НФАПВ: Граѓаните да бидат претпазливи кога носат одлука за заминување на работа во странство
Објавено во: Македонија 16 Јули, 2017
Во врска со последните случувања со одредени агенции за посредување при вработување за кои постојат информации за измама на кандидати за вработување во странство, од НФАПВ упатуваат јасен апел граѓаните да бидат претпазливи кога носат одлука за заминување на работа во странство.
Имено, според член 22, став 1 точка 4 од Законот за работни односи, и според Меѓународната Конвенција 181 за Приватните агенции за вработување, што Република Македонија ја има ратификувано, агенциите не смеат да наплаќаат никакви трошоци од кандидатите за вработување. Сите трошоци за вработување на лицата треба да се наплатат од компанијата/клиентот каде што ќе се вработат лицата.
„Според тоа, апелираме до сите заинтересирани кандидати, да не прифаќаат плаќање на било какви провизии и трошоци, пред или по заминување на работа во странство. Националната Федерација на Агенции за вработување (НФАПВ) се залага за заштита на правата на работниците на прв план и ќе продолжи во таа насока да соработува и со надлежните инситуции да се подобри законската регулатива и истата да се почитува од сите лиценцирани агенции“ - вели Норик Селими, претседател на НФАПВ.
НФАПВ е тело кое има за цел да ги претставува агенциите, да лобира за подобрување на законската основа, да соработува со домашните и меѓународните институции, како и да јакне капацитетите на своите членови за развивање на пазарот на вработување.