НОВА ДЕМОКРАТИЈА БАРА ОДГОВОР: Бутарис тврди дека Солун не води надворешна политика
Објавено во: Балкан 22 Ноември, 2017
Фактот дека солунскиот градоначалник Јанис Бутарис при посетата на Скопје, ја нарече нашата земја Македонија сѐ уште ја бранува грчката јавност.
Пратеник од опозициската партија Нова демократија, испрати пратеничко прашање до шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас по што Бутарис излезе со соопштение. Пратеникот Ставрос Калафатис се повикува на изјавата на солунскиот градоначалник дека пред патувањето во Македонија разговарал со министерот за надворешни работи на Грција и го прашува Коѕиас за кои теми и за каква согласност станало збор.
„Дали постоеше согласност, а ако постоеше за што беше, меѓу градоначалникот на Солун и министерот за надворешни работи, нешто за што говореше градоначалникот во неговите изјави? На кои теми се однесуваше и со која надлежност ќе разговараше градоначалникот на Солун“- прашува Калафатис.
Бутарис објаснува дека пред секоја посета во странство во рамки на иницијативата „Дипломатија на градовите“ , општината го известува министерот за надворешни работи.
„Општина Солун не води надворешна политика, во никој случај не го претставува Министерството за надворешни работи на таков вид средби, секако, ниту, добива инструкции или насоки. Општината е комплетно во идентична линија со надворешната политика на земјата и позицијата за сложено име во прашањето со името на БЈРМ, позиција што е прифатена од мнозинството партии од опозицијата“- вели Бутарис во писмената изјава.
Бутарис има влашки корени и потекнува од Крушево.