Николиќ: Познати се претензиите на Албанија на Косово и Метохија, Црна Гора, Македонија и Грција
Објавено во: Балкан 17 Јануари, 2017
Српскиот претседател Томислав Николиќ коментирајќи ја изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама кој кажа дека Србите на Косово во иднина ќе може да одат само како туристи, истакна дека се „познати претензиите на Албанија на Косово и Метохија, Црна Гора, Македонија и Грција
Рече дека е подготвен да се повлече од претседателската функција доколку Србија, во случај на убиства на Срби на Косово, им премолчи на Албанците.
Реакциите на европските претставници на неговата изјава, по седницата на српскиот Совет за национална безбедност, ги нарече измама.
„ЕУ требаше да реагира кога речиси беше минирана пругата и кога не беше дозволено да мине српскиот воз. Па, ако Јоханес Хан вели дека јас не гледам во иднината и дека иднината на Србија е независно Косово тогаш нема за што да разговараме. Тогаш тој е измамник и тоа што го прави ЕУ е измама“- вели Николиќ.
На прашањето дали ова е поврзано со претстојните претседателски избори во Србија, тој кажа дека не го исконструирал самиот ова, и дека сѐ уште не е ни кандидат.
„За ова зборувам како претседател на Србија, а не како кандидат, и важни ми се животите на Србите на Косово и насекаде, а не рејтингот“- рече Николиќ.
Според него, постои целосна согласност за одбрана на Србите на Косово меѓу владата и претседателот.