НЕПРИЈАТНО ПРАШАЊЕ ЗА ЦИПРАС ВО БЕЛАТА КУЌА: Дијаспората бара Трамп да ја притисне Грција
Објавено во: Свет 18 Октомври, 2017
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во Вашингтон се најде во непријатна ситуација откако беше запрашан за неговата изјава дека американскиот претседател Доналд Трамп претставува зло за светот.
„Господин премиере, во однос на претседателот, во март 2016 година, за можното претседателствување на Доналд Трамп, рековте, цитирам: „Се надевам дека нема да се соочиме со ова зло“. И јас се прашувам дали, откако се сретнавте со претседателот, сте го смениле мислењето или не?“- новинар на овој начин му се обрати на Ципрас.
Ципрас дека не се почувствувал загрозен за време на разговорите со Трамп, наведувајќи дека мнозинството Грци ја сакаат Америка.
„САД се многу голема сила, а нивната способност да интервенираат за добро е многу, многу важна. Сакам да потврдам дека средбата што ја имавме беше многу продуктивна. Ниту еден миг не се почувствував дека сум загрозен“- рече тој.
Трамп пред да одговори Ципрас праша зошто ова не му го кажале предходно.
Наведувајќи дека не треба да се заборави дека вредностите на демократијата и слободата се родени во Грција и дека тие се основни вредности и на американската култура и традиција, Ципрас додаде дека соработка мора да има.
Трамп ја пофали Грција затоа што и покрај тешката финансиска состојба троши повеќе од два проценти од својот бруто домашен производ за одбраната, како и за најавената зделка за модернизација на нејзините авиони Ф-16. Пред средбата, Трамп вети дека Соединетите Држави долгорочно ќе ја поддржуваат таа земја.
„Ќе зборуваме за дополнителни начини на кои Грција може да ни помогне и ние ќе и помогнеме на Грција. Имавме долгорочни односи со Грција, тие беа одлични пријатели и лојални сојузници“- рече Трамп.
Обединетата Македонска Дијаспора со соопштение бара од Трамп да го притисне Ципрас за деблокирање на македонското членство во НАТО.
На 16-ти септември тие испратиле и писмо до Трамп во кое наведуваат дека Македонија е стратегиски партнер на САД, особено во Авганистан и дека Грција не може да води спор за уставната употреба на името Македонија. Дијаспората бара од Трамп да го одбрани единството на НАТО и да му укаже на премиерот Ципрас за отстранување на блокадата за членството на Македонија во Алијансата.
Според последните информации, Трамп и Ципрас вчера не разговарале за Македонија, но било покренато прашањето за улогата на Алијансата.