29 Март, 2024
0.2566

Николов: Да имаше државата долгорочна стратегија за рударството ќе ги немаше овие проблеми

Објавено во: Анализа 11 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Кампањата на еко активистите од Југоистокот на Македонија против отворањето на нови рудници за кои сметаат дека се најголема опасност добива силен моментум, а референдуми за изјаснување треба да има во општините Валандово, Босилово и Ново село. Токму поради успешноста на овие кампањи во јавноста се повеќе се говори и за последиците врз животната средина кои ги оставаат рудниците, за ефектите врз здравјето на луѓето, но се прават и економски анализи за нивната исплатливост. Секако, притисок чуствуваат и веќе отворените рудници и воопшто индустријата која се обидува со години да се стабилизира и да обезбеди инвестиции

Затоа разговараме со Николајчо Николов Претседател на Македонската асоцијација на рударството при Стопанската комора на Македонија, за нивните ставови околу рудниците кои се планирани на Југоистокот и дали воопшто ваквите одлуки се дел некоја издржана стратегија, како од економски, така и и од еколошки аспект.

Фактор: Како ги оценувате иницијативите за референдуми на Југоистокот на Република Македонија, се поголем број на иницијативи и граѓани немаат доверба во новите рударски проекти за кои сметаат дека ќе имаат катастрофални последици врз животната средина?

Николов: Иницијативите на здруженија на граѓани врзани со стравот за животната средина ги поздравувам и добро е ако кај граѓаните се буди еколошката свест. Но, во случајот со рударството сметам дека многу работи се испреплетени и помешани. Се носат одлуки на референдум без целосни претходни анализи, а иницијативите се водени од мал број на активисти кои настапуваат во јавноста како спасители на народот и државата. Тврдењата за влијанието на рудниците врз животната средина се доста произволни, паушални и без конкретни показатели. Се земаат податоци од интернет од други земји, специфични случаи и непроверени податоци. 

Јас и во оваа прилика сакам да истакнам дека, ако рудниците за обоени метали се градат согласно законските прописи, се изработат квалитетни студии за нивното влијание врз животната средина, се применат во градбата најдобрите достапни технологии и се врши редовен и квалитетен мониторинг во текот на експлоатацијата, тогаш рудниците можат да работат во услови на одржливо влијание врз животната средина. Не треба да се вршат претпоставки за тоа што би било кога би било, но треба да се предвидат и применат сите мерки за претпазливост.

Фактор: Каков е вашиот став за државната стратегија за доделување на концесии на странски инвеститори за геолошки истражувања и потоа експлоатација на рудните богатства. Зошто македонските комапнии изостануваат од овие проекти, дали немаат доволно економска моќ, технологија, кадар или знаење?

Николов: Голем проблем е што нашата држава се уште ја нема донесено долгорочната стратегија за рударство во Република Македонија. Да ја имавме истата, денес ќе ни беше полесно и немаше да дискутираме за тоа дали во Гевгелија, Валандово, Струмица и други места, треба да се даваат концесии за детални геолошки истражувања, каде потоа следи концесијата за експлоатација и дозвола за експлоатација.

Денес ние сме затекнати со веќе издадени концесии, а некаде и со започнати работи и треба да го избереме најмалото зло во кое граѓаните и државата ќе го платат најмалиот данок. Треба организирано да и помогнеме на Владата да донесе најбезболни одлуки, но без бранење на оние кои евентуално ги прекршиле процедурите или злоупотребиле некои позиции.

Концесиите за детални геолошки истражувања се доделуваат на јавни и транспарентни тендери и рамноправно учествуваат и домашни и странски фирми и лица. Тоа што има повеќе странски фирми е веројатно како резултат на економската моќ и потребата за големи инвестициони вложувања. Нашата земја располага со квалитетни кадри и знаење за рударството.

Фактор: Дали одржаните референдуми како и тие што допрва треба да се одржат негативно ќе влијаат врз рударската индустрија во Македонија?

Николов: Одржаните и предвидените референдум во кои луѓето се изјаснуваат против рударството, сигурно ќе имаат негативно влијание и врз рударството и врз економијата на земјата. Ова особено што референдумите се организирани набрзина и без претходни детални анализи.

Фактор: Отворањето на нови рудници за злато во Европа е во замирање, особено во развиените земји кои се фокусираат на други видови на економија, дали и Македонија треба да ги следи овие примери со цел да ја сочува животната средина за која организациите велат дека има најголеми опасности?

Николов: Јас сметам дека прашањето за рудници за злато е преувеличено во земјата. Освен очекувањата во гевгелиско и потенцијалните во Иловица, ние немаме некои потенцијални големи наоѓалишта на злато. Жалосно е ако не се завршат деталните геолошки истражувања на Кожув, бидејќи процедурата таму е се уште далеку од отварање на рудник.  За Иловица може да се разговара, а најверојатно се издвојува бакарен концентрат по безбедна и стандардна технологија и понатаму пирометалурчки се добива злато. Јас имам информација дека во рудникот во Иловица, откажана е примената на цијаниди како растворувачи.

Во развиените земји и економии нема оставени потенцијали на злато, туку тие веќе се експлоатирани и истрагите се селат во неистражените земји и подрачја.

Нашата земја покрај долгорочната стратегија за рударството, треба да изработи и долгорочна стратегија за земјоделството и другите индустриски гранки  И тогаш полесно ќе судиме по кој пат да одиме. Факт е дека транзицискиот период од 25 години ние го поминавме без вакви стратегии, како привремено да живеевме овде. Сега новата Влада, покрај сите други проблеми, треба да ја почне и оваа работа.

Фактор: Рудникот Иловица и покрај големите најави се уште не проработи, станува збор за навистина огромен проект, но има и грижи за потенцијални последици врз Струмичко поле едно од најплодните за земјоделието во Македонија. Можен ли е компромис и решение и како МАР ќе се постави во наредниот период за ова прашање?

Николов: Рудникот Иловица навистина претставува голем рударски потенцијал. Таму се уште нема дозвола за експлоатација и сеуште не е касно да се направи нова стручна, целосна и неутрална анализа, изработена од врвни стручњаци од областа на земјоделието и рударството. Никако не смее да се запостави Струмичкото поле, кое е нашиот земјоделски бисер. Треба да се стави на кантар што се добива и што се губи со евентуалниот нов рудник и потоа да се завземе став. Ова не е лесно, но сигурно е можно ако се има добра волја.

По ова прашање Македонската асоцијација на рударството - МАР ќе го почитува мислењето на науката.

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот