ОД 1 ОКТОМВРИ: Во оваа држава следи казна од 150 евра за носење бурка
Објавено во: Свет 23 Септември, 2017
Oд 1 октомври во Австрија на сила стапува законот кој забранува носење никаб и бурка во јавност. Покривањето на лицето ќе биде забрането на сите јавни места и згради, вклучувајќи ги училиштата, судовите и јавниот превоз.
Австриската влада постави плакати со кои ги предупредува муслиманските жени дека ќе бидат казнети доколку го покријат лицето во јавност.
Секој кој со облека ќе го прекрие лицето во јавност би можел да биде казнет со 150 евра и на лице место ќе мора да ја тргне прекривката од лицето. Во случај да одбие, ќе биде приведен.
Австрискиот парламент ја одобри забраната уште во мај, и покрај протестите на бројни муслимански групи.
Полицајците на прекршителите кои „ќе го скријат лицето со облека или друг предмет за тоа да не биде препознатливо“ на лице место ќе им ги наплатуваат казните, без оглед дали се домашни или странски државјани.
Забраната е дел од новиот пакет за интеграциска политика според кој емигрантите кои бараат азил мора да посетуваат курсеви по германски јазик, да се пријавуваат на конкурси за работа и да ги прифатат австриските вредности. Во спротивно, ќе им бидат одземени сите бенефиции.