18 Април, 2024
0.0259

Не се двоумете, изберете да се промовирате преку интернет

Објавено во: Колумни 08 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Ако на радиото како медиум му требаа 38 години за да дојде до бројка од 50 милиони корисници а на телевизијата за истата бројка и требаа 13 години, на Интернетот му требаа само 5 години за да го достигне тој број на корисници. Овој факт само го потврдува брзиот развој и прифатеност на интернетот како медиум и како глобален феномен, кој се истакнува со своето значење, со брзината и ефикасноста и се наметнува како ефикасен канал за остварување на маркетинг комуникација.

Многу мали работи станале големи поради вистинскиот начин на нивна промоција. Промоцијата на производите им дава поинаква димензија, креира дополнителна вредност и создава карактер.  Способноста да се освои потрошувачот е она по што се разликува успешната компанија од останатите. Само доколку го познаваме нашиот потрошувач, неговите желби, потреби може да успееме, притоа не треба да се чека потрошувачот да дојде до производот, туку обратно производот треба да се доближи до потрошувачот на начин кој тој го преферира за најкратко можно време.

Новите услови на работа, големата конкуренција, ги поставуваа компаниите пред предизвикот да изнаоѓаат нови пософистицирани и подиректни начини за промоција и воспоставување интеракција со својата целна група.

Досега нетрадиционалните медиуми (кабелска телевизија, интернет, кино, автобуси и други интерактивни форми) се јавуваа како надополнување на традиционалните, особено во ситуација кога треба да се создаде впечатлив имиџ и препознатливост. Дали е дојдено времето кога нетрадиционалните начини на промоција се еднакво важни?

Денес во светски размери интернетот се истакнува по своето значење, стратегиска важност и практична примена во маркетингот.

Податоците покажуваат дека бројот на корисници на интернет се зголемува со молневита брзина. Се претпоставува дека повеќе од 100 милиони лица секојдневно го користат во своето работење. Не постои побрз и поефтин извор да се дојде до одредена информација.

Си седиме дома, во опуштена атмосфера мирисајќи го тукушто направеното кафе, се закачуваме на интернет, го бараме саканиот сајт и се случуваат чуда.

За се што не интересира постојат интернет страници. Треба да бидеме трпеливи, да се закачиме на www.google.com. или  www.yahoo.com   да внесеме одредено име и за дел од секунда безброј информации се пред нас.

Веќе нема потреба од одење во банка, долго чекање пред шалтери за да ги платиме своите комуналните сметки или пак да одиме во супермаркет и да изгубиме драгоцено време.

Купувањето преку интернет и покрај неговата несигурност и можност за злоупотреба претставува светски тренд

Се предвидува дека за 10 години шопингот преку интернет ќе изнесува една третина од вкупната потрошувачка. Интернет продажбата бележи енормен раст. Големите супермаркети се почесто се одлучуваат на он-лајн бизнис, со што на  купувачите производите за кратко време ќе им бидат доставени пред врата. Притоа најчесто преку интернет се купуваат физички производи, различни софтвери, музички цедиња, авионски билети и туристички аранжмани.

Свеста за придобивката од интернетот се зголемува, а неговата употребна цена станува се поевтина, со што интернет како медиум се повеќе ја зголемува својата ефикасност.

Преку интернет нашите партнери, клиенти, потрошувачите се запознаваат со нашата компанија. Тоа е најлесниот и најбрзиот начин да се информираме без притоа да контактираме друга личност.

Денес Интернетот претставува ресурс во работењето

Доколку имаме квалитетно изработена интернет страна која ги содржи сите потребни информации, визуелно збогатена со слики, убаво  дизајнирана веќе имаме можност за остварување двонасочна комуникација со потенцијалните клиенти и шанса на директен начин да влијаеме врз нив. Секоја сериозна македонска компанија треба да има Веб страницата. На неа треба да има кратка биографија на компанијата, информации за производите или услугите, минати резултати, планови за во иднина. Денес имањето веб страница е неопходност, а не само имиџ. Тоа е идеален начин за воспоставување врска со потрошувачите како и за создавање дата база на потрошувачи, која може да се искористи за директен интернет маркетинг.

Постојат три вида на компании. Првите самите иницираат промени и се носители на тие промени, вторите гледаат што се случува, а третите пак се чудат што се случило. Таква е состојбата и со примената на современата дигитална технологија. Додека едни компании ги користат предностите што ги нудат овие технологии и тие се дел од нивното работење, други воопшто не се свесни за нивните предности.

Интернетот како ресурс, поради својата ниска цена е особено интересен за малите и средни претпријатија кои не располагаат со големи финансиски средства наменети за промотивни активности. Од употребата на интернетот во маркетиншки цели доаѓа и терминот “Герила маркетинг онлајн” Овие компании најчесто не располагаат со големи финансиски сретства за изработка на ТВ спотови, високи буџети за рекламирање на скапите традиционални медиуми, од тие причини тие едноставно се принудени да бараат ефтини а сепак ефикасни алтернативи, како на пример:

  • закуп на банер на интернет страница, како и испраќање информации преку интернет врз основа на предходно креирана меил листа

  • испраќање рекламни смс порака преку мобилен телефон,

  • употреба на транзитни форми на промоција:автобуси, такси возила, автобуски станици, зидови, билборди, инсертери и слично.

Денес живееме во ера на дигитална економија, каде битовите полека ги заменуваат атомите, времето се мери во стотинки а не во секунди, а опкружувањето во кое го водиме бизнисот го гледаме, но не можеме да го видиме. Сите сме дел од еден поврзан свет т.н глобално село.

Развојот на технологијата создава нови можности за комуникација со опкружувањето. Она што денес е иновација веќе утре се користи во комерцијални цели. Преку способноста за дифузија на технологијата се гледа нејзината сила и моќ. Појавата на Гутенберговата машина, телефонот, радиото, телевизијата имаа свој одраз и на начинот на комуникација. Последните пронајдоци на технологијата (интернетот, сателитски ТВ, бежичните технологии, интерактивната ТВ) овозможуваат флексибилна, интерактивна и брза комуникација, која ги надминува временските и просторните граници како и персонализацијата како белег на традиционалните канали за комуникација.

Дилеми за ефикасноста на интернетот сеуште  постојат

И покрај тоа што повеќето луѓе поседуваат персонален компјутер, сурфаат на интернет, имаат кабловска телевизија или мобилен телефон, и покрај нагорниот тренд на користење на нетрадиционалните медиуми и покрај бројните предности и придобивки кои ги носат новите современи облици на комуникација и промоција, сепак постојат скептични ставови и резервираност за нивната ефикасност и сигурност.

Дури и оние кои денес купуваат онлајн не значи дека нема и понатаму да ги преферираат и дека нема да ги користат традиционалните начини на купување. Директниот контакт со производот, неговиот мирис, вкус, можноста за допир, сепак си има своја посебна убавина, а кога на тоа ќе се додаде и персоналната комуникација со продавачот, исто така би можеме да се согласиме дека потрошувачот сепак сеуште ужива во традиционалниот начин на купување и дека сеуште ги практикува традиционалните медиуми.

Тоа води кон констатација дека колку и да оди технологијата напред, нетрадиционалните начини на работа, нетрадиционалната промоција сепак уште долго време ќе се практикува паралелно  со традиционалните медиуми.

Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?