23 Април, 2024
0.0298

Д-р Трајче Стојанов

Неколку белези на автократијата

Објавено во: Колумни 05 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Не знам дали знаете, но веќе извесно време лицето Н.Г. не е премиер на Р.М.? Да, Р.М. има нов, „пржински“ премиер, подеднакво лице, ама безлице, Е.Д. Но, независно од ваквата чудна и уникатно-македонска состојба, лицето Е.Д. ниту се однесува согласно функцијата, ниту во суштина премиерува. Од друга страна и лицето Н.Г. не се однесува согласно функцијата – претседател на партија – а се однесува согласно „нефункцијата“ – не е повеќе премиер на Р.М.

И несогласно со своите функции и согласно со неговите нефункции, лицето Н.Г. уште „шпарта“ по републикава и ветува градинки, електрични автомобили, училишта, пензии, плати, мед, млеко, мед и млеко заедно, панорамско тркало, барок, рококо и готика...ветер и магла. До толку го има секаде што се плашам на децата смоки да им купам. Видете, навистина проблемот не е во „проектите“, ами во „проектантот“. И затоа денеска ќе го сецираме поимот на автократија, оти е особено важен за овој наш декаден и декадентен феномен. Не дека во изминативе години не се говореше или пишуваше за ова. И премногу. Но, никогаш не е на одмет уште еднаш да се нацрта овој школски пример и постојано да се повторува, за никогаш повторно да не паднеме во истата мамка.

Автократијата наједноставно се дефинира како неограничена власт во рацете на едно лице. Многу често автократијата е синонимна со деспотија, тиранија или диктаторство. И токму ова беше карактеристиката на владеење на лицето Н.Г. во изминативе десет години. Сите останати прерогативи на модерна демократска држава беа суспендирани или сведени на нужен декор. Поделбата на власта (судска, законодавна, извршна) иако формално-правно постои, беше целосно укината, институциите беа намерно и систематски девастирани, а независните центри на моќ насилно замолчени, правата и слободите суспендирани...

Има неколку типични карактеристики на автократскиот тип владеење. Уште античкиот мислител Ксенофон во списот „За тиранинот“ препознава и наведува некои такви особености кои и тоа како можат да се препознаат и после илјадници години после неговиот спис. Прва карактеристика е, скоро целосното занемарување на општото добро и управување според личната волја и ќеф. Ова во основа значи целосно занемарување на законите – како пишаните, така и непишаните. Негирање и на словото на законот и на духот на обичаите. Тоа резултира со скоро целосно самоволие во владеењето без никаква контрола од никаква инстанца. Тој се промовира во суверен над секаков закон и институција. Понатаму, таквото владеење е често наспроти волјата на владеаните, заради што често се применува различна форма на сила во сузбивање на незадоволството. Тоа придонесува – што е уште една карактеристика на овој тип владеење – за општа атмосфера на страв. Таа клима има и реална основа во правната несигурност, која е друга, многу важна карактеристика на овој тип владеење. Правото и законите во ваков тип власт не се никаков гарант на правата и слободите на граѓаните.

Многу важна особеност, која во извесна смисла е резултат на погорните, е постојаната присутност на конспиративна атмосфера. Автократот и самиот е опседнат со завереничка психоза и истата ја пренесува врз владеаните. Параноичниот страв да не се загуби власта се рационализира и се проектира во теорија на заговор кон нацијата и државата. Личниот страв се артикулира во колективен (Ксенофон, душевната состојба на овие владетели ја оквалификува како „очајна“). Но, овие конспирации не се само и израз на нерационалниот личен страв, тие се и смислени и рационални конструкции кои имаат улога во постојаното перпетуирање на атмосферата на стравот; имено токму затоа и постојано се измислуваат заговорници, заговори, внатрешни и надворешни непријатели, велепредавници, шпиуни, патриоти...Затоа како лична, но и особина на ваквиот тип власт е крајната осветољубивост и спремност за пресметување со сите неистомисленици кои се прогласуваат за предавници.

Многу често ваквиот психолошки тип, покрај тоа што е обременет со дузина стравови и паранои, тој поседува и значајна доза на мегаломанија. Впрочем, можеби токму заради стравовите развива мегаломанија како механизам на компензација. Веќе самиот факт дека постои огромна желба за апсолутна власт е своевидна манифестација на таа мегаломанија, но таа се пројавува и нанадвор во формите и постапките на владеење. Автократот секогаш има „големи планови“ и „величествени идеи“: „Србија до Токија“, како беше!? „Скопје 2014“, „Библиска земја“.... и така натаму.

Уште една важна особина, што ја забележал споменатиот Ксенофон, е некадарна администрација. Имено, ваквиот владетел во многу поголема мера од демократскиот тип, е опкружен со подлизурковци, кои го величаат ликот и делото на автократот. Тоа нему му одговора, ги собира таквите околу себе во сè поголем број и така ласкачите се множат и ја преплавуваат администрацијата. Некадарни, но ласкави тие се приграбуваат до клучни позиции од кои имаат можност и самите да делегираат ласкавци што ќе им ласкат ним и така до последната алка во таа ласкава но некадарна администрација.

Силна пропаганда – тоа е уште една важна карактеристика, но и полуга во владеењето на автократот. „Секој ден, во секој поглед, сè повеќе и повеќе напредуваме“ – и тоа мора да се повторува секој ден, на секој медиум, по сто пати. Да не би да случајно заборавите колку убаво живеете! Впрочем, ако не е тоа вие и нема да знаете дека живеете во „најдобриот од сите можни светови“ (Лајбниц). Но, без грижа - тука се медиумските поданици да ве потсетат на тоа. Затоа средствата за масовно комуницирање се првите „другарчиња“ со кои модерните автократи мора да расчистат – или си со мене, или против мене!

И сосема на крај – во ваквите општества скоро секогаш тоа завршува со култ на личноста. Пропагандата е целосно впрегната да го изгради тој култ на личноста и да го претвори владетелот во идеал. Затоа Путин и лета авион и плива и лови и се бори со лавови и тигри. Еднаш создаден, тој култ по „инерција“ продолжува да се самонегува помеѓу масите кои свесно или несвесно продолжуваат да му лепат епитети и да го воздигнуваат. Пропагандно наметнатиот култ помеѓу масите станува жив и продолжува да се репродуцира, многу често дури и долго по смртта на личноста.

Од овие карактеристики, до отворена диктатура и тоталитаризам, патот е многу краток. Тенка е линијата и без некаква интервенција од надвор или силен пробив од внатре, автократскиот менталитет лесно ја преминува и од него креира систем кој во политичката теорија се квалификува како тоталитаризам или диктатура. Скоро сум убеден дека лицето Н.Г. стои на таа линија, и Рубикон лесно ќе биде преминат после 11 декември, ако таа шанса му се даде.

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок