29 Март, 2024
0.0357

Неделен Фактор - Од СЈО со љубов

Објавено во: Анализа 23 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Даниел Крег бил преморен во петтата деценија да го глуми прославениот агент Џејмс Бонд и откако сами видовме колку е тешко да се играат шпиунски игри во живо, на повеќе вонредни прес конференции, навистина и му веруваме. Што ќе ни е нов 007 филм кога веќе имаме доволно забава со нашата Управа за безбедност и контраразувнавање која за некои веќе стана главниот негативец како злоогласената „Спектра“ со која Бонд, постојано се судира и надмудрува. 

Катица Јанева дефинитивно ја заслужува улогата на шефицата „М“, маневрирајќи со изјави пред јавноста во исто време кога еден нејзин истражител е приведен, а друг е набркан од УБК. Улогата на Бонд, Џејмс Бонд засега не знаеме на кого да му ја доделиме, тоа најверојатно ќе зависи од аудициите (читај истражни дејствија) кои ќе се одржуваат наредниот период, но дефинитивно знаеме кој ќе го глуми Доктор Но, а тоа е Митко Чавков. Сериозно, доколку кариерата во МВР веќе нема каде да му продолжи бидејќи ги достигна сите врвни функции од началник до министер тогаш сигурно ќе биде одличен како негативец во Холивудски филм со лош англиски со источноевропски акцент. 

Еден шпиунски филм не бил добар доколку нема изненадни заплети, но тоа очигледно никој не му го кажал на Стевче Јакимовски кој реши да пушти голем спојлер пред јавноста, демек УБК не би си ја заслужиле функцијата ако не знаеле однапред дека Катица Јанева ќе им изврши „упад“. Стевче е како лик кој наместо да ги чита репликите кои му ги кажал режисерот решава да импровизира, небаре е на некој независен Шекспировски театар, па го расипува главниот расплет, дека УБК има добро контраразувнавање и да не ве чуди бидејќи самиот збор е дел од нивното име, но уште поважно тие знаат кога судиите ќе издадат судска наредба за претрес и добро знаат дека истражители и обвинители ќе им тропнат на врата. 

Кога сме веќе кај вратите Катица Јанева 13 пати извика „Отвори“ на кутриот полицаец од влезната кабина. Но, вратите на „Тврдината“, не се отвараат така лесно, не за друго филмот треба да трае барем два часа, не за џабе публиката платила влезници или во случајов решила да ги изгледа сите вонредни вести на ТВ, молневити извештаи на порталите и спремните експерти кои ќе го турнат дејствието понапред. 

По толку бркотници по полициски станици ја добивме и нашата Татјана Романова, улога која секако ја заслужува обвнителката Ленче Ристовска, па таман кога помисливме дека Доктор Но ќе го реализира „злокобниот“ мастер план, таа не увери дека ја „дешифрирала“ намерата. Затоа сите докази ќе бидат безбедно чувани. 

За една долга и успешна шпиунска франшиза потребно е потсетување и на првите делови, па за постарите „филмови“ се погрижи Илија Димовски кој на само 16 години бил следен од УДБА, што доволно говори дека службите никогаш не спијат. 

Во недела во која тајната полиција е главен „лик“ публиката се надева дека во наредниот период ќе може да одржи чекор со сите можни сценарија, но ние нема да се жалиме и ако одвреме навреме пуштат некоја „комедија“, да не ни дојдат премногу шокови, сепак следат избори, треба да се чуваме за главниот расплет.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот