НЕ Е ГЕРМАНИЈА: Ова е земјата со најмногу бегалци во светот
Објавено во: Балкан 19 Јануари, 2018
Во Турција живеат 4,3 милиони бегалци, пишува весникот „Хуриет“.
Овој податок е наведен во извештај на Комисијата за човекови права во турскиот Парламент.
Според документот, само 600.000 од нив имаат дозвола за престој. Од останатите бегалци 3,4 милиони доаѓаат од Сирија, а 300.000 се од Ирак, Авганистан, Иран, Сомалија и други држави.
„Хуриет“ пишува дека тоа е најголем број бегалци во една земја во светот и го надминува населението на третиот по големина турски округ Измир, веднаш по Истанбул и Анкара, со 4,223 милиони жители според статистичките податоци од 2016 година.
Членот на парламентарната Комисија за човекови права, Атај Услу изјави за весникот дека треба да се разработи политика за интегрирање на тие луѓе.
Во март пред две години ЕУ и Турција постигнаа договор, според кој сите илегални мигранти, кои пристигнале во Грција од Турција, треба да се вратат назад. Тогаш Брисел вети за Турција помош од шест милијарди евра, визна либерализација до летото 2016 година и отворање на ново поглавје во преговорите за членство на Турција во Унијата. Оттогаш односите меѓу Анкара и Брисел се влошија. На 13 јануари турскиот министер за европски прашања, Омер Челик изјави дека Турција не треба да се користи како бегалски камп.