16 Април, 2024
0.0275

Нова национална идеја во Русија – политичка нација!

Објавено во: Колумни 04 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Во понеделникот во Астрахањ, град во делтата на Волга, претседателот на Русија наложи почнување на работата врз Закон за росијската нација. Изјавата беше дадена на заседанието на Советот за меѓунационални односи. На него се разгледуваше „Стратегијата за државна национална политика на Руската Федерација“, донесена во 2012, а која важи до 2025 година. Станува збор за документ од триесетина точки во кој детално е разработена националната политика, развојот, односите и сл. Овде  мора да се даде едно јазично објаснување. Русин и росијанин не е едно исто. Под русин се подразбира припадник на руската нација, додека росијанин е било кој државјанин, припадник на една од над 190 националности во Руската Федерација.

Идејата за носење закон беше предложена од еден од учесниците на заседанието. Станува збор за „Закон за росијската нација и за управување со меѓуетничките односи“. Во законот, според него, треба да бидат „собрани сите иновации, поврзани со меѓунационалните односи“. Путин смета дека таквиот Закон за росијска нација може и треба да се донесе и во него да се вклучи Стратегијата за развојот на националните односи во Русија.

Рускиот претседател го поддржа и предлогот на учесниците на заседанието да се одржи настан „Година на росијската нација“. Според него годината треба да се избере така што не би се совпаднала со некои други серосијски тематски годишни настани.

Нарачката од Путин уште свежа, веднаш почна да се реализира. Вчера од Државната дума дојде веста дека веќе се работи на предлог Законот за росијска нација. Првиот човек на Комитетот за работа со националностите Иљдар Гиљмутдинов, изјави дека рано е да се зборува за содржината на Законот, но веќе се во тек консултации со експерти. Според него Комитетот треба да одлучи дали законот ќе биде рамковен или „сериозен, закон со содржини, кој ќе зборува дека ние сме различни, имаме различни култури, различни традиции, но сме обединети, во една држава, ние сме обединета политичка росијска нација“.  

Од овде почнуваат прашањата. Дали во Русија не се развива нова национална идеја? Зошто баш сега? Кои се причините за тоа? Го има ли Русија предвид искуството за судбините на политичките нации?

Ако веќе задачата е дадена и почнато е со работа врз неа, тогаш е јасно дека руското раководство решило да создава нова национална идеја и ќе озаконува политичка нација.  Веројатно малку е она што го зборува Уставот на државата во кој стои дека „носител на суверенитетот и единствен извор на власта  во Руската Федерација е многунационалниот народ“. Исто така со Уставот се гарантира „Еднаквост на правата и слободите на човекот и граѓанинот независно од неговата националност“.

Зошто баш сега? И кои се причините за тоа? Алексеј Чеснаков, директор на Центарот за политичка коњуктура вели: „Се приближуваат претседателските избори. За значаен дел конзервативци темата за росијскиот народ е омилена. Изборно, Путин дејствува паметно. Тој ги „цементира“ своите приврзаници. За Кирил Мартинов, доцент на Школата за филозофија при Високата школа за економика, „Нациите не можат да се фиксираат по наредба од врвот. Инцијативата звучи апсурдно: тоа е обратен општествен договор, демек нацијата не ја создава државата, туку државата кова нација“. Тој со загрижениост се однесува кон идејата за нација, бидејќи од политичка нација лесно може да се премине кон етничка, и да почне борба за “чистота на нашите редови“. „Во Русија, за жал, нема политичка нација и , можеби, во современиот свет е доцна да се формираат, но Русија не ја сработи таа работа, како што ја сработија европските држави, некои земји надвор од Европа и САД“, вели Мартинов. Во 2018 година во Русија треба да се одржат претседателски избори. Во моментов рејтингот на Путин е висок, а од друга страна економската ситуација во земјата се влошува. За Мартинов не е разбирливо за сметка на што треба да се мобилизира електоратот, ако се’ оди според планот и претседателот може спокојно да оди на избори без таа поддршка.

Според раководителот на Политичка експертска група Константин Калачев најавата на законот за росијска нација е продолжување на идејата за „руска пролет“, која беше најсилна по присоединувањето на Крим. „Токму на тие настани силно порасна рејтингот на Путин. И сега се прават обиди за зацврстување на таа електорална поддршка“, смета Калачев. Според него, прашање е дали тој закон реално ќе ги подобри меѓунационалните односи. Освен тоа засега не се докрај познати деталите, според кои критериуми ќе се определува нацијата. Тој смета дека не вреди да се копира американската идеја за единствена нација со многу националности, без да се води сметка за руската специфика.

Секако на одлуката за формирање политичка нација влијаеја и растот на националистичките идеи, како кај Русите, така и кај другите народи, посебно оние од Кавказот. Во изминатите години градовите, па и Москва беа поприште на меѓунационални тепачки и крвави судири. „Русија на Русите“ извикуваат руските националисти. Голема загатка е Чеченија и нејзиниот лидер Рамзан Кадиров. Пред две години во разговор со еден млад русин, успешен бизнисмен кој не е националист, чув зборови на неодобрување на политиката на Путин кон „осилениот“ Кадиров. И во Татарстан има појави на националистички постапки. Но не помалку се загрижени и т.н. северни народи, кои во Астрахан побараа посебна средба со Путин. Сето ова зборува за незадоволство кое тлее во Русија, а кое може да се излее на улиците и покрај тоа што изгледа дека власта во Русија се уште може да ги контролира работите.

Какво е искуството од политичките нации во минатото? Во Советскиот Сојуз имаше идеја за создавање на „советски народ“. На 24. Конрес на КПСС во 1971 година со декрет „советскиот народ“ беше прокламиран „како резултат на цврстото социјално-политичко и идејно единство на сите класи и слоеви, нациите и народностите, населени на територијата на СССР“. СССР замина во историјата, а со неа и советскиот народ. И ден денес има некои кои се чувствуваат како дел  од  советскиот народ, но тоа поколение е се помалубројно.

Во Источна Германија Единствената социјалистичка партија на Германија  ги концентрираше своите напори во создавање на „социјалистичка нација“ под начелото на марксизмот-ленинизмот игнорирајќи ја важноста на основните состојки кои ги сочинуваат националните идентитети. И таа замина во историјата. Навистина во источниот дел на денешна Германија, кај добар дел од населението се’ уште има јаки чувства на припадност кон социјалистичката нација, но доаѓаат нови генерации.

И кај нас во Македонија и на просторите на поранешна Југославија беше развиено чувството за југословенство, иако тоа не беше прокламирано со декрети како во СССР или пак партијата да биде негов носител. Во пописите на населението за Југословени се изјаснуваа меѓу еден и два милиони граѓани на Југославија. Југоносталгијата останува, но времето си го прави своето. И таа Југославија замина во историјата. 

Дали таква судбина ќе има и обидот за создавање на политичка нација во Русија или пак тоа ќе биде наменски потег за изборите за претседател во 2018 година? А дотогаш треба да помине и 2017 година. 100 години од Октомвриската револуција. Да не се плаши некој во Русија да не му се повтори Великиот Октомври?

Каков и да биде одговорот на овие прашања се чини реалноста е поедноставна кога станува збор за носење Закон за некаква нација и за управување со меѓуетничките односи. Проблемите не се решаваат со „политички нации“. Проблемите се зародуваат уште во семејството, во градинките, училиштата, во маало. И таму треба да се почне. За крај зборовите на експертот Алексеј Макаркин, кој го реконструира мислењето на Русите.  „Како е во животот: демек зборуваат, сите нации се рамноправни, а притоа остануваат некои стереотипи. Многунационалноста е добра, но кога е во соседството“.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?