28 Мај, 2017
0.1481

НИ УСТАВЕН НЕ ГИ СПАСИ: Земјоделците ќе чекаат пари од новата Влада?!

Објавено во: Агробизнис 17 Мај, 2017

Статистиката веќе ги регистрираше последиците од блокираната исплата на субвенции. Новите статистички податоци покажуваат пад на откупот и продажбата на земјоделските производи за 14,2 отсто во првите четири месеци од годинава споредено со истиот период лани. Овие показатели според експертите се должат на недостигот на пари за вложување во производството, и во следните квартали се очекува бројките да бидат и полоши.  

„Овие статистички показатели се резултат на низа погрешни чекори што се спроведуваат во последните години, но исто така и резултат на лажната слика за субвенциите дека имаат развоен карактер. Исто така тука мора да се споменат и честите законски измени во среде откупни сезони, потоа лажните странски инвестиции за градинарството, оризопроизводството како и во овоштарството. И на крајот како капак на сето ова е блокирната исплата на субвенциите. Седум месеци земјоделците немаат земено ниту денар субвенции. Од друга страна, пролонгираната политичка криза негативно влијае врз вкупното земјоделско производство, имиџот и репутацијата на државата во странство е нарушен, а тоа пак се рефлектира врз домашните фирми и производи, што пак крајно влијае врз намалување на производството“, вели Трајан Димковски од здружението „Рурална коалиција“ .

Веќе седум месеци исплатата на субвенциите е заглавена во правните лавиринти. Иако Уставниот суд по поднесената иницијатива, минатата недела поведе постапка и донесе времена мерка за дел од алинеите од членот 8а од Изборниот законик, сепак Министерството за финансии посочи дека немаат се уште законска можност за исплата на субвенции и ќе ја чекаат конечната одлука на судот. 

„Министерството постапува строго прецизно согласно законите. И покрај бројните притисоци во вид на шпекулации дека Министерството нема средства да ги исплати субвенциите, Министерството истраја и ја испочитува законската регулатива. Доколку конечната одлука на Уставниот суд дозволува законска исплата на  субвенциите, министерството ќе пристапи кон исплата на субвенциите согласно динамиката утврдена од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството“, соопштија од министерството.

Се чека конечната одлука на Уставен суд

Уставниот суд на денешната седница треба да донесе конечна одлука за дел од спорниот член од Изборниот законик со кој е забранета исплатата на субвенциите за земјоделците до формирање на нова Влада. Конечната одлука може да биде укинување на членот или пак да остане така како што е сега. Минатата недела Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на дел од ставовите и алинеите од спорниот член 8а од Изборниот законик со кој се забранува исплата на субвенциите до формирање на Влада. Судот донесе времена мерка за запирање од извршување на овие законски одредби до донесување на конечна одлука, што според толкувањето а правниците значи дека значи дека забраната за исплата не важи и субвенциите можат да се исплаќаат. Уставните судии имаа спротивсатвени ставови за ваквото решение, дел сметаа дека времената мерка е легитимна, а дел дека тоа отвора можност за злоупотреби со исплатата на субвенциите во некои следни изборни циклуси. 

Дел од правните експерти сметаат дека треба да се почитува и веќе донесената времена мерка од Уставниот суд. Посочуваат дека е нејасно зошто минатата недела се донесе времена мерка кога сега треба да се чека конечната одлука на судот. 

„Примената на таа одредба со времената мерка е суспендирана.Таа суспензија до конечна одлука на Управниот суд треба да се гледа низ призмата на интересите на граѓаните - земјоделци на коишто им требаат пари за да си го одржуваат и прошират производството и тие пари на нив треба да им се исплатат, не треба да се бараат вакви или онакви изговори, и да се чека конечна одлука. Јас мислам дека во целава работа проблемот е во парите, и се купува време оти во Буџетот нема доволно пари за исплата на субвенциите“, вели универзитетскиот професор Темелко Ристески.

Министерот за финансии Кирил Миноски неодамна изјави дека Буџетот е во добра ликвидна состојба и пари има, но во моментов не сакал да лицитира со рокови за исплатата се додека не се види решението на Уставениот суд. 

„Треба да ја видиме одлуката од Уставниот суд и кога таа ќе биде објавена, доколку не е спорна, во тој случај ќе се почне со исплатата. Не сакам да кажува точни рокови. Се уште е на сила Изборниот законик и извештаите коишто согласно на законските прописи на членовите на Изборниот законик ги објавуваме редовно на веб страната на Министерството за финансии, од таму се гледаат сите податоци и јасно е дека постои ликвидност на Буџетот“, изјави Миноски.

Земјоделците се сомневаат дека и овој пат ќе се тактизира со исплатата. Вкупно треба да се исплатат 95 милиони евра за последните три години, но првичната трансакција треба да биде во износ од над 50 милиони евра, колку што досега има потпишано налози за исплата од директорот на Платежната агенција.

Т.С

Можеби ќе ве интересира

Проблемите на земјоделците и земјоделските субвенции

Проблемите на земјоделците и земјоделските субвенции

И ЦВЕЌЕТО МОЖЕ ДА БИДЕ ОДЛИЧЕН БИЗНИС: Доказ за тоа е тринаесет годишната работа на семејство од Теарце

И ЦВЕЌЕТО МОЖЕ ДА БИДЕ ОДЛИЧЕН БИЗНИС: Доказ за тоа е тринаесет годишната работа на семејство од Теарце