28 Март, 2024
0.0452

НБРМ: Девизните резерви во јануари забележаа раст

Објавено во: Економија 14 Февруари, 2018

Добивај вести на Viber

На 13 февруари 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна и беше одлучено аукцијата на благајнички записи на 13 февруари да се спроведе под непроменети услови, односно да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,25%.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на макроекономските проекции од октомври минатата година, при што беше заклучено дека економските основи се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Воедно, беше констатирано понатамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и солидната динамика на депозитен раст.

Податоците за девизните резерви во јануари покажуваат раст, што во најголем дел се должи на трансакциите за сметка на државата како резултат на издавањето на шестата еврообврзница на меѓународните финансиски пазари. Овие движења кај девизните резерви главно се во рамки на очекувањата, така што показателите на адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Во отсуство на понови податоци за билансот на плаќања за 2017 година, и понатаму останува констатацијата за можност за остварување помал дефицит на тековната сметка и нешто пониски нето-приливи во финансиската сметка од очекуваните.

Од показателите од надворешниот сектор за почетокот на 2018 година достапни се само податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада од јануари, коишто упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се во согласност со проектираните за првиот квартал од 2018 година. Сепак, периодот е премногу кус за да се дадат посигурни констатации. 

„Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции, генерално не упатува на позначајни отстапувања во одделните сегменти. Во однос на активноста во економијата, по падот во првата половина на 2017 година и умереното закрепнување во третиот квартал, досега расположливите показатели за активноста во последното тримесечје од минатата година, главно упатуваат на понатамошно закрепнување на економијата со нешто подобро темпо споредено со третиот квартал. На ваква констатација посочуваат податоците за најновите остварувања во индустријата и трговијата, додека градежната активност продолжи да се намалува. Анкетните истражувања укажуваат на натамошно задржување на довербата на економските субјекти. Во однос на инфлациските движења, во 2017 година, инфлацијата е во рамки на проекците, додека оцените за еден дел од увозните цени се променети во нагорна насока. Сепак, имајќи ја предвид нивната променливост, засега ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2018 година од 2%, се оценуваат како урамнотежени“ - стои во соопштението од НБРМ.  

Во однос на монетарните движења, на крајот на 2017 година депозитните и кредитните агрегати забележаа солиден раст, кој на годишна основа изнесуваше 5,2% и 5,7%, соодветно и ги надмина очекувањата. Притоа, на кредитниот пазар беше забележано и одредено забрзување кај кредитирањето на корпоративниот сектор. Остварувањата кај кредитната активност соодветствуваат со резултатите од Анкетата за кредитна активност, коишто укажуваат на раст на побарувачката на кредити и натамошно олеснување на кредитните услови. Првичните монетарни податоци за јануари упатуваат на месечно намалување и на депозитите и на кредитите, што претставува очекувано и вообичаено поместување, и засега не се очекува отстапување на движењата на овие агрегати од проекциите.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидносниот потенцијал на банките се намали, главно под влијание на повлекувањето ликвидни средства преку трансакциите на државата, што делумно беше надоместено со влијанието од сезонски пониската побарувачка на денарска готовина непосредно по новогодишните и божиќните празници.

На девизниот пазар, поволните движења од крајот на декември минатата година, коишто се карактеризираа со зголемена понуда од менувачниците, продолжија и на почетокот на јануари годинава, придонесувајќи банките да откупуваат девизи во трансакциите со сите клиенти на нето-основа, поради што дел од вишокот ликвидност го насочија кон Народната банка, којашто откупи 5 мил. евра. Во преостанатиот дел од месецот беше забележан пораст на побарувачката на девизи од клиентите, којашто банките во целост ја обезбедија на меѓубанкарскиот пазар и од сопствени средства. Во текот на месецот, банките активно тргуваа и на пазарите на пари, а вишокот денарски средства на нивните сметки продолжија да го насочуваат кон расположливите депозити кај Народната банка.

Во текот на јануари, на меѓународните финансиски пазари преовладуваа согледувања за позитивни изгледи за растот на светската економија и за затегнување на монетарните политики на глобален план. На состанокот на ЕЦБ беше нагласено дека ќе се дискутира за намалување на стимулативната политика, а на состанокот на ФЕД, кој беше последен на кој претседаваше претседателката Џенет Јелен, беа пренесени очекувања за повисока инфлација во текот на годината. Во такви услови, приносите на државните обврзници од двете страни на Атлантикот се зголемија, а цените на акциите забележаа нови рекордни нивоа, додека курсот на еврото зајакна. Ваквите движења се сменија во февруари, кога по објавата на повисокиот раст на платите во САД за јануари од претходните остварувања и од очекувањата, берзанските индекси забележаа значителен пад. Имено, кај инвеститорите преовлада загриженоста од посилни инфлациски притисоци отколку што проектираа централните банки, како и очекувањата за поагресивно затегнување на монетарните политики, поради што ги затвораа позициите во акции, коишто последните две години континуирано се зголемуваа. Во такви услови, приносите на државните обврзници забележаа краткотраен пораст, а показателите за променливост на пазарите забележаа поизразени движења.Во наредните денови берзанските индекси вратија дел од загубите и видлива е одредена стабилизација на движењата.

Сумирано, на седницата беше заклучено дека тековните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици, укажуваат на тоа дека постојната монетарна поставеност засега е соодветна. Екстерната позиција, доколку се оценува според остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, генерално е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здравите економски основи. Воедно, дел од показателите упатуваат на понатамошно подобрување на очекувањата и довербата на економските субјекти. Евентуалната монетарна реакција на ваквите поволни движења е условена од нивниот континуитет во следниот период.

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија, при што идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во домашната економија и екстерниот сектор.

Можеби ќе ве интересира

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон