25 Април, 2024
0.0268

Николовски: Нови 10 милиони евра директна поддршка за земјоделците

Објавено во: Агробизнис 04 Август, 2017

Добивај вести на Viber

Владата на вчерашната седница донесе одлука за измени на Програмата за директна финансиска поддршка во земјоделство и на Програмата за рурален развој. 

„Со овие измени, владата директно им излегува во пресрет на земјоделските производители со реализација на низа нови мерки од програмата на владата, уште во првите 100 дена. Станува збор за пакет за директна поддршка во износ од 10 милиони евра, пари кои ќе стигнат во рацете на овоштарите, лозарите, сточарите и поледелците, а тоа ќе значи и поддршка на домашното производство на храна“, посочи министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Министерот дополнува дека со измените на програмата за директни плаќања, им излегуваат во пресрет на барањата на  земјоделските здруженија за зголемување на субвенциите за производителите на пченица кои годинава имаа ниски приноси поради лошите временски услови.

Токму затоа земјоделците ќе добијат дополнителни 6000 денари од хектар пченица, што се вкупно 2 милиони евра повеќе од субвенциите кои ги добиваат сега. За јачменот се предвидени дополнителни 1 денар за килограм јачмен предаден кај  регистрирани откупувачи. Со оваа мерка ќе се надоместат штетите и ниските приноси од годинашната жетва.

„Ќе реагираме и кај лозовите и овошните насади каде што исто така годинава родот е преполовен. За таа цел 25 илјади лозари и 15 илјади овоштари ќе имаат зголемена субвенција од 10% по хектар со цел да се надомести дел од штетата, главно поради измрзнувањето на насадите.  За градинарите исто така одвоивме дополнителни 10%  од висината на сегашните субвенции по хектар, а за сточарите поддршката е преку зголемените субвенции за 10% по хектар фуражни култури. Или, тоа се уште 2 милиони евра предвидени за реализација на овие мерки.

Особено е важна и обрнувам внимание на мерката за која постои огромен интерес од страна на земјоделските производители.Тоа е мерката за финансиска поддршка од 10.000 евра неповратни средства за млад земјоделец. Распишуваме оглас за пријавување на Млади земјоделци, а новите  критериуми за аплицирање ќе помогнат средствата да завршат кај вистински земјоделци“, посочи Николовски.

Како што информираше министерот донесена е уште една измена во интерес на земјоделците поради пропуст на минатата влада. 

Се работи за субвенциите за подигање на повеќегодишни насади. Со оглед на тоа што рокот од 29 февруари воопшто не бил објавен, им излегуваат во пресрет на земјоделците кои извршиле есенско подигање во 2016 година и на оние кои извршиле пролетно подигање во 2017 година. Сите кои подигнале насади ќе можат  да поднесуват барања за исплата до 1-ви септември.

Само овие две нови мерки, во согласност со програмата на владата, ќе овозможат директен трансфер на 6 милиони евра, кои овој пат ќе завршат кај вистинските земјоделци до крајот на годината.

Владата континуирано ќе работи во интерес на земјоделците, односно навремена исплата на субвенциите тогаш кога се најпотребни за земјоделското производство и изнаоѓање на системски решенија за сите проблеми во земјоделството, потенцираше министерот.

Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади