25 Април, 2024
0.1272

Нема оправдување за падот на добиточниот фонд

Објавено во: Агробизнис, Колумни 28 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Сточарството е важна гранка за земјоделското производство поради неколку причини. Прво тоа е квалитетната и незаменлива храна која е резултат на сточарското производство, потоа, финализација на дел од растителното производство кое добива додадена вредност, обезбедување на арско ѓубре и биогас, важни производи потребни за производство на безбедна храна и „чиста“ ефтина енергија, производство на важни индустриски суровини, итн.

Генерално, природните услови во Македонија се релативно поволни поради долгите и топли лета, со долга вегетациона сезона, со релативно блага зима но ограничени количества на годишна сума на врнежи. Таквата клима има релативно позитивно влијание на можноста за одгледување на сите видови добиток, живина, пчели, полжави, зајаци и друго. Но поради релативно големото влијание на медитеранската клима (сушни лета, малку врнежи), ограничени се природните, особено климатските услови за производство на високо квалитетна и економична добиточна храна. Поради ограничениот обем на наводнувани површини нема можност за одгледување на фуражни култури како втора реколта. Ваквите природни услови се сериозна причина за адаптација на увезени високо продуктивни раси добиток од подрачја со поладна и влажна клима. Но, сепак дефицитарното производство на добиточна храна заради климата во Македонија е причина за нето увозот на добиточна храна во последните години кој е во вредност од 30 до 35 милиони долари годишно. Добиточната храна и генетскиот потенцијал се одлучувачките фактори во животот и развојот на добитокот, а со тоа и во обемот и квалитетот на добиточното производство. Ограничениот обем на обработливи површини денес од околу 500 илјади хектари не одат во прилог на идејата да се зголеми обемот на ангажирани површини со фуражни култури за да се супституира увозот на добиточна храна. Во структурата на користењето на обработливите површини од 500 илјади хектари, под ораници и бавчи во последните 5 години се од 411 до 415 илјади хектари, а 132 до 137 илјади хектари се угари и необработени ораници. Во структурата пак на засејаните површини во последните 5 години скоро да нема никакви промени. Фуражните култури зафаќаат 35-36 илјади хектари, житата 163-168 илјади хектари, индустриски култури 25-27 илјади хектари и градинарски култури 51-53 илјади хектари. Оваа сеидбена структура според официјалната статистика е слична повеќе од 15 години. Тоа ја покажува цврстата ориентација на земјоделците која е резултат на искуството и пазарните движења. Затоа посериозно намалување на површините под една група култури за зголемување на посејани површини со друга група култури би се одразило негативно, освен ако не се активираат дел од угарите и необработените ораници. Сегашната политика на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, покажува дека не може да се очекува зголемување на површините на крмната база. Меѓутоа обемот на добиточната храна може да се зголеми со повисока технологија, по приносни сорти, промена на асортиманот на добиточната храна, воведување на системи за наводнување и далеку поголем обем на сеидба на втори култури.

Таб.1 Површини и производство на добиточна храна

Вид храна 2015 1991
000 ха Производство 000 тони 000 ха Производство 000 тони
1. Концентрирана
    -јачмен 41,2 101,7 54,4 163,5
    -овес 3,1 5,7 4,5 4,9
    -пченка 31,7 133,8 42,2 135,0
Вкупно концентр.храна 76,0 241,2 101,1 303,4
2. Кабаста храна
    -детелина 3,5 15,8 2,5 10,1
    -луцерка 19,3 111,1 18,9 113,5
    -граор сено 2,0 3,4 4,0 10,3
    -добиточен грашок 1,5 4,2 1,8 8,5
    -крмна пченка 5,1 120,0 2,2 47,0
    -добиточна репа 0,4 3,1 0,3 4,3
    -ливадско сено 59,5 106,8 54,4 89,0
Вкупно кабаста храна 91,3 364,4 84,1 276,7
3.Пасишта-сено 750 515 629 300

Податоците од табелата 1 покажуваат дека денес во споредба со 1991 година површините со концентрирана добиточна храна се помали за околу 33%, произведената храна е намалена за 21%. Кај кабастата храна денес површините се поголеми, како и вкупното производство за 7 односно 15%. Ваква крмна база не ветува развој на најважните добиточни гранки како што се говедарството и свињарството, освен овчарство и козарство, поради релативно голем обем на храна од пасиштата. Прегледот на движењето на бројната состојба во последните пет години покажува релативна стагнација на добитокот, живината и пчелните семејства, но споредбата со 1991 година, покажува загрижувачка состојба (Таб.2). Имено сите видови важни за македонското земјоделство освен бројот на свињите е далеку помал денес отколку во 1991 година.

Таб.2 Бројна состојба на добитокот, живината и пчелните семејства

Вид 2011 2012 2013 2014 2015 1991
1 Говеда 000 броја 265,3 251,2 238,3 241,6 253,4 282,3
Учество крави и стелни јуници% 62,0 60,7 64,8 65,2 61,8 58,0
2 овци 000 броја 766,6 732,3 731,8 740,5 733,5 2250,5
Учество на приплодни грла% 71,1 71,1 72,3 71,7 79,2 72,1
3 свињи 000 броја 196,4 176,9 167,5 165,1 195,4 171,0
Учество маторици и назимки % 12,3 14,4 14,1 12,7 9,6 13,4
4 живина 000 броја 1944,3 1776,3 2201,6 1939,9 1761,1 4562,5
5 пчелни друштва 000 бр. 65,3 52,9 68,3 73,9 73,9 77,1
6 коњи 000 броја 25,4 21,7 20,7 19,4 18,8 65,2

Нешто е подобрено учеството на продуктивните грла и во говедарството и во овчарството. Најголемо намалување е направено кај овчарството, над 70% и кај живинарството за над 60%. Нема оправдување за таквото намалување на бројот на овците поради големиот обем на пасишта а со релативно ефтината исхрана, но и кај живинарството чија што исхрана е со концентрирана увозна храна поскапа заради транспортните трошоци, кои можат да се компензираат со рационални методи на работа во живинарските фарми.

Приближно е познато и на пошироката јавност каде и каков добиток најмногу се одгледува во Македонија, сепак интересни се некои поегзактни податоци кои ни ги овозможува официјалната статистика по региони (Таб.3). Говеда најмногу се одгледувани во Пелагонискиот регион над 22%. Овци се одгледуваат со подеднакво учество во 3 региони од 17 до 18% во Источен, Југозападен и Пелагониски, што не е во полна согласност со пасишните комплекси. Уште поинтересно и неочекувано е показателот дека во Источниот регион со релативно екстензивно производство на концентрирана храна се одгледуваат 26,2% од свињите, а 20,4% во Вардарскиот регион. Живинарството пак е најбројно во Полошкиот регион над 22,1%. Во Пелагонискиот регион, каде што се произведуваат најголеми количини (најефтини) жита, свињарството и живинарството се со релативно ограничено учество.

Таб.3 Регионална дистрибуција на бројната состојба на добиточните видови во 

Македонија

Региони Коњи Говеда Свињи Овци Кози Живина Пчелни семејства
Вардарски 8,0 4,3 20.4 12,3 10,7 3,0 3,7
Источен 11,4 9,2 26,2 17,2 23,1 8,6 23,6
Југозападен 19,1 9,4 9,2 17,5 10,8 15,2 31,6
Југоисточен 22,0 10,3 4,8 13,4 26,6 6,2 11,8
Пелагониски 15,7 22,7 5,0 17,8 5,6 17,1 2,5
Полошки 7,9 19,8 11,2 10,0 7,8 22,1 11,4
Североисточен 6,2 13,0 15,6 4,6 10,8 11,2 7,8
Скопски 9,5 11,3 7,6 7,2 4,6 16,8 7,6
Вкупно 100,0 100,0 100,0 100,0 100,0 100,0 100,0

Професор др. Борис Анакиев

Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади