19 Април, 2024
0.0316

Образовните реформи како пуста желба

Објавено во: Колумни 12 Јули, 2016

Добивај вести на Viber

Да се разбереме уште на почетокот. Македонија има проблем со образованието. Проблемите се длабоки, долго таложени и системски и само структурни, добро осмислени, детално дизајнирани и пред сè долгорочни реформи можат да дадат некакви резултати. И како и за сè друго во оваа држава, така и за образованието, кај ДПМНЕ-то, реформите се само пуста желба. Јас во неколку наврати сум го потенцирал овој став – убеден дека сиротите имаат желба да направат промени, да реформираат, ама ниту знаат како, ниту сакаат да слушаат. И многу често се фаќаат за ефемерни проблеми кои, не знам зошто во нивните глави, им се чинат како огромни, како централни. Еве на пример со основното образование и контроверзното „екстерно тестирање“. Прво, јас се обидувам да ја разберам смислата на истото. Знаете, кога и во личниот и во општествениот живот, преземате некоја акција, секогаш треба да го имате суштинското прашање – зошто го преземате тоа што го преземате? Што е целта од тоа, што треба да промени, што треба да придонесе? Зошто воопшто го правите тоа? Претпоставувам дека „детектирале“ проблем на „врски“ и необјективно оценување? И тоа бил мотивот за оваа „реформа“, со која би се натерале наставниците да оценуваат објективно и да не „подлегнуваат“ на врски. Но, прво, како што веќе напишав, тие имаат еден принципиелен пристап во сите реформи: поаѓаат од желбата да превенираат девијација, наместо да стимулираат креација! При тоа, не разбирајќи дека и креативноста е девијација. Дека и „криминалното“ однесување во општествени рамки и креативното и иновативното се девијација, отклонување од стандардот. Но, тие имаат такви „очи“, тие попрво сакаат да го видат „злото“ во нас, отколку доброто. Задоени се со некоја патолошка желба за „превенција“ на злото. Оттука, наместо да го „ослободат“ образовниот простор за креативно изразување и да го стимулираат истото, тие влечат потези со кои сакаат само да превенираат девијација – „врските“ и необјективното оценување. Второ, уште посуштинско е прашањето – зарем мислат дека тоа е најважниот, најсуштинскиот проблем во основното образование!? Сериозно!? Врските и необјективните оценки се клучниот проблем во образованието? Тоа е тој момент кога во главите на ДПМНЕ-то ефемерното им се чини суштинско! Не се никаквите работни услови за наставниците, не се руинираните училници, не е недостатокот на сали за физичка култура, не е недостатокот на материјали за часовите по ликовно, музичко воспитание, не е недостатокот на опрема за часовите по природа, не се немотивираните и слабо платени наставници, не се незатоплените училници во зима и врелите во лето, не е недостатокот на работна етика и култура, не е партизираноста и вработување на партиски најактивните, наместо на најдобрите, не се лошите учебници на нивните „партиски“ автори, откако го „либерализираа“ пазарот, па пишува кој стаса, не се партиските директори кои не се најдобрите и најомилените во колективот и оттука не можат да направат најдобра работна атмосфера, не е „невмреженоста“ на училиштата со партнерски училишта од регионот и Европа, не е „централизираноста“ и диктатот од МОН, наместо креативната слобода на колективот, не е недостатокот на долгорочна и научна втемелена стратегија за развој,... Ништо од ова, во главите на ДПМНЕ-то не е суштински проблем во образованието, не, тоа се врските и необјективните оценки, кои патем од 6-9-то одделение се важни за упис во средно, а децата ги тестираат екстерно од 4-то одделение!? Сериозно!? Сето ова навистина е тажно. Јас уште еднаш потенцирам, верувам дека имаат желба сиротите, ама двете погоре нотирани нешта ги спречуваат да направат сериозно поместување. Прво, патолошката желба за превенција на девијацијата, и неразликувањето на суштинското од несуштинското. Заради првиот проблем, секој обид за реформа им се доживува како притисок и наместо нешто да помести напред, главно поместува назад. Јас ве уверувам, дека заради ваквиот пристап, токму квалитетните, најдобрите, најмотивираните се демотивираат, и функционираат по принципот на „помал отпор“. Најдобрите со нивните реформи престануваат да се трудат и даваат повеќе. Трудејќи се да го убијат најлошото во нас, го убија најдоброто во најдобрите. Вториот проблем на неразликување на суштинското од несуштинското произлегува, од една страна од нивното незнаење, а од друга страна од немоќта да се зафатат со нешто суштинско. Зараде сето ова, секоја нивна реформа се доживува само како пуста желба. И на крајот на денот од сето тоа произелгува тешка пародија. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок