28 Март, 2024
0.0267

НБРМ: Намален депозитниот потенцијал на банките во првиот квартал годинава

Објавено во: Економија 28 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Советот на Народната банка денес ја одржа својата деветта седница, на која беше разгледан и усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2017 годинa, при што беше констатирано дека вкупните активности на банките во предметниот период се намалија за 1,6% под влијание на вообичаените сезонски фактори, забавената економска активност, како и поради ризиците од домашните политички случувања кои сѐ уште беа присутни.

Депозитниот потенцијал на банките се намали во првиот квартал на 2017 година, пред сѐ под влијание на намалувањето на корпоративните депозити. Депозитите од домаќинства пораснаа за мали 0,2%. Кредитната активност на банките во првиот квартал од 2017 година се намали, при пад на кредитната поддршка на корпоративниот сектор и раст на кредитирањето на домаќинствата. Сепак, во услови на задржување на оцените за стабилност на темелите на домашната економија, очекувањата на економските субјекти и натаму видливо и постојано се стабилизираа, што овозможи во јануари и февруари 2017 година Народната банка да продолжи со нормализација на монетарната политика. Основната каматна стапка се намали вкупно за 0,50 процентни поени и се сведе на 3,25%, коешто е нивото пред ескалацијата на политичката состојба и шпекулациите на девизниот и депозитниот пазар од почетокот на вториот квартал на 2016 година. Промените во висината на основната каматна стапка беа проследени и со измени во висината на понудениот износ на благајничките записи.

Показателите за кредитниот ризик продолжија да се подобруваат, иако со поумерена динамика во споредба со претходниот период. По значителното „чистење“ на кредитните портфолија на банките од старите и целосно резервирани нефункционални кредити во текот на претходната година, на крајот од првиот квартал од 2017 година, учеството на нефункционалните во вкупните кредити забележа благо надолно поместување и се спушти на ниво од 6,4%, наспроти 6,6% на 31 декември 2016 година. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата е стабилно, околу 2,5%.

Високата покриеност на нефункционалните кредити со сопствената исправка на вредност од 77,7%, при задоволителен обем и квалитет на сопствените средства на банките, ги ограничува последиците од евентуална целосна ненаплатливост на овие кредити врз солвентните позиции на банките.

Во првите три месеци од 2017 година, ликвидните средства на банките бележат умерено намалување, што, во еден дел, беше последица на факторите од сезонско влијание, но во еден дел произлезе и од натамошното влијание на неизвесноста од домашната политичка состојба во овој период врз изворите на финансирање, особено врз депозитите на нефинансиските субјекти. Најголемо намалување бележат краткорочните девизни средства во странски банки, а во нешто помал обем се намалуваат и пласманите на банките во државни записи. И покрај овие движења, показателите за ликвидноста останаа на стабилно и задоволително ниво. Ликвидните средства учествуваат со над 30% во активата на банкарскиот систем и истовремено покриваат околу 53% од вкупните краткорочни обврски и околу 58% од вкупните депозити од домаќинства.

Показателите за профитабилноста и ефикасноста на банкарскиот систем, генерално бележат натамошни подобрувања и се на солидно ниво. Добивката на банкарскиот систем бележи стапка на раст од 9,1% во споредба со  истиот период од 2016 година. Банките и натаму испорачуваат високи стапки на поврат на просечниот капитал и на просечната актива, од 13,8% и 1,5%, соодветно, што е особено значајно во процесот на интерно создавање капитал, во услови на речиси отсуство на докапитализации по пат на емисии на акции.

Со новите измени на Законот за банки и измените и дополнувањата на подзаконската регулатива од крајот на 2016 година се постигнува натамошно усогласување со реформите на меѓународниот капитален стандард Базел 3. Показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем бележат извесно зголемување во првиот квартал од 2017 година, што произлегува најмногу од намалувањето на активата пондерирана според ризиците на банките, и тоа пред сѐ според валутниот ризик. Резултатите од стрес-тестирањето спроведено на 31 март 2017 година се подобри во споредба со крајот на 2016 година и укажуваат на задоволителна отпорност на банките на симулираните шокови.

Изложеноста на банкарскиот систем на останатите ризици има мало значење. Значителната застапеност на кредитите со валутна компонента на домаќинствата и нефинансиските друштва го нагласува значењето на валутниот ризик за нивната стабилност и следствено, за стабилноста на банките, за што суштински предуслов претставува политиката на стабилен девизен курс на денарот во однос со еврото, којашто ја сведува веројатноста за остварување на валутниот ризик на релативно ниско ниво.

На денешната седница Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за задолжителната резерва, со која се овозможува средствата на банките коишто се издвоени во неодамна формираниот Резервен гарантен фонд на Клириншки интербанкарски системи АД Скопје (КИБС) да се вклучат во исполнувањето на задолжителната резерва на банките во денари. Со оваа измена се постигнува неутрален ликвидносен ефект врз банкарскиот систем од издвоените средства во резервниот гарантен фонд, којшто се формираше заради оптимално управување со ликвидносните ризици во работењето на платниот систем КИБС.

Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели „Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија“, со апоен од 100 денари во количина од 5000 парчиња, како и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели „Тркало на среќата“, со апоен од 10 денари во количина од 7000 парчиња.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.


Можеби ќе ве интересира

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

ВОЛВО СТАВА КРАЈ НА ЕДНА ДОЛГА ИСТОРИЈА - им кажаа збогум на „дизелашите“

ВОЛВО СТАВА КРАЈ НА ЕДНА ДОЛГА ИСТОРИЈА - им кажаа збогум на „дизелашите“