29 Март, 2024
0.0385

Нов руски поглед на надворешна политика

Објавено во: Свет, Колумни 02 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

Вчерашниот ден во Москва го одбележаа два настана. Едниот беше обраќањето на претседателот Владимир Путин пред Федералното собрание, а вториот објавувањето, по неговото одобрување од Путин, на новата концепција на руската надворешна политика. Со тоа престана да важи досеггашната концепција донесена во февруари 2013 година.

Што да се каже за обраќањето во Федералното собрание. Две третини, ако не и повеќе, Путин посвети на внатрешните состојби, проблеми и планови. Накратко, борба со корупцијата, социјалата, образованието, здравството, воената индустрија, земјоделието, IT-индустријата. Бројки и факти. Извозот на земјоделски производи поголем од извозот на оружје. Има современа медицинска опрема, нема лекари за неа.Треба да се реформира образованието. Нова даночна политика од 2019 година. Да се стимулира ITиндустријата која станува извозен адут...Повик за единство пред предизвиците. Но и најави за жестоки реакции на државата кон оние кои се сметаат „попаметни“ од другите и не ги почитуваат другите луѓе, а се занимаваат со вандализам и нарушување на законот.

Крајот на излагањето - надворешната политика. Наместо жестоката реторика од лани, кога во центарот на вниманието беше соборувањето на рускиот воен авион од страна на Турција, овој пат таа беше смирувачка. Очекувања дека десетиците празни години по „студената војна“ годинава ќе бидат заменети со смирување во целиот свет. Приоритетни земји во соработката Индија, Кина, Јапонија, па дури на крајот САД и тоа со новата администрација. Нити збор за ЕУ, за Украина, за Крим…

„Ние не сакаме да се спротивставуваме никому, тоа нам не ни треба ни нам, ниту на нашите партнери, ниту на светската заедница. За разлика од некои странски колеги, кои во Русија гледааат противник, ние не бараме и никогаш не сме барале непријатели. Нам ни се потребни пријатели. Ние никогаш нема да дозволиме наштетување на нашите интереси, нивно пренебрегнување. Ние сакаме самостојно да одлучуваме за нашата судбина, да ја градиме сегашноста и иднината без туѓа помош и небарани совети.“ рече Путин, додавајќи дека Русија е настроена на љубезен, рамноправен дијалог, на утврдување принципи за справедливост и заемно почитување во меѓународните работи.

Рускиот претседател очигледно смета дека Русија е фактор во светот и нуди нови предлози. Само треба да најде партнери за нив. „Подготвени сме за сериозен разговор за изградба на стабилен систем на меѓународни односи во 21. век. За жал на тој план десетлетија, изминати по завршувањето на „студената војна“, пропаднаа бесплодно“ рече Путин.

Него очигледно го болат обвинувањата за ограничување на слободата на говорот во Русија, цензурата, но сега за тоа ги обвини токму тие кои ја обвинуваа Русија. „Нас цело време не обвинуваа за наводно воведување цензура, а сега тиа самите вежбаат во таа насока“, истакна Путин.

Во поглед на соработката со САД очигледно е дека тој смета на новата администрација. „Важно е да се нормализираат и да почнат да се развиваат двострани односи на рамноправна и од заемна полза основа“, смета Путин.

За тоа дека Русија се смета фактор во светот зборува и новата концепција за надворешната политика на Русија. За подготовката на новата концепција годинава во април проговори рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Според него основата на новата концепција ќе биде „преминот кон повеќеполарен“ систем на меѓународните односи, кои ќе треба да се потпираат на зедничкото дејство на водечките „центри на сили“ во интерес на зедничко решавање на глобалните проблеми. Оттука се чини и констатацијата дека „постојните воено-политички сојузи не се способни да обезбедат противдејство на целиот спектар современи предизвици и закани“.  Па затоа се нуди почитување на еднаква и неделива безбедност, која би се применувала кон сите региони.

Како и порано и во овој документ, кој е на 37 страници, приоритет во соработката имаат држави од постсоветското пространство Азија и ЕУ. Интересно е што како основни партнери во ЕУ се наброени Германија, Франција, Итали и Шпанија, а е изоставена Велика Британија. Намерно или поради Brexit-от? Украина, заради новонастанатите состојби не е веќе приоритетен партнер. Балканот не се ни спомнува. Има еден општ став дека Русија со почит ќе се однесува кон изборот на европските држави кои не влегуваат во воени алијанси. Тие држави, се вели, внесуваат реален влог во обезбедување на стабилноста и безбедноста во Европа и Русија е подготвена за конструктивна  многустрана заемна соработка со нив. Дали овде треба да се бараат некои балкански земји? Но, затоа односите на Русија кон НАТО не се променети. Односите со алијансата Русија ќе ги гради водејќи сметка за нејзината подготвеност кон рамноправно партнерство. Нормално Русија и натаму “негативно се однесува кон ширењето на НАТО, приближувањето на воената инфраструктура  кон руските граници и зголемувањето на неговите воените активности во реоните блиски до границите со Русија“. Ново во концепцијата е борбата со Исламската држава, како дел од борбата на Русија со тероризмот во рамки на меѓународна антитерористичка коалиција, врз основа на трајна правна основа.

Многумина по изборот на Доналд Трамп за иден претседател на САД и врз основа на неговите искажувања во предизборието за односите со Русија, очекуваат затоплување на односите, кои сега се на најниско ниво во последниве десетина години. Меѓутоа Русија како да му подготвува жежок терен на идниот американски претседател. Па прашање е како тој ќе се однесува во новонастанатата ситуација.

Заложбата на Путин во Федералното собрание за рамноправно партнерство со САД во новата концепција е детализирана. Како да се изразува мал внимателен оптимизам за подобрување на односите, што е битна разлика од порано.  Русија, според концепцијата, е заинтересирана за изградба на односи од земен интерес со САД и тоа со постепен предвидлив развој на дијалог на рамноправна основа, заемно почитување и немешање во внатрешните работи еден на друг.

Но во некои делови реториката во однос на САД е пожестока. Таму се вели дека „Русија не го признава екстериторијалното остварување на јурисдикцијата на САД надвор од рамките на меѓународното право, не прифаќа обиди за воен, политички, економски или друг притисок и си го остава правото жестоко да реагира на непријателските дејства…“ Американската ПРО е закана за националната безбедност на Русија. Таа исто така има намера да се спротивстави на воените интервенции во други земји реализирани во рамките на концепцијата за „одговорност за заштита“. Овде прво што паѓа на ум е тоа дека Русите пред се го имаат предвид бомбардирањето на СР Југославија и нападите врз Либија под мотото „заштита од хуманитарна катастрофа“.

Русија во концепцијата се противи и на „наметнувањето на други држави сопствена скала на вредности“, кое е наречено дека е еден од дестабилизирачките фактори во меѓународните односи. Веројатно се има предвид „извозот“ на западните „цивилизациски и демократски врености“, дури по воен пат, а кои беа повод за многу војни кои траат до ден денес. Во новата концепција нема обврски Русија да го шири своето учество во меѓународните договори за правата на човекот и наместо тоа се вели дека ќе се зголемува соработката со меѓународни и невладини организации со цел да се зацврстат општопризнатите норми во областа на човековите права.

Менувањето на концепцијата на надворешната политика на Русија сигурно е диктирано од новонастанатите состојби. Колку таа ќе придонесе да се почитуваат руските ставови и желби вградени во неа никој не може да каже. Подготовките за меѓународен натпревар, а концепцијата е токму тоа, не зависат само од сопствената форма. Од другата страна ќе наидете на противници кои исто така имаат свои концепти за иднината на светот. Некои попријателски, некои понепријателски настроени. Не сите го гледаат светот како поле за културен натпревар меѓу народите.

Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

ОСУМГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ Е ЕДИНСТВЕНАТА ПРЕЖИВЕНА - страшна несреќа во Јужна Африка: 45 лица загинаа при пад на автобус од мост (ВИДЕО)

ОСУМГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ Е ЕДИНСТВЕНАТА ПРЕЖИВЕНА - страшна несреќа во Јужна Африка: 45 лица загинаа при пад на автобус од мост (ВИДЕО)

ИСЛАМСКА ДРЖАВА ГО ПОФАЛИ НАПАДОТ ВО МОСКВА: Oбјавија кои ќе бидат нивните следни мети

ИСЛАМСКА ДРЖАВА ГО ПОФАЛИ НАПАДОТ ВО МОСКВА: Oбјавија кои ќе бидат нивните следни мети

ХРАБРА ЖЕНА: Самохрана мајка има два факултети, 2 работни места и пет деца

ХРАБРА ЖЕНА: Самохрана мајка има два факултети, 2 работни места и пет деца

ДЕТАЛИ ЗА ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ДАНКА: Под куќата на семејството Илиќ има големи тунели од рудник

ДЕТАЛИ ЗА ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ДАНКА: Под куќата на семејството Илиќ има големи тунели од рудник

ЕДЕН ОД УАПСЕНИТЕ ЗА НАПАДОТ ВО МОСКВА ПОДНЕЛ ЖАЛБА: Тврди дека е невин

ЕДЕН ОД УАПСЕНИТЕ ЗА НАПАДОТ ВО МОСКВА ПОДНЕЛ ЖАЛБА: Тврди дека е невин

ЗОШТО РУСИЈА ПОТФРЛИ ЗА НАПАДОТ: Москва не им верува на Американците?

ЗОШТО РУСИЈА ПОТФРЛИ ЗА НАПАДОТ: Москва не им верува на Американците?

КЕЈТ МИДЛТОН НЕ ОТКРИ ДЕТАЛИ: Дали се работи за ран канцер на јајници?

КЕЈТ МИДЛТОН НЕ ОТКРИ ДЕТАЛИ: Дали се работи за ран канцер на јајници?

ТАЏИКИСТАНЕЦ ДАЛ ПОДДРШКА НА ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ: Лицето е уапсено во Санкт Петербург

ТАЏИКИСТАНЕЦ ДАЛ ПОДДРШКА НА ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ: Лицето е уапсено во Санкт Петербург

Од 1 април во Германија се менуваат условите за добивање родителски додаток: Овие граѓани повеќе нема да имаат право на надомест

Од 1 април во Германија се менуваат условите за добивање родителски додаток: Овие граѓани повеќе нема да имаат право на надомест