28 Мај, 2017
0.0659

Неутралци - одлучете се, за животот се работи

КОГА НЕПРАВДАТА СТАНУВА ЗАКОН, ОТПОРОТ СТАНУВА ДОЛЖНОСТ!-Томас Џеферсон

Објавено во: Колумни 09 Декември, 2016

Во ова време-невреме, во ова обременето време, во овие зимски декемвриски студени денови, се одлучува за судбината на една држава. Да се биде или не- прашање е сега, е да, токму така, ова е клучното прашање кое денес си го поставува  секој добронамерник, секој вистински родољуб, секој чесен и правичен, секој свесен и совесен, секој искрен и морален. Од осамостојувањето на нашата држава, до ден денес, не сум имала поголема возбуда, но и неизвесност, страв и трепет, за изборите кои ни следуваат. А толку изборни циклуси сум минала, на дел од нив активен, на дел од нив пасивен чинител сум била, но овие, декемврискиве денови во летово господово две илјади и шеснаесетто, се клучни и историски.

Мора да се определиме, бидејќи неутралноста му помага на угнетителот, никогаш на угнетуваниот-Визел.

Ајде мили мои пријатели, другари, познаници, соседи, добронамерници, нека ве води во недела оваа мисла, нега ве поттикне да излезете и да го дадете вашиот глас, за придонесете макар минимално за едно ново утре. Не признавам и не прифаќам повеќе изговори од типот мене политика не ме интересира, мојот глас нема многу да смени, други нека му ја мислат. Не, напротив, секој од нас е кројач на сопствената судбина, но и на судбината на државата во која битисува. И навистина ќе бидам немилосрдна и груба кон оние кои повторно ќе ми ги кажуваат истите флоскули. Истите тие неутралци и демагози први вртат телефон кога имаат проблем со нивното дете, кое заради лошиот образовен систем избрало погрешни испити за екстерно и не може да се запише на факултетот кој го привлекува, истите тие први го критикуваат здравството и молат кај пријатели за здравствена помош побрза, неможејќи да чекаат на мој термин, истите тие први критикуваат дека си ги уништиле своите автомобили од лошите патишта, истите тие постојано говорат за корупција, лош животен стандард, скапи цени на продукти и што ли уште не...Ама истите тие повторно ќе ти речат абе знаеш сите се исти и не знам дали ќе излезам на избори, јас сум неутрален.

Сами носете си ја одлуката и сами ќе си ги сносите последиците

Е па вие мои неутралци и аполитични ликови, време ви е да размислите што правите со вашата незаинтересираност и неутралност. Не правите ништо добро, напротив, придонесувате за јазот меѓу богатите и сиромашните да биде уште поголем, придонесувате за лошите образовни реформи повторно да се етаблираат, придонесувате за клиниките повторно да немаат завои и конци, придонесувате за некадарни луѓе да се постават на носечки функции во институциите на системот. Ако не се определите вината е повеќе ваша, и нека ве пече совеста, нека ве глода внатрешниот судија и тогаш, ако во недела не излезете, немојте да сте помислиле да ми кренете телефон и да ми падавичарите, да ми ги кажувате вашите демагогии, да ме молите, бидејќи овој пат ќе останам глува и слепа на вашите барања, желби и поплаки. Сами носете си ја одлуката и сами ќе си ги сносите последиците. Хуманоста и алтруизмот и понатаму ќе останат мои животни одредници, но ќе останам далеку од делењето мислење и полемика со вас, ако не си го исполните вашето граѓанско право.

Богатството е во различностите

Секогаш сум делувала Сократовски, дебатата за мене била поле на размена на идеи и мислења, на размена на ставови, на учење на нешто ново, бидејќи убавината е во секој збор од соговорникот кој ќе го чуеш, богатството е во различностите, но и полемиките, големината на еден човек е да сака да чуе и да научи нешто ново. Јас сиве овие години сум го практицирала тоа и сум научила дека со стоење на страна, со незаинтересираност за битни општествени феномени и прашања, се станува само нем сведок на општествените случувања.

Станете од вашите удобни фотељи, отидете до вашето изборно место и гласајте

Затоа мои драги пријателчиња, во недела за миг помислете на вашите деца, на вашите внуци, поразговарајте со нив и гушнете ги, но и присетете се дека Тамара не може да биде гушната од својата мајка, присетете се на Мартин Нешковски, на Никола Младенов, и на многу болни теми, на кои бевме сведоци сиве овие години. На крајот на денот, помислете на самите себе, кога мирно ќе си се сместите во удобните кревети, помислете што направив јас за моите ближни и драги, што направив за државата моја, што денес јас придонесов. Заспивајќи присетете се и на оние угнетувани, малтретирани, на иселените сограѓани Роми кои спијат под отворено небо, на Енвер кој остана без социјален стан, на гладните, босите, болните и жедните. И тогаш видете дали мирно ќе заспиете и отсонувате. Затоа станете од вашите удобни фотељи, отидете до вашето изборно место и гласајте, гласајте за да еден ден со мирна совест им кажете на вашите идни поколенија, да јас придонесов за ова подобро утре на нашата ни мила Македонија.

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

Лопатите на Груевски

Лопатите на Груевски

Филхармонија или какафонија

Филхармонија или какафонија

Пинки го виде Тито – во Москва!

Пинки го виде Тито – во Москва!

Проблемите на земјоделците и земјоделските субвенции

Проблемите на земјоделците и земјоделските субвенции

Инклузивни размислувања

Инклузивни размислувања

Празниот тестамент на Груевски

Празниот тестамент на Груевски

Кога светците маршираат

Кога светците маршираат

Макрон: Нема да се потчинувам на диктатот на Путин!

Макрон: Нема да се потчинувам на диктатот на Путин!

Како на Трамп му се случи „СЈО“?

Како на Трамп му се случи „СЈО“?