24 Април, 2024
0.0488

ОД ХОБИ ДО БИЗНИС: Може ли да се живее од пчеларство?

Објавено во: Агробизнис 31 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Настинка го натерала четириесет годишниот Зоран Ристовски од Куманово, по професија дипломиран економист да почне да одгледува пчели. Почнал со мал број на пчелини семејства, а со текот на времето го зголемил бројот. Тој веќе неколку години се занимава со пчеларство и вели дека од оваа работа може да се живее, но пчелите бараат откажување, посветеност и финансии. Забележал дека бројот на млади пчелари расте, но вели дека треба да се обезбеди откуп за медот, да се сузбие нелојалната конкуренција и да се мотвираат луѓето да се занимаваат со оваа гранка.

Фактор: Кога започнавте со одгледување на пчели?

Тоа е интересна приказна. Пред 5  години во 2011 година имав некоја настинка, па и јас како сите луѓе решив на интернет сам да побарам некој стар и домашно направен лек. Замислете од десетина рецепти кои ги пронајдов, скоро на сите како основна состојка им беше медот. Тоа ме натера подлабоко да навлезам во проучување на состојките на медот. Така читајќи разни рецепти случајно налетав на една презентација на еден професор во која беше многу убаво објаснето начинот на живот на едно пчелино семејство и поврзаноста на целата семејна структура во друштвото. Од таа презентација бев воодушевен од организацијата и поставеноста на перфектнана заедница на пчелите. Прочитав уште неколку книги во кои беше подетално објаснети праксите на познатите пчелари и начинот на одгледување на пчели. Фасциниран од начинот на организацијата на пчелините заедници, решив да започнам со одгледување на пчели.Бидејки не познавав ниту еден пчелар решив да се обратам до здружението на пчелари во Куманово за помош при набавка на пчелини заедници. За моја среќа од друга страна се сретнав со луѓе кои беа подготвени да ми помогнат за да ги набавам моите први 4  пчелини семејства. Следната година ги зголемив на 10  пчелини семејстав и така секоја година по малку го проширував својот пчеларник.

Фактор:  Дали одгледувањето на пчели ви е основна или дополнителна дејност?

Јас по професија сум дипломиран економист вработен во Централно кооперативна банка АД Скопје. Пчеларството во моментот ми е е хоби со можност да прерасне во основна дејност што зависи од многу фактори.  Сега за сега тоа ми е еден одличен издувен вентил и релаксација после напорниот ден поминат во канцаларија. Дружењето со пчели ме релаксира и опушта. Во литература наменета за пчелари често можете да сретнете дека ,,пчелите чувствуваат кога сте нервозни и лути”. Едноставно уживам во секој момент поминат во природа.

Фактор: Колку кошници со пчели поседувате сега и во кое населено место се лоцирани?

Во моментов имам над 35 пчелини семејства кои се лоцирани во атарот на село Табановце на надморска височина од 333 метри. Далеку од градското подрачје и индустриски зони со што е гарантирано дека производите од пчели се чисти и незагадени.  Оддалечени се од автопатот повеќе од 2,5 км воздушна линија што е уште еден показател дека работам на производство на исклучителен чист и еколошки здрав  мед. Извршени се истражувања каде е утврдено дека пчелите собирачки на нектар можат да прелетат и највеќе до 3 км за да донесат некар.  Имајќи во предвид  дека медот и другите производи ги користаме пред сè јас и моите најблики,  се трудам да произведам што е можно почист и поквалитетен мед.

Фактор: Можели од оваа работа да се живее?

Најпрвин потребно е да имаш љубов кон пчелите. Никој од пчеларите што јас ги имам сретнато не започнале со одгледување на пчели поради приходи, туку од љубов кон пчелата. Со тек на години и со зголемување на бројот на пчелините заедници доаѓа и до профит. Колку бргу ке се развиваш зависи од финансии. Финансиите што како и во секој бизнис па така и во пчеларството се основен двигател за зголемувањето на бројот на пчелините заедници.Вo овој момент висината на цената на медот е задоволителнa и се движи во просек од 6 евра за килограм мед. Пчеларите не се занимаваат само со производство на мед, туку во исто време произведуваат полен, перга, прополис, матичен млеч и пчелин отров. Може да се заклучи дека од пчеларство може да се живее, но бара и многу одрекувања и работа.

Фактор: Колку пчелини семејства минимум се потребни за да се живее од производство на мед?

Според некои анализи правени од страна на еминентни познавачи на пчеларството, што може да се најде и во литературата, познато е дека за едно четворочлено семејство да може нормално да живее потребни се од  50 до 60 пчелини семејства кои ке се добро спремени во екот на сезоната за собирање на нектар. Во  Македонија просекот на добиен мед од едно пчелино семејство се движи од 12 до 18 кг, што не е случај и оваа година. Но, и да се произведе таа количина на мед потребно е и да се продаде. Кај нас нема организиран откуп на мед и на пчелини производи, па така пчеларите се оставени сами на себе да се снаоѓаат за пласманот на производите. За разлика од соседните држави со кои имаме исклучително добра соработка, таму сојузите се грижат за да обезбедат откуп и пласман на произведените количини на мед. Тука мора да го напоменам и проблемот со конкуренцијата од страна на фалсификуваните медови што од ден на ден е сè поголема и поголема. Ние како производители на мед немаме успешен механизам за спротивставување на ова зло,  кое освен што ги деградира и депримира пчеларите,  нанесува и проблеми на потрошувачите на мед.

Фактор: Колку грижа и работа бараат пчелите?

Сите знаеме дека пчелите активно собираат нектар, полен и пропoлис 6 месеци, останатите 6 месеци се во така наречено клубе, зимуваат. Ние пчеларите не зимуваме туку се подготвуваме за наредната сезона. Една пчеларска година започнува од 1 август кога  полека пчелите ги подготвуваме за зима со тоа што на одредени друштва и во интервали им се додава сируп за да ги зголемат залихите на мед што им се потребни за зима. Во зимски период не се практикува отворање и вознемирување на пчелите, освен во определени денови кога мора пчелите да ги третираме од паразити и болести и кога треба (доколку не успеале да соберат храна) да им се додаде шеќерно-медна погача.  Преку цела зима се подготвуваме  така што правиме рамови за во пролет и подготвуваме нови кошници доколку планираме да го зголемиме бројот на кошниците или да извршиме замена на старите кошници. Со првите потопли денови кога температурата ќе го помине 18-тиот степен започнуваме со првиот пролетен преглед каде треба да ја согледаме состојбата на секое друштво и доколку е потребно да извршиме некои корекции. Во март и април следуваат поинтензивни работи во пчеларникот за зајакнување на друштвата и подготвување на истите за првата багремова паша. Во мај започнуваме со производство на матици за сопствени потреби и за продажба. Во тој период исто така се врши и производство на матичен млеч и собирање на поленов прав.  Во јуни и јули се врши производство на роеви како за зголемување на својот пчеларник така и за продажба. При крај на јули се врши собирање (врцање) на мед или собирање на трудот од изминатата година. По собирањето на медот вршиме повторно третирање на пчелите од паразити и болести за кои можеме да зборуваме  во некоја друга прилика. И повторно доаѓаме до 1 август и подготовка за зимување.

Фактор: Дали оваа година беше медоносна?

За жал мора да констатирам, а моето мислење го делат и постарите пчелари дека оваа година е најлошата во изминатите 20-ина години. Истата констатација ја имаме пoтврдено и од поголемиот број на пчеларски здруженија од Македонија, а и од регионот со кои сме во постојан контакт.Во тек е утврдување на причините поради што е дојдено до драстично намалување на количините на собраниот мед. Сигурно големо влијание имаат и климатските промени како и се повеќе експонираното глобално затоплување. Се надевам дека оваа година веќе никогаш нема да ни се повтори.

Фактор: Имаме ли доволно пчелари во кумановско и во Македонија?

Доколку ја исклучиме оваа година, кумановскиот регион како и цела Македонија има потенцијал и ресурси за зголемување на бројот на пчелари. Но, секако дека тоа не е доволно и мислам дека е потребно поголемо ангажирање од страна на државата во делот на зголемување на субвенции за пчелари почетници како и во делот на пошумување. Наместо досегашните пошумувања со зимзелени дрвца истите да се пошумуваат со медоносни садници со што ке се зголеми количеството на произведен квалитетен мед кој ке биде вистински  репрезент на Македонија во светот.  Во последниве неколку години забележувам зголемен број на млади пчелари кои ги посетуваат организираните обуки, што ми дава за право да констатирам дека пчеларството во Куманово и Македонија има подобра иднина.

Сања Атанасовска


Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари