ОД ПОДОБРА ЖЕЛБА ЗА ЖИВОТ ДО ЗАТВОР: Уапсени Македонци во Словачка поради нелегална работа
Објавено во: Балкан 20 Октомври, 2017
Вчера српските медиуми објавија информации за уапсени работници од Србија, Украина, Македонија и БиХ во Словачка.
Од македонското МНР ја потврдуваат оваа информација, а приведените работеле во Словачка со лажни договори за работа.
Имено, пред два дена околу 60-тина работници биле приведени во Шала, место на југозападот од Словачка. Сите тие работеле за јужнокорејска фирма „Shin Heung Precision Slovakia“.
Приведените во меѓувреме се пуштени од притвор со забрана за влез во Европската унија и рок од седум дена да ја напуштат Словачка.
„Словачката полиција во Шала уапсила поради нелегална работа и престој во Словачка 62 лица. Се работи за 27 државјани на Украина, 23 Срби, 8 Македонци и 4 државјани на БиХ. Според информации од српските медиуми, сите работеле нелегално за агенцијата „Shin Heung Precision Slovakia“ која доставувала резервни делови на претпријатијата Samsung, Soni, JVC, LG и Тошиба.
Словачки медиуми пренесуваат дека словачкото Министерство за труд и социјални прашања веќе долго време води броба со посреднички агенции кои ги злоупотребуваат странските работници, ги доведуваат со неважечки договори и не им плаќаат социјално и здравствено осигурување, а кои често работат во полоши услови од Словаците вработени во истите тие фабрики.
Според информациите од МНР, досега ниту еден од Македонците не се обратил до надлежната амбасада.