28 Март, 2024
0.0280

Нон-сенс, или зошто не треба да растат каматите

Објавено во: Колумни 23 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

Кога пред два месеца ја напуштав Народната Банка, ни на крајот на паметот не ми беше дека во блиска иднина ќе треба пак да пишувам за монетарната политика во Македонија. Мислев дека монетарната политика ќе си остане исто смртно досадна како што беше изминативе 5-6 години. Зашто, деновите кога министерот за финансии Ставрески, спротивно на сите конвенции, ЈАВНО го повикуваше гувернерот Гошев да ја намали каматата, одамна беа поминати. Дека животот е непредвидлив, уште еднаш се уверив деновиве. Гувернерот Богов, презентирајќи го годишниот извештај на Народна Банка за 2014 година, пред некој ден кажа дека ако политичката криза продолжи, тоа може да доведе до повисоки камати. Медиумите, на кои веројатно им здосади да известуваат само за кампови и протести, сензационалистички ја пренесоа веста, небаре Богов кажа дека каматите ќе скокнат до небо веќе од понеделник. Некои економисти кажаа и дека навистина може да се очекувараст на каматите (види и тука). Епа, драги мои, НЕ Е ТАКА! Јас всушност би кажал дека е НОН-СЕНС да се очекува каматите да растат. Зошто? Од три едноставни причини. Или, ако преферирате академски термини – заради трите варијабли кои влегуваат во оптималното монетарно правило за водење на монетарна политика во економија како македонската. Првата од нив – инфлацијата. Според сите правила за монетарна политика, главната варијабла за која треба да се грижи централната банка е инфлацијата. Инфлацијата треба да се оддржува на некое ниско и стабилно ниво (најчесто, околу 2%). Ако инфлацијата е прениска, тоа може да доведе до дефлација – состојба кога цените паѓаат, заради што луѓето го одложуваат трошењето (во очекување на пониски цени во иднина), што пак води до натамошен пад на цените, заради ниската побарувачка. Тогаш централната банка треба да ја намали каматата, за да стимулира побарувачка, што би довело до раст на цените. Спротивно, ако инфлацијата е превисока, тоа пак може да креира инфлаторна спирала – состојба кога цените растат сè побрзо и побрзо. Тогаш централната банка треба да ја зголеми каматата, за да ја забави побарувачката, а со тоа и растот на цените. Знаете ли колку е инфлацијата во Макеоднија во првите четири месеци во 2015? -0.6%. И со зборови: минус нула запирка шест проценти. Негативна. Знаете колку Народна Банка очекува да биде инфлација за цела 2015?0.5%. Со зборови: нула запирка пет проценти. Позитивна, но ниска. Следствено, гледајќи ја инфлацијата, нема никаква, ама баш никаква, причина за покачување на каматата. Напротив, каматата можеби би требала и да се намали, за да се поттикне побарувачка и раст на цените. Втората причина – економскиот раст. Ова е втората најчесто сретнувана варијабла во монетарните правила. Логиката тука е слична како и кај инфлацијата – ако економскиот раст е пренизок (т.е. тековната економска активност е под производниот потенцијал), каматата треба да се намали, за да се поттикне економијата. Ако растот е превисок (т.е. моменталната економска активност е повисока од потенцијалот), каматата треба да се покачи, за да не дојде до прегревање до економијата, што може да има подолгорочни штетни последици. Народна Банка во своите априлски проекции економскиот раст за оваа година го проектираше на солидни 4,1%. Сепак, со оглед на длабоката политичката криза, која деновиве навлезе во нова фаза, со поставувањето на камповите и со секојдневните протести, скоро и да нема шанси растот оваа година да достигне толку. Затоа, ни втората причина не укажува на раст на каматите. Третата причина – девизните резерви. Девизните резерви се многу важен фактор за монетарната политика во земјите со фиксен девизен курс, како Македонија. Тие треба да бидат на адекватно ниво, за да може централната банка да се грижи за првите две цели кои беа наведени. Така, на пример, ако економијата е во криза, централната банка треба да ја намали каматата. Меѓутоа, ако резервите се на ниско ниво, централната банка може да биде принудена да ја покачува каматата во ситуација на криза, бидејќи намалувањето на каматата може да води до капитални одливи, т.е. до натамошно намалување на резервите. Девизните резерви во Македонија на крајот на април 2015 изнесувале околу 2,3 милијарди евра. Тоа е доволно за покривање на 5 месеци од увозот, без никакви дополнителни приливи (увозот на стоки и услуги во првите два месеца на 2015 бил околу 450 милиони евра). Ова е сосема солидно ниво, зашто златното правило вели дека сè над три-месечна покриеност е безбедна зона. Оттука, ни девизните резерви не укажуваат на тоа дека е потребно покачување на каматите. Затоа, драги мои, мирно спијте. При ниска очекувана инфлација, не многу висок економски раст и адекватни девизни резерви, нема никаква причина за покачување на каматите. Но, се прашувам, ако и дојде до тоа, дали министерот за финансии повторно ќе го повика гувернерот да ја намали каматата? Бранимир Јовановиќ, економски истражувач

Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?