29 Март, 2024
0.0262

НБРМ: Во октомври солиден месечен прираст на вкупните депозити

Објавено во: Економија 15 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

На 14 ноември 2017 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија и банкарскиот сектор, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна и беше одлучено, аукцијата на благајнички записи на 15 ноември да се спроведе под непроменети услови, односно да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,25%.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите макроекономски проекции, по што повторно истакна дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Сепак, исто така, на седницата беше истакнато дека сѐ уште постојат сегменти каде што се присутни одредени ризици и каде што е потребно време за одржливо подобрување на очекувањата и на довербата на економските субјекти. Во вакви услови на здрави економски основи, но и понатаму присутни ризици, потребна е внимателност во однос на промените во монетарната поставеност.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по падот на активноста од околу 1% во првата половина на годината, досега расположливите високофреквентни показатели за активноста во третото тримесечје даваат различни сигнали. Општо земено, тие упатуваат на нешто подобра состојба во економијата во однос на претходниот квартал.

Податоците за инфлацијата за октомври упатуваат на континуитет на досегашните движења, при што просечната годишна стапка на инфлација во првите десет месеци изнесува 1,2%, движена во најголем дел од базичната инфлација, а делумно и од цените на енергијата.

Во однос на показателите од надворешниот сектор, нивниот број е ограничен, а засега расположливите податоци покажуваат умерен дефицит во тековната сметка.

Движењата на девизниот пазар се поволни, при што од август наваму, Народната банка интервенира на девизниот пазар со нето-откуп на девизи. Во однос на адекватноста на девизните резерви, сите показатели и натаму се движат во сигурната зона.

По месечното намалување на вкупните депозити во септември, првичните монетарни податоци за октомври покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем. Изразен придонес кон позитивните придвижувања кај депозитите имаат корпоративните депозити, но солидни се и поместувањата на штедењето на населението.

На кредитниот пазар, по падот во септември, во октомври кредитирањето продолжи да се зголемува. Анализирано од секторски аспект, кредитирањето на населението и натаму расте, додека кредитните текови кон корпоративниот сектор забележаа пад.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот ликвидносниот потенцијал на банките се зголеми, согласно планираните текови, главно како резултат на емисијата на денарска ликвидност условена од нето-откупот на девизи од Народната банка на девизниот пазар во услови на поволни движења. Имено, во октомври, под влијание на сезонски пониската побарувачка на девизи, а при солидна понуда, банките остварија нето-откуп на девизи во трансакциите со клиентите, што овозможи раст на нивната девизна ликвидност. Во такви околности, на меѓубанкарскиот девизен пазар беше забележана зголемена понуда на девизи, при што Народната банка интервенира со нето-откуп во износ од 28,1 милион евра од банките поддржувачи. Поволните движења на девизниот пазар во трансакциите со клиенти продолжија и на почетокот на ноември, што овозможи натамошен откуп на девизи од страна на Народната банка. Во текот на октомври банките активно управуваа со ликвидноста, а дел од вишокот на слободни средства го насочуваа кон подолгорочни и повисокоприносни инвестициски инструменти. Краткорочните ликвидносни флуктуации банките ги надоместуваа преку трансакции на пазарот на пари, каде што се тргуваше како на пазарот на меѓубанкарски необезбедени депозити, така и на секундарниот пазар на хартии од вредност.

За ноемврискиот период на задолжителната резерва се предвидува дополнително зголемување на денарската ликвидност на банките во услови на продолжени позитивни движења на девизниот пазар. Вишокот ликвидност акумулирана во претходниот период, во услови на задржана стабилна понуда на основниот инструмент, банките имаа можност да го насочат кон  кредитирање на приватниот сектор.

„Во октомври, во евро-зоната беа објавени солидни макроекономски показатели за економската активност во третиот квартал од годината, засилувајќи ги очекувањата за солидни остварувања до крајот на годината и во 2018 година. Во такви услови и согласно со очекувањата, Европската централна банка донесе одлука за намалување на месечниот откуп на хартии од вредност во рамки на програмата за квантитативно олеснување од 60 на 30 милијарди евра, почнувајќи од следната година. Притоа, Европската централна банка посочи дека монетарната поддршка ќе продолжи најмалку до септември 2018 година, но не наведувајќи го крајниот датум за програмата, што може да значи натамошна поддршка на економијата преку приспособливата монетарна политика и по септември 2018 година. Во такви околности беше забележано намалување на приносите на државните хартии од вредност во евро-зоната, на долгорочниот сегмент на кривата на приноси, а на девизниот пазар беше регистрирано намалување на вредноста на еврото. Во САД се очекува зголемување на каматните стапки на состанокот на ФЕД во декември, што доведе до позначителен раст на приносите на кратките рокови на кривата на принос“- информираат од НБРМ. 

Сумирано, на седницата беше заклучено дека постојните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици, укажуваат на тоа дека постојната монетарна поставеност засега е соодветна. Екстерната позиција гледана преку остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, генерално е во рамки на очекувањата и покажува задржување здрави економски фундаменти.

Народната банка внимателно ќе ги следи економските индикатори и во следниот период, при што идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во домашната економија и надворешниот сектор.

Можеби ќе ве интересира

ЗА ЕДНО ЕВРО РУЧЕК И ПРЕВОЗ: Oва е најевтината земја за живеење

ЗА ЕДНО ЕВРО РУЧЕК И ПРЕВОЗ: Oва е најевтината земја за живеење

МИЗО ПОТВРДИ ДЕКА ЗА ОВА РАЗГОВАРАЛЕ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ: Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 oтсто

МИЗО ПОТВРДИ ДЕКА ЗА ОВА РАЗГОВАРАЛЕ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ: Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 oтсто

ПЧЕНИЦАТА ПОЕВТИНИ: Цената на златото и нафтата скокнаа

ПЧЕНИЦАТА ПОЕВТИНИ: Цената на златото и нафтата скокнаа

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат