектуалцот во пранги и не го пушта да изусти ни збор, а е учен и поучен за демократија, слободи и права и дали политиката е толку сурова што ги заробува и поматува и слободните и паметни умови. Размислувајќи сфаќате дека суровоста на политиката, суровоста на политичарите и политичките одлуки, се одраз на нивниот начин на практицирање на политиката и сето тоа е дел од нивниот начин на живеење, начин на изразување и начин на дејствување. Но, сепак се надевате дека има некој кој ќе ја смени црно -белата политичка слика и ќе го внесе сето она шаренило и ќе ја обои со правилни и вистински бои животната и политичка сцена. Но, едно големо но, после некое време, после голема борба и добиени битки против оние кои ја урнисуваа демократијата, сфаќате дека и кај оние што сте ги кревале на пиедестал, и кај дел од нив доминира егоизмот, етноцентризмот и индивидуализмот.

Секој интелектуалец и научник во борбата против режимот тргнувал од повисоки цели

Секој интелектуалец и научник, кој исконски си ја сака државата, во борбата против режимот тргнувал од повисоки, колективни цели, ставајќи ги сопствените далеку позади себе.  И сметате дека и оние, кои се дел од политичката елита, ќе умеат да препознаат, да ценат и проценат дека некој сиот свој интелектуален потенцијал им го ставил на тацна и со помош на тоа тие се искачиле на пиедесталот на победници. Научникот и интелектуалецот, препознатлив, признат и ценет дома и на Европско тло, она што го очекува од политичарот е минимум почит за умствениот дискурс кој го дал во текот на суровите години, бидејќи благодарение на јавните настапи на тој интелектуалец, се придонело за нештото да стане поинакво.

Ладен туш

И тогаш ладен туш, збор што повеќе боли од илјада врели шамари, наеднаш интелектуалецот научник сфаќа дека самиот се наоѓа на ветромеѓина, а оние другите, што молчеа и аминуваа, сега се први до првите и горните и се облазнуваат на политичката сладостраст. Но како велат, она што секој интелектуалец научник нема да го скрши, напротив, ќе го направи уште поголем е неговиот порив за наука и научна глад со која се компензира разочарувањето од политичкиот естаблишмент. И мошне едноставно си ја задовлувате научната глад, си творите, блескате на научната сцена и сфаќате дека политиката е за еднократна употреба, а науката е она, кое вас ве обележува и ве чини различни и поголеми од политичарите.

Лузерите никогаш нема да можат да си го тргнат тој епитет

Можеби некои прашања не заслужувале одговори, но еден ден тие прашања толку ќе избијат на површина, што ите како ќе бараат експлицирање од оние кои тогаш ги занемарувале, но само ми е страв да не биде тогаш предоцна. Но како и да е секој си одговара за своите постапки и политичките игри некогаш носат посакуван резултат, но некогаш тој се менува во последните секунди, бидејќи и политиката е како топката, постојано се врти. Очигледно некои лекции од минатото не се научија и лузерите никогаш нема да можат да си го тргнат тој епитет кој вечно ќе го кријат под својот плашт, под одората која однадвор изгледа совршено, а од внатре само што не се распаднала. Науката е далеку од политиката и научната оплотеност е таа вистинска храна која со сладострастие ја вкусува секој научник, храна која за жал политичарите ни мисловно не можат да ја вкусат.

Проф. Д - р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?