24 Април, 2024
0.0271

Образованието е сила, парите се моќ

Објавено во: Колумни 19 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Знаењето е сила, знаењето е моќ-флоскула која со години се шири низ нашиот медиумски етер и секое дете може наизуст да ја каже кога и да го прашате. Пеки, мошне добра сентенца која навидум треба да поттикне сознајност, образование и инвестирање во знаењето. Но како тргнала работава и со откривање на факти по се изгледа ќе остане само флоскулата, а ништо нема, ниту во блиска иднина ќе има од вложување и унапредување на знаењето. Денес, во ова наше совремие оваа сентенца пореално е да звичи-знаењето е сила, парите се моќ.

Суми за гоштевање, патување, сместување од кои ќе ви се сврти свеста

На секој добронамерник и чесен граѓанин претпоставувам му се превртеа цревата во мигот кога на очиглед на јавноста се појавија сметките кои се трошеле од страна на челниците во образовните институции. Суми за гоштевање, патување, сместување од кои ќе ви се свтри свеста, суми кои не можете ниту да ги изговорите, а камо ли пак да ги поимате. Да бидам иронична, но претпоставувам дека кога патувале морале да спијат во најлуксузни хотели, опремени со софистициран мебел и гламурозна постелнина, се со цел да имаат мирен и пријатен сон за да утрото им биде бистро и да можат целосно да се посветат на новите образовни технологии кои нели треба да ги научат на патувањето. Или мораат да јадат само кавијар и да пијат најскап шампањ бидејќи лесно ќе им се свари храната и нема да им се преврти желудникот доколку добијат некоја критика за неспроведените образовни реформи.

Луксузирања, без притоа да не се помисли на паднатите кровови во школите

Како бре не ви е срам, како можете мртви ладни да седите и око да не ви трепне за луксузирањата кои сте ги правеле, без притоа да не помислите на паднатите кровови во школите, на санитарните чворови кои се уште од 63 во некои училишта, на кујните во кои се хранат децата, а кои се полни со мувла и влага, на училниците кои прокиснуваат, на децата кои пешачат километри да стигнат до најблиското училиште, на оние кои сакаат да се образуваат а немаат финансии за тоа. Совеста не ли ве пече кога ги гледате сториите за родители со многудетни семејства кои едвај крај со крај врзуваат и не можат да им купат тетратки на своите најмили, на повиците и лелеците од родители чии деца молат за помош, молат за пристоен и достоен живот, на барањата за минимална помош на голите и гладните, изнемоштените и болните...а колку малку само ним им треба. За вас можеби не се ништо сметките од илјадници евра потрошени за ваши баханалии, но за некого тие живот значат.

Додека средношколците и студентите се бореаа за подобро утре, вие се возевте со џамбо џет

Средношколците и студентите со денови протестираа, за подобро утре, за подобри образовни реформи, за подобри образовни технологии, за подобро знаење и подобри образовни институции. Спиеја во шатори, под ведро небо, во училни во кои провевот им ја нарушување тишината, се хранеа со она што добронамерниците им го носеа, заедно, скромно, но чесно и доблесно и издржаа. Секоја чест за нив, но голем срам за вас...И сега ми е јасно зашто немавте време да ги сослушате и видите, додека тие се бореа за подобро средношколско и студентско утре, вие се возевте со џамбо џет, грицкавте лосос и пиевте дон перињон, и секако со здравица-како и да е, нас удобно и убаво да ни е....

Со надеж дека нови ветришта ќе дувнат во нашата ни мила Македонија, ќе вдахнам и малку оптимизам дека навистина ќе дојде денот кога со гордост ќе може да воскликнеме дека знаењето  навистина е сила и моќ, но ако правилно и навремено се инвестира во него.

Проф. Д - р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок