Од 1 април Хрватска воведува визи за Русија и Турција
Објавено во: Балкан 28 Март, 2013
Уредбата за визен режим, во рамки на усогласувањето со прописите на Европската унија, денеска ја измени хрватската Влада, со што од 1 април за влез во земјата на граѓаните од Русија и Турција ќе им бидат потребни визи.
Министерката за надворешни работи Весна Пусиќ истакна дека Хрватска тоа мора да го направи поради пристапувањето во ЕУ, но дека е избран најлибералниот модел во рамките на стандардите на Унијата.
Според Пусиќ, руските граѓани за виза ќе може да аплицираат преку Интернет, како и дека се извршени подготовки во Русија за овие измени.
- Визниот режим за Русија се воведува бидејќи сме обврзани на тоа според правилата на ЕУ, но тоа го правиме што е можно попријателски кон луѓето што сакаат да ја посетат земјата, изјави Пусиќ.
Во однос на Турција важат истите одредби, а специјалните и дипломатски пасоши ќе бидат ослободени.
Премиерот Зоран Милановиќ изјави дека Хрватска не може да оди надвор од ова.
- Тоа е еден, нема да кажам негативен, но помалку поволен аспект од членството во ЕУ за нас, бидејќи државите за кои досега не баравме визи, сега за жал мораме. Тоа е така и ова е најлибералниот режим што можевме да го воспоставиме, истакна Милановиќ.